„УЧЕНИЧКА КВИЗОТЕКА 2026/27“ – ЗНАЕЊЕ НА ДЕЛО!

На 29 октомври, во Детскиот културен центар „Карпош“, се одржа „Ученичка квизотека 2026/27“, на која нашето училиште го претставуваа Ангелина Трпковска (IX-1), Меланија Георгиевска (IX-2) и Јана Ангелоска (VIII-3).

Нашите ученички се натпреваруваа со врсниците од ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Гази Баба и ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Аеродром, покажувајќи знаење, снаодливост и тимска соработка.

Во квизот учествуваат ученици од 53 училишта во Скопје, што го прави ова искуство уште позначајно.

Им честитаме на Ангелина, Меланија и Јана за учеството и успешното претставување на нашето училиште!

ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ ОД МАЛИ НОЗЕ: ЗОШТО Е ВАЖНО ШТЕДЕЊЕТО?

Во рамките на месецот на штедењето, денес претставниците од НЛБ Банка – Ченто ги посетија нашите третоодделенци и одржаа едукативно предавање.

​Учениците преку забавен квиз ги покажаа своите знаења за тоа како и зошто се штеди, а на крајот беа изненадени и со заслужени подароци!

​Голема благодарност до тимот од НЛБ Банка за прекрасната дружба и соработка.

БРЗИНА, ВЕШТИНА И СПОРТСКИ ДУХ!

Учениците од III одделение од нашето училиште учествуваа на спортски полигон во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт на Гази Баба, кој се одржа во ООУ „Вера Јоциќ“ – Хиподром.

Нашите ученици се истакнаа со одлични спортски вештини и го постигнаа најдоброто време во првиот дел од натпреварувањето!

Под раководство на одговорниот наставник Томислав Спасовски, нашите мали спортисти покажаа труд, тимски дух и вистинска спортска енергија.

Браво за сите! Продолжете да нижете успеси!

GREEN MINDS. GREEN FUTURE.

Нашите наставнички Катерина Лукарова, Марија Николоска Наневска и Маја Величковска — учествуваа на првиот транснационален состанок во рамките на Еразмус+ проектот „Зелени училишта во акција“ (GSIA), кој се одржа од 22 до 24 октомври во Мегидија, Романија.

Заедно со партнерите од Германија, Турција, Грција и Романија, разменија идеи и искуства за тоа како еколошките навики да станат дел од секојдневието во училиштата.

Убавите промени почнуваат со мали чекори, а заедно можеме да направиме многу!

ЗНАЕЊЕТО РАСТЕ КОГА ГО СПОДЕЛУВАМЕ,А ЗЕЛЕНИТЕ НАВИКИ ГИ ГРАДИМЕ ЗАЕДНО !

Наставници од нашето училиште, заедно со наставниците од ООУ „Григор Прличев“ и ООУ „Крум Тошев“, учествуваа на акредитирана обука на тема „Интеграција на еколошки теми во наставата и развивање зелени навики и одговорно однесување кај учениците“.

Обуката, организирана од Министерството за образование и наука (МОН), а реализирана од Academy CES, ја водеше обучувачот Александар Алексовски.

Преку размена на искуства, идеи и практични примери, наставниците имаа можност да размислуваат како еколошките теми да станат дел од секојдневната настава, а грижата за животната средина – навика што се гради уште од најмала возраст.

Затоа што зелените навики не се учат само од книги – тие се создаваат со личен пример и секојдневни постапки!

ЗАЕДНО ДО ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ И ПОДГОТВЕНОСТ

Денес, во нашето училиште тимот на Црвениот крст спроведе вежба за евакуација во случај на елементарни непогоди.

​Со целосна посветеност и според утврдениот план за евакуација, секој вработен организирано и безбедно ги евакуираше учениците надвор од училишните простории.

Ваквите активности се од клучно значење за градење навики за правилно реагирање, смиреност и взаемна поддршка кога тоа е најпотребно.

​Посебна благодарност до одговорните наставници Катерина Димовска и Марија Шереметковска за одличната организација и реализација на вежбата!

16 ОКТОМВРИ– СВЕТСКИ ДЕН НА ХРАНАТА!

Денес, во организација на нашиот Еко-тим, учениците од петто одделение подготвија богати штандови со свежи овошја, зеленчук, здрави ужинки и креативни овошни аранжмани.

Преку практичен пример и меѓусебно дружење, тие ја пренесоа пораката за важноста на здравата исхрана и правилните животни навики.

​Голема благодарност до сите ученици, наставници и родители кои нè поддржаа и придонесоа за успешна реализација на оваа активност!

15 ОКТОМВРИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ПЕШАЦИТЕ

По повод Меѓународниот ден на пешаците, денес нашите учениците спроведоа едукативна активност во блиската околина на училиштето, делејќи флаери со пораки за важноста на пешачењето, здравите животни навики и безбедното учество во сообраќајот.

Со оваа активност, учениците испратија порака дека пешачењето придонесува за подобро здравје, почиста животна средина и поголема безбедност во сообраќајот.

Пешачете повеќе – живејте поздраво и движете се безбедно!

КОГА МУЗИКАТА ГИ СПОЈУВА ГЕНЕРАЦИИТЕ

Нашето училиште денес беше исполнето со музика, детска радост и прекраснo дружење!

Ни беа гости дечињата од градинката „25 Мај“, кои заедно со својот музички педагог донесоа песна, насмевки и многу позитивна енергија.

Членовите на нашиот мандолински оркестар им ја открија магијата на мандолините и другите народни инструменти, доближувајќи им дел од богатството на нашата музичка традиција. А малите гости возвратија со весели детски песни и ја претворија средбата во вистинска музичка дружба!

Кога традицијата ќе се сретне со детската искреност, се раѓаат моменти што се паметат!

Благодарност до градинката „25 Мај“ за прекрасната соработка. Нека продолжат нашите музички приказни, исполнети со дружење, креативност и многу насмевки!

ДЕЦАТА КОИ ЧИТААТ ЌЕ ПОРАСНАТ ВО ЛУЃЕ КОИ РАЗМИСЛУВААТ

Ајде да ја откриеме магијата на книгите! 👀

Ве покануваме да ја посетите нашата нова е-библиотека, каде што ве очекува свет полн со приказни, знаење, авантури и нови откритија!

Во нашиот книжeн фонд ќе пронајдете:

Задолжителни лектири

Книги за деца и млади

Стручна и научна литература

Белетристика и уште многу интересни наслови!

Како да стигнете до вашата следна омилена книга?

Зачленете се со вашата е-мејл адреса.

Најавете се со вашата лозинка на:

https://biblioteka.oudanekrapcev.edu.mk

Одберете книга и почнете ја вашата следна книжевна авантура!

Читањето не е само хоби – тоа е начин да размислуваме поинаку, да откриваме нови светови и да растеме со секоја прочитана страница.

Твојата следна омилена приказна те чека во е-библиотеката на ООУ „Дане Крапчев“!