Документи за упис на прваче – Каде да ги извадите бесплатнo

превземено од https://deca.mk/

 

Во некои училишта прецизно ги информираат родителите каде бесплатно може да се извадат лекарски потврди за запишување во прво одделение, но во други не

За запишување ученик во прво одделение во основно училиште потребни се фотокопија од Извод од матичната книга на родените за детето, фотокопија од лична карта на родителите, потврда за систематски преглед од стоматолог и потврда за примени задолжителни вакцини издадена од надлежна здравствена установа. Лекарските потврди збунија дел од родителите кои запишуваат деца во училишта што не прецизирале каде да се извадат. Така, не знаејќи дека може бесплатно да ги добијат, плаќаат за нив.

Потврдите што се вадат кај лекарите во поликлиниките кои се дел од пунктовите за вакцинација, како и во ординациите за детска превентивна стоматологија се бесплатни. Матичните лекари, пак, имаат право да наплатуваат за овие документи.

– Издавањето на сите видови лекарски уверенија што ги издаваат матичните лекари (општ, педијатар, стоматолог) не се на товар на Фондот за здравствено осигурување. Ако се издаде потврда од здравствената установа каде што се вршат систематски прегледи, односно се вакцинираат деца, тогаш потврдата е бесплатна за осигурениците – велат од Фондот.

Во дел од училиштата во информацијата за запишување првачиња е наведено дека лекарското уверение, т.е. потврдата за примени вакцини треба да се земе од советувалиште за вакцини или т.н. вакцинални пунктови, а потврда за систематски преглед на заби од поликлиника, каде што има ординација за детска и превентивна стоматологија. Во некои е наведено и кои установи се најблиску. Меѓутоа, во друг дел, во објавената информација не е прецизирано каде може да се извадат потврдите, па некои родители одат кај матични лекари и плаќаат за услугата.

– Зедов потврди од матичен педијатар и од матичен стоматолог и за нив платив по 150 денари. Дури отпосле дознав дека можело и да не платам – вели Маја Ристевска.

Од Министерството за образование велат дека општините им посочуваат на училиштата каде може да се добијат овие потврди.

Според Законот за основното образование, при запишување на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

– Во врска со потврдата од стоматолог, во 2012 година Министерството за здравство во соработка со Министерството за образование и наука препорача при запишувањето во прво одделение родителите, покрај потврдите за систематски преглед, за нивните деца да достават и потврда за систематски преглед од стоматолог одговорен за нивното училиште. Ова е со цел да се пристапи кон спроведување на мерки за остварување на превенцијата на кариесот, со што ќе се овозможи остварување на целите одредени со Националната стратегија за превенција на орални заболувања – објаснуваат од Општина Аеродром.

Овој месец се запишуваат првачиња за учебната 2018/2019 година. Уписот го врши комисија во училиштето.

– Во информацијата наведовме дека е потребна потврда од надлежна здравствена установа. За нас не е проблем дали е од матичен лекар или од тимовите во поликлиниките – вели Перо Арсеновски, директор на скопското Основно училиште „Лазо Ангеловски“.

Инаку, запишувањето на првачињата во прво одделение важи за сите деца што до крајот на календарската година ќе наполнат шест години, односно сите деца што се родени во 2012 година. Детето може да се запише во прво одделение и доколку наполни шест години до 31 јануари наредната 2019 година, но по претходно барање од родителите (старателите) и добиено мислење од стручните служби во училиштето.

Ако родителот сака да го одложи запишувањето во училиште, треба да поднесе барање до училиштето и да добие мислење од педагогот или психологот што работи таму. На барање на родителот, за една година може да го одложи и здравствена установа, ако се утврди дека детето не е подготвено за на училиште, по направено тестирање.

https://deca.mk/

УПИС НА ПРВАЧИЊА

Почитувани родители !!!

