Есенско разубавување на училишниот двор

На ден 27.10.2017г. во организација на Eко тимот се спроведе акција за засадување на сезонски цвеќиња во училишниот двор.

Учениците активно се вклучија во акцијата уредувајќи ги жардињерите во дворот и засадувајќи сезонски цвеќиња. Засадени се околу 30 корени сезонски растенија од видовите љубичици и хризантеми кои учениците ќе ги негуваат . Во иднина  планирано е да се спроведат и уште вакви акции со кои училишниот двор ќе биде разубавен.

Меѓународниот ден на храната

На 16.10.2017 год беше одбележан „Меѓународниот ден на храната” со предавање на тема – Здрава храна. кое го реализираа  учениците од 9 одделение заедно со предметните наставници по биологија.

Во присуство на ученици од VII, VIII и IX  одделение се одржа едукативно предавање на тема Здрава храна-здрави деца , со цел подигање на свеста за здрава храна и запознавање на учениците со значењето на храната и важноста од конзумирање на здрава храна

Преку интересна презентација насловена како Здрава храна –Здрави деца, тројцата ученици Леонид Велковски, Анастасија Јовановиќ и Лора Поповска ги запознаа учениците со неопходните материи за здраво тело, во која  храна се наоѓаат, која храна треба да ја избегнуваат , а која да ја преферираат.

Потоа преку една заедничка дискусија со учениците се дискутираше за тоа како треба да изгледа еден здрав оброк и како можеме да ја подигнеме свеста, пред се кај нивните соученици за замена на нездравите ужинки, со храна која е здрава и богата со витамини.

Сите се сложија дека здрава исхрана е конзумирање на здрава, разновидна и по можност што помалку обработена храна. и за точноста на изреката  ֞Здравјето преку уста се внесува֞.

Доколку не бевте во можност да присуствувате на предавањето, презентацијата можете да ја превземете  и истата да ја погледате

Здрава-храна – презентација

Одговорни наставници :Бојана М.Личева и Душанка Китановска

Како да ја одржиме чиста и здрава животната средина?

Одржувањето на чиста и здрава животна средина е сечија одговорност токму затоа на 08.10.2107 год.  во нашето училиште учениците и наставниците по биологија изработија информативно пано со пораки и совети  за заштита на природата. Со оваа активност го одбележавеме 8-ми Октомври (Меѓународен ден за намалување на уништувањето на природата).Ве покануваме да го разгледате поставеното пано во училишниот хол во текот на неделата и да одвоите време за да го прочитате текстот кој следува.

Рационалното искористување на природните ресурси и чувањето на биолошката разновидност на нашата планета се од највисоко значење за нејзиниот опстанок. За да имаме здрава планета за здрави поколенија неопходно е да ја одржиме чиста почвата, водата и возухот. За жал човекот во денешно време со своите активности ја менува природата и ги загрозува природните ресурси.

Како го прави тоа? Кои се активностите кои го стимулираат овој процес?

Загадување на воздухот

Под загадување на воздухот се подразбира внесување на нови некарактеристични физички, хемиски и биолошки материи во атмосферскиот воздух или промена на одамна веќе присутните концентрации на овие материи во животната средина. Загадување на воздухот е широк термин применет на хемиски, физички (на пр. честички), или биолошки агенси кои ги менуваат природните карактеристики на атмосферата. Загадувањето на воздухот е една несакана состојба на природната средина каде што воздухот е загаден со супстанции што се штетни за здравјето на човекот.

Загадувач на воздухот е секоја супстанца која може да предизвика штета на луѓето и животната средина. Загадувачите можат да бидат во форма на цврсти честици, течни капки или гасови. Освен тоа, тие можат да се природни или создадени од човекот

Отпадни води

Голем извор на отпадни води претставуваат населбите и индустриските капацитети кои преку своите канализациски изливи ги загадуваат површинските води. Отпадните води се создаваат како резултат на животните активности на населението. Тие можат да содржат предизвикувачи на заразни болести и паразити, особено ако потекнуваат од кланиците. Отпадните води од населбите содржат и значителни количини детергенти, некои од нив подлежат на биолошко разложување, а некои не. Детергентите се главен извор на фосфати.Сето ова влијае на квалитетот на водата  за употреба , но и на живиот свет кој опстојува таму.

Изградба на каменоломи.

Каменоломот целосно го уништува живеалиштето на растенијата и животните кои живееле таму; работата во каменолом создава бучава која се слуша во најблиските населби, а исто така се создава прашина која го загадува воздухот .

Уништување на шумите

Шумите се сечат за: дрво за градежништво, мебел, врати и правење хартија. Шумите се сечат и за добивање површини за одгледување на земјоделски култури и за градење нови куќи.Со сечење на шумите се уништува природното живеалиште на растенијата и животните.Дрвјата се бели дробови на планетета Земја, така што со нивно сечење се губи можноста за прочистување на воздухот.

Несоодветно справување со  отпад

Отпадоците ја загадуваат животната средина, привлекуваат животни кои представуваат опасност за средината бидејќи можат да шират зарази. Се уништува животната средина на растенијата и животните кои живееле на местото на депонијата.

Загрозени видови

Како резултат на загадувањето опстанокот на многу живи суштества  се доведува во опасност.Бројот на загрозени видови бележи пораст.Загрозени видови во светски рамки се:Синиот кит, тасмански тигар, џиновска панда, снежен леопард, бенгалски и малајски тигар, црн носорог, јавански носорог, кожеста желка, тасмански ѓавол, ригеста ајкула- чекан, перистерска пастрмка.

