XL Државен натпревар по Македонски јазик и литература

На 19.06.2017г. во просториите на Филолошкиот факултет
„Блаже Конески“ во Скопје се одржа свеченост по повод доделувањето на
наградите од XL Државен натпревар по Македонски јазик и литература за
основно образование за 2017г.
          Нашата ученичка Марија Спасовска од IX-4 одд.  учествуваше на
овој натпревар кој се одржа во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп и освои III
место.
          И честитаме за постигнатиот успех и и посакуваме понатамошни успеси.
    Одговорен наставник – Катица Стојчевска

Богатството на еден наставник

Одделенски наставник
Елизабета Георгиевска

Обука – Обезбедување на можности за личен развој и интеграција во заедницата на лицата со интелектуална попреченост преку спортот

На 17.06.2017година, во соработка помеѓу Специјалната олимпијада и УНИЦЕФ, се одржа конференција на тема ,, Обезбедување на можности за личен развој и интеграција  во заедницата на лицата со интелектуална попреченост преку спортот,,.  На оваа конференција и  присуствуваа Јорданчо Тодосиев – наставник по физичко и здравствено образование и Елизабета Георгиевска -одделенски наставник.

Специјалната олимпијада  за „Млади атлети“ е програма за спортување и игра за деца со и без интелектуална попреченост на возраст од 2 до 9 години. Целта на програмата  на „Млади атлети“ е да ги запознае децата со основните спортски вештини,  начините како децата заедно да играат и да се дружат.

По воведот кој го дадоа претставниците на Специјалната олимпијада и УНИЦЕФ,  Младите атлети – деца и волонтери, прикажаа практични примери, вежби и игри кои можат да се користат на часовите по физичко и здравствено образование. Потоа следуваше работилница на која волонтерите, наставниците, стручните соработници и водителите на конференцијата работеа во групи и  меѓусебно си ги разменуваа своите искуства околу потешкотиите со кои се среќаваат во секојдневната работа и како истите да се надминат.

Одделенски наставник:

Елизабета Георгиевска

Што прават наставниците додека се на „распуст“

На 10 јуни започнува летниот распуст за учениците. Многумина мислат дека истото важи и за наставниците. Замислете, дури и моите дома до пред некоја година ме прашуваа, дали секој ден ќе одам на работа. А секој втор што ме сретнува ми го поставува прашањето „ И што правите сега кога немате деца? Зошто воопшто одите на работа?

Овој текст е за сите оние што не знаат што работат наставниците кога нема ученици. Па да почнеме од почеток.

Уште првиот ден од распустот започнуваат одделенските совети на кои се утврдува успехот и поведението на учениците, потоа следи и наставнички совет. Потоа се пополнуваат извештаи за истото, во извештајот пополнуваш табела со успех по предмети, табела со успех на ученици по национален и полов состав. табела со оправдани и неоправдани изостаноци по пол, осипани ученици, отпишани и запишани ученици, ученици со изречени педагошки мерки итн.

Откако ќе се утврди успехот следува пишување на оцените за крајот на второто полугодие и годишните оцени во дневникот на паралелката, запишување на изостаноците, мерките и средниот успех по ученик. Препишување на сето тоа во главната книга. Истите тие податоци треба да се внесат и во електронскиот дневник и на крај е пишувањето на свидетелствата. Многу е и ако пишуваш бројчани оцени а замислете како е со описните ( една оцена на  има минимум 500 зборови)

И тоа не е се! (во стилот на Топ-шоп )

Следи подготовка на извештајот за работата на училиштето за изминатата година. Значи повторно наставниците и стручните соработници членови на тимови изготвуваат извештаи за:  приоритетите на училиштето, детска организација, естетско уредување на училиштето и училишниот двор, ученичко – училишна заедница, работата на стручен актив на одделенска настава, стручен актив на општествено – јазична група на предмети, стручен актив на природно-математичка група на предмети, за организирање на ученички екскурзии,  културно- забавен живот, црвен крст, професионален развој на наставниците во училиштето, подобрување на следењето на планирањето на наставата и наставниот процес, подобрување на примената на стекнати знаења од обуките, изготвување на ученичко досие, ЕКО, за работа со надарени ученици,  подобрување на квалитетот на додатна и дополнителна настава,  подобрување и продлабочување на соработката со родителите, инклузија на учениците со посебни потреби и емоционални потешкотии, професионална ориентација на учениците,  меѓуетничка интеграција во образованието, превенција од насилното однесување во училиштето, следење, анализа и поддршка на оценувањето, за увид во педагошка евиденција и документација,  за грижа за здравјето на учениците ….

Од сето тоа и уште многу други податоци се составува годишниот извештај што е поголем од отчетот на една влада.