Основното училиште ,,Дане Крапчев,, од 02.05.2018 до 31.05.2018 година ќе врши упис на ученици во прво одделение. По тој повод на ден 30.04.2018 година од 8:00 до 16:00 часот ги покануваме сите заинтересирани родители чии што деца ќе бидат првачиња да го посетат нашето училиште се со цел за да се запознаат со училиштето, начинот на работа и организираност, наставниците и стручните соработници.

Во прво одделение ќе можат да се запишат оние деца кои до крајот на календарската година ќе наполнат шест години, односно родени до 31 декември 2012 година.

По барање од родител и добиено мислење од училишниот педагог или училишниот психолог во прво одделение ќе можат да се запишат и деца родени до 31 јануари 2013 година.

Покана за упис може да добиете од училишниот педагог или психолог во училиштето или да се јавите на тел.бр. 02525-292

За упис во прво одделение за деветгодишно образование потребни се следниве документи :

  1. Извод од матична книга на родени, може да биде постар од 6 месеци ( оргинал на увид и фотокопија);
  2. Лекарска потврда за задолжителните примени вакцини;

Напомена : потврдата издадена од детско одделение е бесплатна, а од матичен лекар се наплатува 300 ден

  1. Потврда од стоматолог ( издадена од Поликлиника Ченто а не од приватен стоматолог);
  2. Лична карта од двајцата родители на увид.

Ве известуваме дека во училиштето се организира и дневен престој.

КАКО ОД СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА ПРАВИМЕ ИНВАЛИДИ БЕЗ ИНВАЛИДИТЕТ

– Сине, еве ти бурек покрај креветот.
– Остави ме, тато, спијам.
– Сине, ти оставив ручек на масата. Ќе ти се олади.
– Добро, мамо, гњавиш. Не сум гладен.
– Душо, еве ти пари. Стигна пензијата. Те сака дедо.
– Е, остави ги таму…
– Брат, ај да излеземе, убаво е времето…
– Ме мрзи…

Навечер, кога мајката се враќа дома од работа.

– Сине, уште не си ручал? Ќе си го расипеш стомакот.
– Е, не сум гладен, остави ме веќе, гледаш дека сум зафатен.
– Сине, ќе се уништиш така.
– Слушај ти, немој така да разговараш со мене. Јасно?!

И така во круг.

Таткото плашливо му носи бурек на синот в кревет – да не се мачи детето и да ги „троши“ нозете до продавница.
Мајката сè му поставува, му приготвува, му ја средува собата додека синот прави „големи“ работи… игра видеоигри и живее во својот виртуелен свет.

– Буууум, трас, уууу, аааа, ок, фак, бате, екстра, значи, лудило…

Ова е опис на еден мој познаник, кој, подоцна стана наркоман.
Класична зависничка структура на личноста, неспособна и неподготвена за самостоен живот…
Ништо не убива како „љубовта“ на родителите и тоталната попустливост.
Кога ќе се постават кон детето како тоа да знае сè однапред, а тие не знаат ништо.
Во меѓувреме, тоа дете ќе наврши триесет години и понатаму ќе добива појадок во креветот за што никогаш не вели ни „фала“, а згора на тоа полудува кога ќе го разбудат.

Знам преку десетина вакви примери како од сопствените деца, во поголема или во помала мера, создаваат инвалиди без инвалидитет.
Или ги корумпираат со пари како врв на нивната љубов или им ги скратуваат рацете и нозете со својата попустливост.
Аргументот на родителите е дека тие во младоста немале ништо, дека многу се мачеле – па барем нивните деца да не се мачат.
Што повеќе му даваш некому, го навикнуваш на нешто до кое не дошол самиот.
Му ги врзуваш рацете со сопствени сили да се избори за тоа што му треба.

