Работилница „Ученичко учество“

По кратка пауза и на наша голема радост, продолжуваме со активностите во рамки на проектот „И јас имам глас“, во организација на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. На 9.4.2021 година се одржа работилница на тема „Ученичка вклученост“, во која дискутиравме за правата и обврските на Ученичкиот парламент. Во работилницата зедоа учество ученици – членови на Ученичкиот парламент, наставници и директори од четири основни училишта од Македонија, меѓу кои и нашето училиште. Под водство на предавачот Томислав Гајтаноски се запознавме со законите кои го регулираат функционирањето на ова ученичко тело; со личните карактеристики кои треба да ги поседува секој член на парламентот за да може одговорно и успешно да ги претставува своите соученици и да ги застапува нивните права во училиште и пред наставниците; со обврските кои ги преземаме кога ја прифаќаме одговорноста да ги претставуваме нашите соученици; подетално се запознавме со надлежностите кои ги има Ученичкиот парламент; повторивме и некои знаења од предметот граѓанско образование кои се однесуваат на детските права. Со работењето во мали и поголеми групи се запознавме меѓусебе малку подобро, соработувавме и споделувавме идеи кои потоа ги презентиравме пред сите присутни. Атмосферата за време на целата работилница беше позитивна, предавачите, наставниците и ние учениците бевме расположени, мотивирани, активни и со задоволство ги изразувавме нашите ставови и мислења.

Алексеј Стојановиќ VIII-3

Учество во работилница со Градската Библиотека Риека од Хрватска

Живееме во 21 век во кој дигиталниот свет успева да го заземе местото на многу претходни навики што биле дел од нашето секојдневие. Па така овој свет нѐ поттикнува да го изберема филмот пред книгата по која е изрежиран или наместо да ја посетиме омилената книжарница или библиотека и да ја купиме или позајмиме посакуваната книга, го бираме начинот со едно кликање на електронскиот уред да дојдеме полесно до книгата по која толку многу мечтаевме, но ниту еден друг начин не може да го замени чувството на прочитана  книга која ја држиш во рака.

На 7-8 април 2021г., во рамките на Еразмус+ проект се реализираше дводневна, осумчасовна, онлајн, “Работилница за развој на компетенции за писменост и изучување на странски јазици преку воннаставни активности”. Оваа работилница претставува дел од активностите за учење и обука во рамки на овој проект  и се реализира од страна на Доминиум културно јадро Скопје, Градска Библиотека Ријека од Хрватска  и СОУЕЕ „Константин-Кирил Философ“ од Русе, Р. Бугарија.

На првиот ден од работилницата имавме уникатна можност да слушнеме нешто повеќе за работата и проектите на Градската Библиотека Ријека и разменивме искуства во спроведување активности за унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици кај учениците од основното образование со останатите учесници.

Вториот ден од работилницата беше посветен на начинот на воспоставување и функционирање на клубови за книги/читачки клубови, и од теоретски и од практичен аспект, како и придобивките за учениците од клубовите.

Задоволство беше да се присуствува на една ваква креативна работилница од која може да се добијат инспиративни идеи кои понатаму ќе бидат инплементирани во нашите воннаставни активности.

                    Учесници од ООУ„Дане Крапчев“- Скопје:

                               Анета Митевска- наставник по француски јазик,

                                Елена Малинова-наставник по македонски јазик,

  Катица Стојчевска-наставник по македонски јазик,

                           ВеснаТрајковска-наставник по англиски јазик,

          Жаклина Атанасовска-библиотекар.

ГИ ЗАПОЗНАВАМЕ РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ

По повод ДЕНОТ НА ЗДРАВЈЕТО, во чест на сите здравствени работници кои несебично даваат се од себе да го зачуваат здравјето на сите, учениците од 8 и 9 одделение од ООУ„Дане Крапчев“ во изминатиот период изработуваа плакати на часовите по ликовно образование на тема- ГИ ЗАПОЗНАВАМЕ РЕТКИТЕ БОЛЕСТИ

. Се надеваме дека на овој начин ќе го свртиме вниманието кон проблемите со кои се соочуваат луѓето со ретки болести и дека ќе бидеме отворени за да им помогнеме да ги совладаат сите предизвици, препреки и тешкоии со кој се соочуваат секојдневно. Воедно на овој начин го одбележуваме Денот на здравјето и во услови кога сечие здравје е загрозено, се надеваме дека сите ќе бидеме хумани и одговорни и за себе и за другите.

7 АПРИЛ – ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

Светски ден, ден посветен на подигање на свеста за здравјето на луѓето ширум целиот свет.  Ден кога е основана Светската здравствена организација. Неговото одбележување започнало од 1950 година. Ден за да се привлече внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот. Се одбележува со бројни светски, меѓународни, регионални и месни настани посветени на соодветна тема. Учествуваат владите на државите, владини и невладини организации што се занимаваат со здравствена проблематика, пред се јавното здравје на луѓето. Се приредуваат настани, активности, јавни гласила. Секоја година се иницира здравствена тема која ги поврзува луѓето од цел свет, под покровителство на Светската здравствена организација. Оваа година тема се, и повеќе од заслужено, здравствените работници. Луѓето кои пожртвувано се грижат за нашето здравје.

А што е здравје ?

Здравјето е состојба на потполна физичка, психичка и социјална благосостојба , а не само отсуство на болест и изнемоштеност. Токму за него се борат и творат нашите овогодишни херои.

