5 ОКТОМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА УЧИТЕЛОТ

Во рамките на Детската недела со многу насмевки и емоции го одбележавме Светскиот ден на учителот!

​Преку прекрасен рецитал, рачно изработени честитки и пораки со благодарност, нашите ученици им оддадоа признание на своите учители за нивната посветеност, љубов и знаење што им го пренесуваат секој ден.​

​На сите просветни работници им го честитаме нивниот ден – останете и понатаму сјајна ѕвезда што го осветлува патот на знаењето.

2 февруари – 114 години од раѓањето на Дамјан Крапчев – Стари

Денес, преку ученички активности и креативна работа, го одбележавме роденденот на нашиот патрон – Дамјан Крапчев – Стари.

Учениците се запознаа со неговиот живот и делото што го посвети на слободата и татковината.

Како училиште што гордо го носи неговото име, продолжуваме да го чуваме споменот и вредностите што тој ги остави зад себе.

5 Мај – Денот на македонскиот јазик и азбука

Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нѐ оставил сами

и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме.” Петре М. Андреевски.

Нека ни е честит 5 Мај, Денот на македонскиот јазик и азбука!

Активност подготвена од ученици од 6 до 9 одд. со наставниците по македонски јазик- Елена Малинова, Катица Стојчевска и Марија Шереметковска.

Ученици од II-3 и II-4 одд. со наставниците-Емилија Блажевска и Весна Стојковска.

ДЕН за ПОЧИТ кон МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК!

Големиот одмор, денес посветен на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик под мотото: ,,Јазикот сум јас, јазикот си ти, јазикот сме ние!”

Со топол чај, творби и пораки за јазикот, учениците од предметна настава со своите наставници по Македонски јазик и учениците од второ и петто одделение го одбележаа Денот на мајчиниот јазик.

Говорете го правилно и негувајте го мајчиниот јазик!!!

Само така мајчиниот јазик ќе звучи силно, чисто и ќе биде вечен!

8 ДЕКЕМВРИ – Ден на Св. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

Денес го одбележуваме 8 ДЕКЕМВРИ – Ден на Св. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ најпознатиот ученик на браќата Кирил и Методиј и значаен лик во христијанството и просветителството.

Свети Климент го создал првиот словенски универзитет- Охридската книжевна школа.

Тој е СВЕТИЛНИК НА ПИСМЕНОСТА. Неговата дејност и мисија се патоказ за секој учител.

Вечно да се слави неговото име и неговото дело!

Нашите вторачиња од II-3 одд. и наставничката Емилија Блажевска твореа во чест на големиот учител.

5 Oктомври – Денот на учителот

За денот на учителот, младоста и искуството на едно место

Токму училишната библиотека беше сведок на емотивна средба меѓу најмладите и најискусните наставници од нашето училиште.

Пораката беше јасна – УСПЕШНИОТ НАСТАВНИК е достоен, посветен, срдечен, толерантен, грижлив, емпатичен, ентузијаст и инспиративен

Учениците од ученичкиот парламент во улога на новинари за ,, Денот на учителот”.

Делови од интервјуата со нашите наставници во прилог.

ГОРДАНА ПАВЛОВА

– 40 години одделенски наставник.

Нашата Горде по 40 години минати во образование како одделенски наставник, минатата седмица замина во пензија.

Животниот пат ја водел во неколку училишта за последните 19 години да ги помине во нашето училиште.

Цели девет генерации ученици се дел од нејзината наставничка кариера. Таа ни раскажа дека секоја генерација имала свои идентитет по кој се разликувала од претходната и секоја оставила траен белег во нејзиното сеќавање.

Ние колегите генерациите на Горде ќе ги паметиме како тивки, ненаметливи исклучително вредни и најважно од се полни со љубов и емпатија пренесена од нивната наставничка.

Горде со многу емоции зборуваше и за средбите со нејзините поранешни ученици, кои денес се возрасни, семејни луѓе со најразлични професии.

Нејзиниот бележник со анегдоти е полн со интересни случки кои даваат одговор на прашањето, зошто наставничката професијаа е најубава и најблагородна.

Горде еве веќе една седмица и официјално е среќен пензиониран наставник кој на колегите им даде ветување дека со задовoлство ќе продолжи да го посетува училиштето и да дава мудри совети за животот по кои беше препознатлива.

Новинар:Тара Спасиќ 9-2 одд.

ЈОВАНКА ГРУЈОВСКА

-35 години одделенски наставник

Нашата Јованче 31 година е наставник во училиштето.

Таа ќе каже:,,Да се биде учител е привилегија затоа што се работи со најнежниот, најискрениот и најважниот свет”. Учителската работа е и мисисонерска затоа што не само што го образува умот туку и го обликува срцето на младиот човек.

Низ нејзината училница минале седум генерации ученици, со секоја од нив и таа растела и се надградувала. Како што самата ќе каже секоја генерација ја инспирирала да биде подобра верзија од себе. Секоја генерација оставала посебен печат, во зависност од времето во кое се образувала и секоја е дел од нејзината животна приказна.

Со љубов ни раскажа за секојдневните средби со нејзини ученици меѓу кои има одлични работници во својата професија, доктори, музичари, архитекти… Таа посочи дека средбите со нив секогаш се топли, срдечни и емотивни.

Младите колешки спонтано ги посоветува дека добриот наставник треба да поседува знаење, да ги прати модерните текови и напредокот на образованието и во своето срце да има многу љубов кон децата. Да биде самокритичен и секојдневно да ја оценува сопствената работа, да учи од сопствените грешки за да напредува.

На крајот од интервјуто нашта Јованче кажа дека денес, најмногу емоции кај неа предизвикуваат сочуваните писма, честитки, пораки и напишани стихотворби од учениците.