Се создаваат навики „лесно ќе го направиме тоа“ и кога тоа ќе се примени во животот надвор од домот, настануваат проблеми.
Наместо потешкиот пат, секогаш се избира полесниот со што се убива љубопитноста и можноста за создавање самостојна личност.
Таткото наместо да биде човек од волја и со карактер, подготвен да повлече и да пресече, станува предмет на потсмев и трчкало. И мајката исто. За бабата и дедото да не правиме муабет – што знаат тие, глупи старци, досадувачи, будали, фосили.
И така со години, сите се глупи, лоши, вакви, онакви, додека господинот или госпоѓицата не се „надуваат“ па барем малку да им биде полесно.
За нив сè е гнило, пропаднато, бесмислено, сè заморува, не сфаќајќи дека така е пред сè во нивните глави.
И дека тие се оние чие однесување најмногу заморува и ја убива волјата за живот.

Автор: Стефан Симиќ

http://www.fakulteti.mk
Објавено на 17.12.2017 во категорија Живот 
Подготвил: Б.Б.

ЗНАЦИ ДЕКА ВАШЕТО ДЕТЕ ИМА ОДЛИЧЕН НАСТАВНИК

Родителите понекогаш ги критикуваат наставниците за секакви работи, кои имаат или немаат врска. Некогаш, постои оправдана причина за тоа, но не секогаш. Бидете меѓу оние кои знаат да ги препознаат квалитетите на наставникот и родител кој ги почитува луѓето кои се одговорени за пренесување на знаењето на неговото дете. Ова се некои работи кои ќе ви помогнат да бидете сигурни дека вашето дете има добар наставник.

Детето е среќно 

Ако вашето дете оди среќно на училиште, дури и по лоши оцени или пред тест, може да бидете сигурни дека наставникот е одличен. Само добриот наставник може да ја пренесе желбата за учење на детето.

Наставникот има големи очeкувања од секого 

Добриот наставник сака секое дете во неговото одделение да постигне што подобар резултат и нема да се откаже од детето кое ќе се покаже како полош ученик, туку ќе му даде поттик и мотивација.

Знае да решава конфликти 

Наставникот кој знае рамноправно да се однесува кон децата кога учествуваат во кавга заслужува секаков почит. Таквиот наставник го почитува секое дете и се чувствува сигурно во неговото одделение бидејќи знае дека нема да биде неправедно казнето.

Издвојува време за пофалби 

Наставникот кој знае да пофали дете, а не само да наведе проблем, е личност која ги мотивира децата да се трудат за да добијат најдобри резултати. Ова е знак дека наставникот е присутен и знае што се случува со секое дете.

Му помага на секое дете посебно 

Наставниците поминуваат многу време со децата и може да забележа кога некое дете има потреба од дополнителна помош. Најдобрите наставници на детето и да родителите ќе им даде конкретен предлог како да ги совладаат потешкотиите.

Свесен е за важноста на комуникацијата 

Детето ќе има многу поголеми шанси за добар успех на училиште доколку наставникот соработува со родителите и обратно. Важна е честата и отворена комуникација, како родителските состаноци, отворените врати и писмените пораки. Добриот наставник ќе го повика родителот и на телефон доколку е загрижен.

Има јасни цели 

Ефикасноста на еден наставник се гледа во неговата организираност. Тој на учениците јасно ќе им покаже што треба да научат, кои се нивните задачи и од што зависи оцената. Нивниот час има структура и е јасен. Наставникот им дава можност за вежбање нови вештини на учениците и им поставува нови цели.

Ги ангажира учениците и ги поттикнува да размислуваат критички 

Добриот наставник ги стимулира децата константно да прашуваат „Зошто?“. Тој не дозволува доминација на еден ученик над сите.

Се интересира за детето како личност 

Добриот наставник е топла личност која се грижи за своите ученици. Редовно е тука за разговор, учествува во активностите во училиштето.