И тоа не е се! Работата на наставниците не завршува тука. Наставниците треба уште и да го пополнат своето професионално досие со докази за посетување обуки, часови со примена на современи методи, со примена на ИКТ, со примена на диференциран пристап, со итегрирани цели од меѓуетничка интеграција, намалување на насилството, ЕКО, професионална ориентација на учениците, тестови со диференцирани задачи, подготовки и докази за одржана додатна и дополнителна настава, учество во проекти, држење обуки, објавени трудови итн.

Е тука веќе се гледа крајот! Нооооооооо , тоа не е се! Веќе е месец јули и новата учебна година опасно се наближува, мораме да почнеме со изработка на новите акциони планови за сите оние горенаведени тимови и полека да ја изработуваме годишната програма за наредната година.

А кога ќе се вратиме од нашиот летен распуст кој завршува негде околу 12 Август ќе имаме време да ги подготвиме нашите годишни и тематски планирања за наставата и предметите кои ги предаваме, да направиме распоред на часови, план за писмени проверки, план за еко активности, план за посети и екскурзии, план за соработка со родители и родителски состаноци, план за слободни активности, план за секции …… иииии сакате ли уште да набројувам или Ви е јасно што работат наставниците кога нема ученици во училиштето?

Одделенски наставник,

Тања Метикош

 

Последниот час во „Дане“

Септемвриско утро 2008 малите ученичиња за прв пат го пречекорија  училишниот праг. Училишните дни непрестано се движеа и секојдневни искуства учениците нижеа. Беа вредни и работливи, немирни и скокотливи, палави и бесни па клупите им стануваа тесни.

Секојдневно растеа и нови доживувања се пластеа. Први солзи радосници, први единици и петки, први лапсузи и смешки, први симпатии и љубовни грешки. Наставниците во летот ги следеа и секојдневни насоки им делеа.

Денес кога последниот час ќе пројде, секој ученик по својот пат ќе појде. Го напуштаат училишното гнездо, со желби секој да го пронајде своето место.

Летајте слободно ученици наши, животот е пред вас и тоа нека не ве плаши! СРЕЌНО!

Елизабета Георгиевска

ПРВЕНЕЦ НА ГЕНЕРАЦИЈА 2017

Ѕвездо сјајна!

Од ѕвезденото небо,  сите навидум  исти но секоја со свој сјај, блесна најсјајната по име ТАМАРА. Одговорна, вредна, исполнителна, хумана, дружељубива ученичка, која остави посебен белег во срцата на наставниците и учениците. Го покажа патот по кој треба да чекорат и останатите генерации. Постави високи критериуми и затоа се закити со титулата ПРВЕНЕЦ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА.

Продолжи да светиш со сиот свој сјај ѕвездо сјајна!

Одделенски наставник

Елизабета Георгиевска

ЗАБАВА ЗА КРАЈ!

И така по девет години учење и дружење, наградување и казнување, смеење и плачење, петки и единици, кавги и сакање, работа и џаболебарење …. дојде крајот. Генерацијата 2008 – 2017 заминува од нашето училиште. Ние наставниците се потрудивме да им го пренесеме нашето знаење, да ги насочиме на правиот пат. Секој од нив зема толку, колку што можеше или колку што сакаше. Ние сме горди на секој од нив, тоа беа прекрасни деца, прекрасна генерација. Им посакуваме успех во понатамошното школување, им посакуваме да бидат среќни и весели како што беа тука. За крај   НЕМОЈТЕ  ДА НЕ ЗАБОРАВИТЕ И НЕМОЈТЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИТЕ! Вашето дружење нека продолжи и понатаму, другарството нема крај!

Овие фотографии нека ве потсетуваат на вашето детство, затоа што веќе зачекорувате во светот на возрасните. СРЕЌНО!

ПС  Фотографиите не се со некој висок квалитет. Дали е до фотографот, дали е до апаратот или е до Вас затоа што не бевте мирни ни секунда, не знам. Но за сеќавање се добри, присутните во своите глави и во своите срца ја чуваат чистата слика  <3

Oдделенски наставник

Тања Метикош

 

Еднодневен излет – Рекреативен центар „Сарај“

На 30.05.2017 г. за учениците од второ до деветто одделение нашето училиште организираше еднодневен излет до рекреативниот центар ,,Сарај”.  Погодните временски услови, убавата и чиста природа, големото пространство и дебелите сенки им овозможија на учениците и наставниците да поминат пријатни часови во природа и да се рекреираат.
Ова беше последна екскурзија за оваа учебна година. Традицијата ќе ја продолжиме и следната учебна година на нови локации.