Ни откри дека често ги чита и како времето одминува така тие и се сѐ подрагоцени.

Среќни сме што таа и ден денес е дел од нашето училиште.

Новинар: Софија Мијалковска 9-3 одд.

МАРИЈА ШЕРЕМЕТКОСКА

-најмлад предметен наставник во училиштето.

Наставник по македонски јазик.

Марија има 2 години работен стаж во нашето училиште и прво побаравме од неа да се потсети на својот прв работен ден. Веднаш со насмевка, која е препознатлива за неа ни раскажа дека тој ден била пресреќна затоа што нејзиниот детски сон станал реалност.

На прашањето со какви предизвици се соочува секојдневно, посочи дека секој ден е поразличен од претходниот. Главен предизвик и е кај учениците да развива пред сѐ љубов кон мајчиниот јазик, но и навика за читање.

Марија истакна дека тоа што е најмлада во училиштето донекаде и е предност во комуникацијата со учениците, бидејќи генерално ги разбира нивните потреби и секогаш сака да им помогне со совети и убав збор .

Кога ја запрашавме за некоја анегдота таа сподели анегдота од првите денови на вработувањето кога ученик и сe обратил со зборовите:„Наставничке, Вие изгледате многу младо. Колку години имате? ….18 ли?“

Таа истакна дека по професија покрај наставник таа е и лектор по македонски јазик, но себеси во иднина се гледа во истата професија – наставник. Би сакала и по 20 години да работи во истото училиште.

Новинар: Аника Велковска 9-1 одд.

ЕМИЛИЈА БЛАЖЕВСКА -дипломиран педагог, најмлад одделенски наставник во училиштето.

Емилија основното образование го завршува како ученичка на ова училиште.

Денес по дипломирањето е повторно во училиштево но овој пат во улога на наставник сега веќе сo 1 година работен стаж. Таа сподели со нас дека враќањето во училиштето ја потсетува на најубавите моменти од нејзиното детство. Уште подраго и е што нејзините некогашни наставници, денес и се драги колеги од кои има можност секојдневно да учи.

Емилија размислувајќи за својата идна професија брзо сфатила дека работата со деца е нешто што сака да го работи, што ја прави среќна и ја исполнува. Таа ќе каже дека да се биде наставник и пример на учениците е голем предизвик, но исто така и влијателна и благородна професија. Потребно е многу посветеност, трпение, емпатија, креативност и подготвеност за постојаните образовни и општествени промени.

И во иднина себе си се гледа како успешен наставник кој ќе ги следи сите новитети во образовнието и кои ќе им овозможи на учениците со задоволство да доаѓаат на училиште и да уживаат во процесот на учење.

Новинар: Калина Караџоска 8-1 одд.

Активност подготвена од одговорните наставници на ,,Ученичкиот парламент” -Магдалена Павлеска и Данче Костовска Јакимовска.

„Франкофонија“ во Дане Крапчев

Нашето училиште е дел од мрежата “J’aime le français” / ,,Го сакам францускиот јазик” – проект на Француската амбасада.

И ДА, ние во Дане Крапчев го сакаме францускиот јазик.

Денес ја славевме Франкофонијата и се забавувавме на француски.

Пеевме, читавме поезија од Жак Превер, па и малку спортувавме.

На настанот учество земаа ученици, вљубеници во францускиот јазик од 5 до 9 одд.

Водители на настанот беа Дејанчо и Анастасија а ја проследивме следнава програма

1. Bonjour mes amis- учениците од 5 одд 

2. Поемата  Quand la vie est un collier – ја рецитираа Ивана, Јана, Мила, Меланија, Анастасија, Ангелина, ученички од 6 одд

3. Voila – ја испеа Катарина Пислевиќ

4. Поемата Dejeuner du matin – ја читаше Тара придружена со драматизација (Тео и Ана)

5. Matador – ја испеа Ангелина

6. Поемата  Je suis comme je suis- ја читаше Аника 

7. Je veux – ја испеа Ивана 

8. Поема Pour toi mon amour – ја прочита Софија

9. Малку спортувавме со песната Les pouces en avant 

10. Со песничката Je te dis Bonjour учениците од 5 одд на присутните им кажаа Догледање

Ментори : Наставници по француски јазик Анета Митевска и Наташа Апостоловска.

Патронен празник на училиштето

Денес со пригодна приредба и со многу гости го обележавме 47 патронен празник на училиштето

Постојано цртаме спомени и создаваме слика наречена ЖИВОТ.

Повеќе фотографии од денешниот настан може да видите на нашата фб страна

20 НОЕМВРИ – ГО СЛАВИМЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО! ЈА СЛАВИМЕ ИДНИНАТА!

Денес учениците од Ученичкиот парламент спроведоа активност

🙅‍♀️,,ОД ДЕТЕ ЗА ДЕТЕ”🙅

🎈Со оваа активност подарувавме, преку пораки потсетувавме за правата на децата, ставивме насмевки на лицата на нашите првачиња и создадовме среќни моменти за нив.

🎈За ,, Денот на детето” ученикот правобранител и неговите заменици изработија пано за детските права.

🎈На големиот одмор во училишниот хол ја промовираа улогата на Ученикот правобранител во заштитата на детските права , повикаа на нивно почитување и им посочија на учениците како да реагираат во ситуации на прекршување на детските права.

🙋‍♀️💁ДРАГИ НАШИ ДЕЦА-ДЕНЕС И СЕКОГАШ БИДЕТЕ СРЕЌНИ

ДУРИ И БЕЗ ПРИЧИНА!

ВИЕ СТЕ ИДНИНАТА НА СВЕТОТ!