Добро го познава материјалот 

Добриот наставник е експерт во предметот кој го предава и константно учи за да биде во тек. Знае да ја претстави лекцијата со ентузијазам.

http://www.fakulteti.mk
Објавено на 29.12.2015 во категорија Образование
Подготвил: Драгана Петрушевска

ПРОФ. Д-Р СВЕТОМИР БОЈАНИН: РОДИТЕЛИТЕ МОРААТ ДА СОЗРЕВААТ ЗАЕДНО СО СВОИТЕ ДЕЦА!

Преземено интервју со проф. д-р Светомир Бојанин, каде што зборува за некои од вечните родителски теми, за суштината на воспитувањето, за тоа како да се биде добар пример на своето дете и како кај него да се поттикнат радоста и интересот за тоа што го учи или го прави.

Што е воспитувањето? Постојат толку многу „модели“ на воспитување што просто ги збунуваат и загрижуваат родителите, кои се прашуваат дали го избрале вистинскиот начин. 

Не постои научно воспитување и нема никаква наука за воспитувањето, сето тоа се лаги и измислици. Воспитувањето е нормален, емоционален и спонтан однос меѓу нас и нашите деца. Кога го прашале големиот германски философ Гадамер, кој е најдобриот начин за воспитување на децата, им одговорил дека првенствено најдобро е секој сам да се воспита, па така ќе знае како да воспитува и деца. А, кога го прашале – како да ги израснат децата за да бидат образовани, им рекол – образовајте се себеси и вашите деца ќе бидат образовани! Тоа е голема вистина и мене многу ми смета кога се даваат рецепти за воспитување.Нашиот живот е, всушност, воспитен процес. Кога нешто не штима, кога не се чувствуваме добро, тогаш можеме да се посоветуваме и со стручњаци.

Што значи да се биде посветен на детето? Која е вистинската мера на таа посветеност – како би знаеле дека не сме претерале, од една страна, и од друга дека не сме го занемариле премногу?

Велиме дека ги сакаме своите деца, но тоа не треба да се покажува на начин што ќе им ги наметнеме нашите рецепти и концепти преку воспитувањето. Кога ги сакаме децата, си играме со нив додека се мали. Кога ќе наполнат 3-4 години, бараме да ни помогнат во домаќинството, да ни ја додадат крпата, да направат нешто, да однесат/да донесат. Тоа е еден вид игра за детето, а за нас тоа е работа. Детето мора низ животот да нè апсорбира нас. Сè уште никој не ги воспитал своите деца со упатства. Ниеден родител не им рекол на своите деца да крадат, да се тепаат на натпревари, а децата сепак го прават сето тоа. Според тоа, се работи за некој друг дефект во воспитниот процес. Ако родителите се расправаат меѓу себе, а му кажуваат на детето да биде учтиво, да не влегува во конфликти и да биде пристојно, е нешто бесмислено! Проблемот е што децата се воспитуваат угледувајќи се. До 10-11-годишна возраст, зборовите се многу малку присутни во воспитниот процес. Детето гледа што правиме ние. Нè гледа како посегнуваме нешто да дофатиме, како седнуваме, како се насмевнуваме, како кажуваме (или не кажуваме) „добар ден“ кога доаѓаме дома. Гледајте како ве имитираат! Ќе видите многу нешта што нема да ви бидат пријатни.

Кога ќе потпораснат, девојчињата и момчињата посериозно учествуваат во миењето на подот, во расчистувањето на домот, во подготвувањето на ручекот, во животот. Кога некој постојано седи, или учи или постојано нешто работи, и ги милува своите деца само кога ќе поминат покрај него, тој не ги воспитува децата на саканиот начин… Кога сме цело време надвор од дома, на работа, на службен пат, надвор од видното поле на детето, тогаш не учествуваме во нивното воспитување.

Што значи „цивилизирање“ на детето?

