Првонаградени творби на ликовниот и литературниот конкурс во категорија VI-IX одд

Да се заштитиме седејќи дома и творејќи

    Поминувањето на времето со семејството и нашите најсакани во денешно време станува сѐ подрагоцено. „Брзиот“ начин на живот, потрагата по „подобар“ живот и материјални вредни добра го окупираа целото човечко секојдневие. Родителите се борат за да им обезбедат на своите деца подобро училиште, подобра гардероба, подобри услови за живеење, а децата пак следејќи го нивниот пример, се борат да бидат најдобри, најпаметни и најсакани во околината, да бидат во центарот на вниманието и да се натпреваруваат во секој поглед со другите. Не велам дека натпреварот не е потребен, напротив, натпреварот е исклучително важен за да се изградиме како храбри и здрави личности, но натпреварот треба да се однесува на вистинските вредности, а наградата да не биде материјално добро туку успех кој ќе придонесе нашето општество да биде прекрасно место за живеење во кое ќе владее мир, разбирање, еднаквост и меѓусебна почит. 

Во време во кое сите некаде брзаат, сите „немаат време“ и забораваат што значи „да се живее“, се појави еден толку навидум мал, а всушност огромен проблем кој го надвисна секого од најмлад до најстар и кој покрај сите негативни страни, има исклучително поучни и позитивни страни. Сега навистина учиме како да се заштитиме себе си и нашите најблиски, како да бидеме креативни и да создаваме, работиме и учиме од дома и што е најважно овој проблем ни покажува дека домот е местото во кое сме најбезбедни. Денес кога надвор не е безбедно, затоа што човештвото се бори со вирус кој нанесува огромни штети и ни го менува секојдневието, навиките и начинот на живот, сите ние сме должни да помогнеме во таа борба, да бидеме храбри и силни и да придонесеме светот да ја воспостави потребната рамнотежа која дефинитивно овој тивок непријател ја уништува. Да се биде храбар во овој период, значи да не се престане со извршување на обврските и задачите кои сме ги имале пред настанувањето на оваа ситуација. Напротив, во ова време во кое сите поминуваме повеќе време во нашите домови, потребно е нашата креативност да дојде до израз, да ја ослободиме нашата светла страна, да го ослободиме писателот, уметникот, дизајнерот или музичарот кој се крие во нас. Сите ние треба да создаваме креативни творби, да шириме позитивна енергија и на тој начин да се заштитиме седејќи дома и творејќи. Здодевност – збор кој може да се слушне кога човек не е задоволен од себе и она што го прави. Периодов навистина може да биде здодевен доколку домот го претвориме во затвор, доколку чувствуваме дека седејќи дома сме непродуктивни и не постигнуваме ништо што можеме да постигнеме доколку го поминуваме времето, надвор, на работа, на училиште, со пријателите. Затоа не треба да дозволиме ова да се случи, нашите домови се местата во кои може да се произведат творби кои можат да станат ремек-дела, нашите домови можат да се претворат во галерии, библиотеки, канцеларии, во кои ние ќе бидеме творци на прекрасни нешта, на нови дела на кои сите ќе се восхитуваат. Времето поминато со нашите семејства ни овозможува да создадеме спомени кои ќе останат засекогаш. Во овој период семејствата можат да бидат инспирација за сите деца. Поминувањето на времето дома, денес значи дека се штитиме себе и сите други. Сликање, цртање, пишување, читање, правење на она што нѐ исполнува и нѐ прави среќни, значи творење, создавање на творби кои нѐ прават горди, кои можеме да ги споделиме со другите и да ги поттикнеме останатите истото да го сторат. За момент можеме да се воздржиме од пролетните прошетки, детските игри и поминувањето на времето со другарчињата, за миг мора да се жртвуваме, ако воопшто ова подразбира жртва, затоа што миговите со семејството не може да се сметаат за жртва.

Да останеме во нашите домови! На овој начин ќе се заштитиме и ќе ги заштитиме сите во нашата околина. Да бидеме креативни! На овој начин ќе создадеме творби за кои можеби не би ги создале доколку овој вирус не се појавеше. Седејќи дома и творејќи, ќе се заштитиме од тивикот непријател, ќе извојуваме победа, ќе станеме подобри и покреативни луѓе. Ова е војна во која сите ние ќе бидеме победници, а при тоа оружјето за победа е многу едноставно и секој може и го има, а тоа е дом, семејство и креативност.Во минатото за да се победи во војна, потребно било да се има војска и оружје. За среќа ваквите војни ги нема веќе, но и ова е војна, но војна на целиот свет против еден непријател, за кој единственото оружје е времето поминато со семејството и времето поминато творејќи. Нема полесен начин за победа! ДА ГО СТОРИМЕ ТОА!

Тео Јовиќ 8/2одд

Цретежот е дело на Михаела Стојменовиќ 9/3одд