Годинава, повеќе од било кога, 7 Април е ден на сите здравствени работници. Но не само овој, сите денови во изминатата година и половина, година на пандемија, треба да им ги посветиме на нив. На луѓето кои се борци и  херои на ова наше време, време-невреме. На тие што се на работните места деноноќно. Тие кои се борат со невидливиот непријател, за нас, за вас, за нив. За нашите, за вашите, за нивните најблиски. За сите на овој свет. Оваа пандемија, оваа војна со нешто толку мало и невидливо, а толку силно, разорно, уништувачко се надевам ќе не освести и научки колку се вредни за нас, колку се потребни во секое време и како треба да ги сакаме и почитуваме.

Секој ден се поуморни се враќаат дома после напорното и стресно деноноќие, полни со страв за себе и своите најмили. Но следното утро повторно се будат полни со сила, воља, енергија и пред се желба да помогнат таму каде што треба и на тие што најмногу им требаат. И секогаш со насмевка, убав и мил збор, топол и нежен пристап кон секого. Вредни, брзи, пожртвувани и за болните да оздрават и за здравите да си го одржат здравјето, и физичко и ментално. Тоа се луѓе со огромни срца и души. Луѓе во кои љубовта, добрината, желбата за помош на секого немаат граници. Луѓе кои не знаат за доста кога треба да се помогне и спаси нечиј живот. Луѓе кои не знаат за разлики. За нив сите се исти и по вера, и по националност, и по боја на кожа, и по образование.  За нив секој е ЧОВЕК и само ЧОВЕК. Што уште да се каже. Не постојат зборови со кои може да ги опишеме нив,  нивната добрина, нивната работа, нивниот труд. Сега најубаво ги гледаме нивните вредности и квалитети.. Тоа што тие го прават за да може повторно светот да се врати на убавото и слободно време кога се движевме слободно, без страв едни од други и кога дишевме без маски исполнувајки си ги градите со слобода. А сега ни останува само да ги почитуваме, сакаме,слушаме нивните совети и препораки и така да си помогнеме самите на себе, а ним да им ја олесниме работата и да ги поттикнеме да издржат во ова модерно лудило. Да си помогнеме едни на други па нашите и нивните  умови да размислуваат повторно слободно, без страв. Да ги гледаме повторно нивните насмеани лица, толината и љубовта во нивните очи и срца.

Ајде да направиме и ние нешто за чуварите на нашето здравје низ целиот свет. Да ги испочитуваме барем со еден убав поздрав, со стих, со песна, со цртеж, со насмевка. Со убав збор  кога ќе ѓи видиме како изморени  се враќаат од работа. Да им дадеме надеж, нематеријална награда и потврда за нивниот труд и грижа. Да им олесниме со убава порака да издржат во секојдневието и да почувствуваат дека и ние се грижиме за нив. Само така можеме да им возвратиме, иако знам дека тие не работат  за возврат туку од хуманост и љубов кон професијата и луѓето. Поздравете ги на било кој начин СИТЕ медицински работници на овој свет кои  работат за спас на сите нас.  Знаете … овој непријател не се уништува ниту со најсилната војска, ниту со најмоќниот арсенал на овој свет.  Може да го спречат само ТИЕ. Тие се и нашата војска и нашиот арсенал. Наше богатство, наше СЕ !

ТИЕ СЕ ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ШИРУМ ЦЕЛИОТ СВЕТ. НЕКА ИМ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ 7 АПРИЛ – НИВНИОТ ДЕН.

Цртежите ги изработија Ангела Анѓелковска 9-3, Ева Серафимовска 7-4, Ања Јовановска 7-4, Теа Јордановска 6-3 и Рефератот Горазд Стојановски 7-4 одд.

АПРИЛИЈАДА КОВИД-19

Во година поинаква од сите претходни, повторно решивме да се забавуваме. Овој 1 Април, изостана традиционалната Априлијада по повод Денот на шегата која ја организиравме со дефиле под маски во нашето училиште Дане Крапчев, но настанот не го заборавивме и го одбележавме на поинаков и интересен начин.

  Во услови на пандемија, организиравме награден конкурс во кој право на учество имаа сите ученици од I-IX одделение. Нашата цел беше да се креираат заштитни маски во духот на шегата. Маски кои ќе не заштитат од вирусот, но воедно и ќе не насмеат и ќе внесат малку ведрина во нашите животи во овие моменти.

 Ја поттикнавме креативноста кај учениците, а пак тие ги споделија своите креативни дела со нас и со јавноста. А пак ние како училиште изработките на заштитни првоаприлски маски ги ставивме на гласање со цел избор на најубава заштитна маска.

Според критериумите на конкурсот и начинот на гласање избрани се следните маски:

– ПРВО МЕСТО – Калина Караџоска 4-1 реден број 004 со освоени 756 👍

– ВТОРО МЕСТО – Јана Додевска 2-2, реден број 022, со освоени 634 👍

– ТРЕТО МЕСТО – Давид Трајановски 4-1, реден број 009 со освоени 328 👍

  За изненадувањата и првите три наградени маски се погрижи фармацевтската компанија Синерџи Витамини Македонија (Synergy Vitamins Macedonia).

SynergyVitamins  и во овие моменти предизвикавте радост, задоволство, борба за што поголем успех и секако измамивте искрени насмевки на детските лица.Од срце Ви благодариме   SynergyVitamins

Првоаприлски маски кои ги израборија учениците од Проекти од ликовна уметност