Детето мора да влезе во некоја цивилизација – да се научи како и кога се мијат рацете, кога се случуваат семејните празници, да знае кога се седи или не се седи на маса, мора да влезе во тоа што сме ние. Не можеме да го учиме детето на некаква цивилизација во која не припаѓаме ни самите. Затоа што ако вие не им сте во видното поле, ќе им бидат некои ликови од телевизија. А таму некогаш сме гледале каубојски филмови, каде точно се знаело кој е разбојник, а кој е добар, кој треба да се сака, а кој не. Детето, пак, сака акција, сака движење. Ја сака правдата. Меѓутоа, на тв-сериите што се прикажуваат секоја вечер, веќе не се знае кој е разбојник, а кој не е. Разбојниците се понекогаш толку шармантни и децата се идентификуваат со тие што ги гледаат. Или од прикажувањето на некоја тепачка меѓу навивачите на фудбалски натпревар. Нема потреба да го гледаме тој инцидент. Тоа треба да го гледа полицијата, а не некој татко фан на Ѕвезда, на пример, со своето дете.

Дали денешните родители ги преоптоваруваат децата со премногу активности, некогаш поради чувство на вина дека многу работат, а малку им посветуваат внимание?   

Отсекогаш било така. Важно е тоа што сакаме да им го дадеме, да им го дадеме со нашето учество и со нашето задоволство. Ние да ги носиме на тренинзи, на часови. Ние, како родители, имаме некој наш концепт како да ги воспитуваме. А кога родителите се зафатени со работата, секогаш постојат бабите, или некој друг. Но, и кога не постои друг освен мама и тато, ако тие поминуваат квалитетно време со своето дете – нема да постојат никакви проблеми. Тоа би значело да одат еднаш неделно некаде заедно, да живеат во хармонични односи, детето во сè да учествува, да има свои задачи како и неговите родители…

Проблемот е ако родителите времето со децата не го поминуваат вистински со нив. Некои велат: „Сега имаме и куќа, децата имаат своја соба со телевизор и пак не сакаат да учат.“ Па, нема да сакаат да учат, затоа што ни таткото ни мајката ништо не учат. Дури ни весници не читаат!

Имав еден колега кој многу се разочара од себеси. Претурајќи со ќерка си во нејзината библиотека од детството, прокоментирал: „Што сè си добила за роденден, а никогаш не си ги отворила сите овие книги“. „Не сум ги отворила“, му рекла таа, „затоа што кога ги добивав од тебе сите тие книги за роденден, секогаш мислев дека ти ќе ми ги читаш. А, ти секогаш си читаше нешто твое, мене не ме ни забележуваше!“ Не се прави тоа така. Можете и да ги замолите децата тие вам да ви прочитаат нешто, секако, изберете книга што ним ќе им биде интересна.

Во една прилика имате кажано дека на децата им е потребен авторитет со чесно и естетско однесување. Какво е тоа „естетско однесување“?

Секое семејство, секој крај во градот има своја естетика. Тоа е принцип. Мајката секогаш да биде уредна, на пример, или точно да се знае што се очекува од членовите на семејството. Проблемот е дали доволно ги импонираме како луѓе нашите деца, за тие да нè имитираат? Или ние за нив сме некои татко и мајка, а тие имитираат некои други кои биле позабележителни, поблиски, повпечатливи. Естетиката е взаемно почитување, детето од мали нозе да го воспитаме да ги почитува другите. Постојат семејства што викендите ги поминуваат со весник в рака и пред телевизор. Но, има и семејства што секој викенд го поминуваат на различно излетничко место. Воспитуваме со начинот на кој се однесуваме и со тоа како изгледаме. Дали ги миеме забите или само бараме од децата да ги мијат своите заби? Дали миеме раце пред и после оброкот, или само бараме од децата да го сторат тоа? Ако самите не го правиме тоа што бараме од децата да го прават, значи дека сме во конфликт, дека нити тие нам ни веруваат, нити ние ним. Детето кога ќе тргне на училиште, а и пред тоа, сака да им биде важно на луѓето кои нему му се важни. Ако на етички начин го научиме да биде „некој“ без да се потсмеваме со човек што има голем нос или е дебел, ако го воспитуваме да ги почитува другите и ако гледа дека и ние имаме почит за луѓето, тогаш нема да има проблеми.