Поради прекумерниот лов и труењето, во Македонија се истребени четири вида животни, а во моментов се загрозени 16 видови цицачи и 20 ендемски видови риба. Најкритични се црниот мршојадец и брадестиот мршојадец, од кои има останато уште само по еден примерок.Мечката, волкот и рисот може да станат загрозени видови во Македонија.Според најновите истражувања, во Македонија има околу 200 мечки, 120 рисови и 1.000 волци

Неколку еко совети за чиста животна средина :

Не ја троши водата залудно!
Не фрлај отпадоци! Селектирај и рециклирај!
Не ги сечи или пали дрвјата!
Засади нови дрвја исти како локалните!
Не ги уништувај природните живеалишта на животните!
Исечените дрвја искористи ги максимално, без создавање на отпад од нив!
Избегнувај хемиски ѓубрива, пестициди…!
Поддржувај органско производство!
Користи обновливи извори на енергија!

Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Затоа секој граѓанин е подеднакво должен да го штити, чува и унапредува природниот екосистем !!!!

Одговорни наставници: Бојана Мешковска Личева   и Душанка Китановска

# КРЕФ – Прво место

На 29.09.2017г. во Лесковец –  Република Србија се одржа КРЕФ – Меѓународен  училишен фестивал на креативни едукативни филмови. На оваа  манифестација и нашето училиште учествуваше како финалист во две категории, во категоријата Еду филм –  „Сосема различни но со иста цел“  и во  категоријата Липдуб – Спот за промоција на училишната клима.

Со големо задоволство Ве известуваме дека НАШЕТО видео за промоција на училишната клима го освои   ПРВОТО МЕСТО во меѓународната конкуренција .

Автор на видеото е Елизабета Георгиевска, координатори на активностите Марија  Н. Наневска и Бојана М. Личевска, монтажа Леонид Велковска, автор на песната Ванчо Јовчев, песната ја изведува Дина Јашари, снимател Влатко Венов.

22 Септември – Ден без автомобили

По повод 22-09 –Меѓународниот ден без автомобили учениците од нашето училиште се потрудија достојно да го одбележат. По овој повод тие изработија постери кои ги изложија во училишниот хол, а целта на изложбата беше да се пренесе пораката за разумно користење на автомобилите за да се заштити животната средина. Учениците преку своите изработки истакнаа дека постојат алтернативни превозни средства кои не и штетат на животната средина . Исто така учениците се обидоа да ја анимираат и локалната средина да се намали употребата на автомобилите . Нашите еко патроли излегоа на терен и преку флаери кои ги делеа на локалните жители се обидоа да ја потикнат свеста за потребата од намалена употреба на автомобилот како превозно средство. За сите оние кои не беа во можност да ја посетат нашата изложбата нека ја погледаат галеријата со слики.

Спот за промоција на училишната клима

 

ООУ ,,Дане Крапчев,,-Скопје, Република Македонија

Автор : Елизабета Георгиевска

Координатори на активностите: Марија Н. Наневска и  Бојана М. Личева

Снимател: Влатко Венов

Монтажа: ученик – Леонид Велковски

Автор на музика- ЕКО химна на училиштето:  Ванчо Јовчев

Исполнувач на песната: ученик –  Дина Јашари

Соработници: ученици – Мирна Мемиќ и Лора Ристовска

Во видеото земаа учество учениците и вработените  во училиштето

Проект “Садница +” – Акција за засадување на семе од ела

 

На 08-05-2017 во нашето училиште се одржа акција за задување на семе од ела . Активноста беше во соработка со МОН и е дел од проектот Садница +”. Во активностите беа вклучени сите ученици кои заедно со своите наставници ги засадија семињата и се обврзаа да се грижат за нив со цел да одгледаат садници од ела кои во иднина ќе го разубавуваат училишниот двор.

21 Март – Ден на екологијата

Цели:

  • Подигање на свеста за значењето на здравата животна средина во училиштето
  • Намалување на продукцијата на отпад во училишниот двор
  • Потсетување на еко кодексот и правилата на однесување во зградата од страна на родителите,учениците,наставниците и останатите
  • Зазадување на сезонски цвеќиња во училишниот двор и одржување на веќе засадените садници

По повод денот на екологијата во нашето училиште се спроведе традиционалната акција за расчистување на училишниот двор и зграда.За таа цел се изготви акционен план за работа и учениците заедно со своите наставници излегоа на терен.Од училишниот двор беа отстранети плевел и гранки. Во задниот дел од дворот за жал беше собран и отпад кој зад себе го оставиле несовесните минувачи и содеди. Јавно ги замолуваме сите оние кои минуваат низ училишниот отпадот да го одложуваат во поставените корпи.

Убавиот пролетен ден го искористивме и да засадиме околу 100 љубичици во жардињерите, 1 младо борче и 3 сезонски сончогледки. Секако не заборавивме да ги освежиме и саксиските цвеќиња во училишните холови.

Во училишниот хол по повод ден на пролетта ликовната секција постави изложба на тема “Природа” во техниката графика која ќе може да  се разгледа во текот на оваа недела.

Исто така спроведовме и масовна акција за собирање на е-отпад, стара хартија и пластични шишиња кои ќе бидат соодветно одложени.

Одговорен наставник: Бојана М. Личева