Работилници од проектот – И јас имам глас

Во рамките на проектот „И јас имам глас“ вчера, 16.11.2020 г., се одржаа две работилници со клубот на ученици кои членуваат во овој проект.

Првата работилница ја водеше Дени Стојанов, а темата беше мултимедија, заштита на идентитетот и личните податоци онлајн, а работевме според методот „Бура на идеи“. Предлагавме и изнаоѓавме решенија како да се заштитиме од сајбер-насилство, како да се справиме ако ние или некое наше другарче доживее насилство и добива навредливи пораки и погрдни зборови на социјалните мрежи. Се разви дискусија во која активно учествуваа сите ученици за тоа како безбедно да се користат електронските уреди и социјалните мрежи. Целта на оваа работилница беше учениците да стекнат вештини за справување со сајбер-булинг и да научат како безбедно да ги користат социјалните мрежи.

Во втората работилница водител беше Сара Османи. Таа нè обучи како се изработува прашалник, во конкретниов случај на тема – заштита на детските права за време на коронавирусот. Присутните ученици даваа предлози за прашања кои се во интерес на децата, а во контекст на заштита на нивните права за време на одржувањето на онлајн-наставата. Исто така, разговаравме со какви проблеми и пречки се среќаваат учениците и наставниците, и на кои сè начини може да дојде до кршење на детските права во вакви изменети услови на учење и одржување настава. Целта на работилницата беше учениците да научат како се прават прашалници кои потоа ќе ги користат во најразлични истражувања за свои потреби и за потреби на училиштето.

Алексеј Стојановиќ VIII-3