Дали денес родителите премногу ги штитат децата, загрижени заради различни опасности за кои постојано се зборува, и на кој начин тоа влијае врз младите?

Имав еден познаник кој на својата дванаесетгодишна ќерка ѝ купи велосипед. Јас загрижено го прашав дали не чувствува опасност да вози низ Белград, сепак е прометно. Тој ми одговори: „Е, мој докторе, најопасно е да се живее.“ Ми се чини дека научив нешто од тоа. Секако дека треба да го чуваме детето, додека е мало да не чепка во струјата. Тука нема објаснувања – не смееш и точка! Како што детето станува попаметно и позрело, така повеќе му дозволуваш, повеќе се потпираш на него, на неговата самозаштита и самоанализа. А забраната за тоа што детето го сака, а не го разбира – нема зошто да се објаснува. Грижата за децата мора да биде активна, но и ние родителите мораме да созреваме заедно со нашите деца. А ризикот го преземаме колку што можеме. Ризикот да се премине улица е ист и за нас, возрасните, и за децата. Мораме да знаеме што може детето, и што можеме да му дозволиме ние. Загрижени сме, но сепак мораме.

„Кога да престанеме да се грижиме? Нема да престанеме. Но, мораме да престанеме да го попречуваме детето во растењето. Колку повеќе го заштитуваме, толку помалку го штитиме.

Како да се избориме со проблемите во учењето и вечната дилема – дали треба да им вршиме притисок или тоа ќе предизвика уште поголем отпор кај нив? 

Мораме да ти тераме децата да учат! Но, мора да знаеме дека децата ќе бидат успешни само ако го засакаат тоа. Мораме да се потрудиме да им го „засладиме“ учењето за да сакаат да учат. Не е исто дали го малтретираме детето да учи или учиме заедно со него. Никогаш не смееме да му речеме: „Оди учи, оди работи!“ Од нулта до петнаесетгодишна возраст мораме да работиме со нив. Па, кога детето ќе се врати дома со лоша оцена, треба да му речеме: „Ајде да се обидеме да го решиме проблемот!“ Како што детето полека во сè ќе се индивидуализира, така ќе се индивидуализира и во работата. Ако сме успеале да го мотивираме, само ќе сака да работи. Ако, пак, не сме успеале во тоа, ќе мораме да го натераме. Се вели „не го уништувај стариот бунар додека ѕидаш нов“. Додека не најдеме подобар модел, не смееме да го уништиме тоа што сме го имале до тој момент. Така што мораме да ја исфрлиме казната од секој проблем во учењето. Проблемите во учењето се сериозна работа и не можеме да бараме од детето да учи, а истовремено да му раскажуваме дека соседот успеал да изгради куќа, а нема никакво образование, нити пак работи нешто. Кога пред детето ги озборуваме другите или зборуваме дека школото денес ништо не вреди, тогаш ги збунуваме нашите деца.

Објавено на 14.11.2016 во категорија Образование
Подготвил: Б.Б.

ТИВКАТА ТРАГЕДИЈА КОЈА ЈА ЖИВЕАТ НАШИТЕ ДЕЦА

Пред нашите очи се случува тивка трагедија. Во нашите домови, а се однесува на нашите деца. Статистиките се поразителни и најлоши во последните 15 години. Покажуваат дека децата се во лоша емоционална состојба.
Ова се деталите:

–    Едно од пет деца има ментални проблеми
–    Хиперактивноста е зголемена за 37%
–    Тинејџерските депресии се зголемени за 37%
–    Стапката на самоубиства меѓу деца од 10 и повеќе години е зголемена за 200%

Се обвинува образовниот систем, генетиката и слично, но најголема вина имаат родителите. Научно е докажано дека мозокот има можност да се прилагодува на средината. Во таа средина, спаѓа и родителството и на тој начин го насочуваме нивниот мозок во погрешен правец. Што всушност не е во ред?

