Второнаградени творби од ликовниот и литературниот конкурс во категорија од VI-IX одд.

Цртежот е дело на Дина Шабановиќ IX3 одд.

Да се заштитиме седејќи дома и творејќи

                Дома сум веќе четврта седмица, училиштето е затворено. Ретко излегувам, само во двор. Гледам и не можам да верувам. Се радувам кога гледам дека природата полека започнува да се буди. Сега како никогаш претходно  човек може да ја набљудува природата.

                Ги нема звуците на автомобилите, по улиците ги нема и бучните мотори, ги нема нервозните возачи, забрзаните луѓе по улиците. Го  нема џагорот на децата кои одат или се враќаат од училиште. Нема никој, нема ништо.

На улиците има само бездомни кучиња. И тие се чудат  и сигурно се прашуваат, каде се луѓето, каде заминале?

                Влегувам дома, отворам интернет, гледам видео клипови  снимени со дрон  во мојот град, во  моето Скопје. Тажно е, празно, во прв момент гледам чисти улици зеленило покрај тротоарите , расцутени  цвеќиња , но нема живот, ги нема луѓето. Ги гледам снимките од Рим, Венеција, Париз,  Њујорк, Лондон, Пекинг, не можам да верувам, тие милионски градови сега се празни. Светот застана.

                 Кој би рекол ? Зарем е можно?

                 Никогаш не помислував дека светот може да застане . Дека таа огромна кошница ќе се смири, ќе мирува. Дека човек од човек на улица ќе се плаши, дека луѓето ќе бегаат едни од други. Дека нема да можеш да си купиш храна, дека нема да можеш да излезеш кога сакаш. Дека пролетното сонце ќе го гледаш само низ прозорец. Но се случи и тоа. Сите сме во шок. Светот се бори против мал, невидлив убиец.  Сѐ  ова е толку неверојатно и збунувачко. Сите постојано се прашуваме, ќе издржиме ли, уште колку  ќе трае  ова, уште колку луѓе ќе заболат , колку ќе се излечат, ќе се најде ли лек,  ќе издржат ли докторите, ќе има ли доволни маски, ракавици , ќе излеземи ли како победници?

                  Веројатно уште долго ќе се прашуваме, уште долго ќе бидеме затворени дома, уште долго ќе се будиме и легнуваме со гледење  вести. И јас редовно ги слушам иако претходно никогаш не сум го правела тоа.

Најчесто употребувани зборови овој месец се: Корона, Ковид 19, Филипче, респиратори, полициски час, карантин, пресконференција….чудни некои зборови.

Се прашувам ќе издржат ли сите? Ова ни е можеби некое предупредување од природата дека има и посилни од нас луѓето.

Сите велат кога ова ќе заврши ќе мора да живееме со побавно темпо, ќе мора да мислиме повеќе на себе, на нашето здравје, на нашите семејства, ќе мора повеќе да се сакаме себе си и природата.

                     Знам дека ќе излеземе како победници.Знам дека ќе го победиме невидливиот убиец. Знам дека  светот повторно ќе продолжи да живее. Но знам и дека човекот ќе треба да сфати дека не е најмоќен. Дека малите и невидливите нешта се најмоќни и најголеми. Против нив си немоќен.

                                                                                                                                       Лорина Јакимовска 8/4 одд