Денешните деца се лишени од основите на здравото детство, како што се:

–    Емотивно достапни родители
–    Јасно дефинирани граници и насоки
–    Одговорности
–    Балансирана исхрана и адекватен сон
–    Вежби и игри на отворено
–    Кретивни игри и социјална интеракција
–    Можност за неструктуирано време и досада

Освен тоа, децата добиваат:

–    Дигитално зафатени родители, кои постојано гледаат во телефон
–    Попустливи родители чии деца се „владетели на светот“
–    Чувство за права, но не и за одговорност
–    Неадекватен сон и небалансирана исхрана
–    Седење, недвижење и живот во затворено
–    Бескрајна стимулација со технолошки „бејбиситерки“
–    Моментален успех и отсуство на било каква досада

Како тоа да се поправи?

Потребно е враќање на основите. Поставете граници како родители и запаметете дека сте родител на вашето дете, а не пријател. Дајте им го на децата она што им е потребно, а не само она што го сакаат. Не се плашете да кажете „Не“ за одредени работи.

–    Обезбедете квалитетна храна
–    Поминете еден час дневно во зелен простор,природа
–    Имајте семејна вечера без употреба на мобилни телефони
–    Играјте по една друштвена игра дневно
–    Детето нека биде задолжено за една домашна работа дневно (да ги среди играчките, облеката и слично)
–    Одредете време за спиење и не користете технологија за заспивање
–    Учете ги на одговорност и независност
–    Не ги штитете премногу од мали пропусти, тоа ги тренира нивните вештини кои се потребни за преоѓање преку поголемите животни предизвици

Научете ги вашите деца самите да можат да се грижат за себе и не ги завршувајте сите работи наместо нив. Учете ги да бидат трпеливи и да не ја избегнуваат досадата по секоја цена, бидејќи таа ја буди креативноста. Бидете емоционално достапни за нив и намалете го користењето на технологијата.

Воспитувајте ги да бидат културни и учтиви, да ги почитуваат другите. Учете ги да се соочат со фрустрациите и бесот и поврзувајте се со нив емотивно. Не е доцна за воспитување на морално, етички и емоционални здрави генерации.

извор: https://yourot.com/parenting-club

Објавено на 02.06.2017 во категорија Живот
Подготвил: Маја Пероска

Предавање на тема “Инклузивно образование”

На 11.04.2017 на Советот на родители се одржа предавање на тема “Инклузивно образование”, подготвено од стручните соработници во училиштето. Презентацијата ја имаше следната содржина:

-Концептуална рамка за човекови права која се темели на образование за сите (Право на квалитетно образование, право на пристап до образование, Право на почитување во рамките на средината за учење , Конвенција за правата на лицата со инвалидност, член 24.

– Дефинирање на инклузивното образование во поширока и потесна смисла

-Бариери во инклузивното образование (психосоцијални, физички и комуникациски и институционални)

-Дефинирање на инклузивниот тим во училиштето

-Бенефити од инклузивното образование

-Целта на инклузивното образование

Предновогодишни активности во нашето училиште


УЧЕНИЧКА КВИЗОТЕКА

На ден 20.12.2016, нашето училиште ”Дане Крапчев” учествуваше на натпреварот УЧЕНИЧКА КВИЗОТЕКА. Овој натпревар се одржа во Детскиот културен центар ”Карпош”. Во овој натпревар учествуваа деца од 8 и од 9-то одделение. Нашето училиште го претставија Александар Недев, Тамара Велковска и Марија Спасовска. Овој натпревар се содржеше од прашања од содржините: географија на Македонија, бонтон, историја и пикадо. Исто така имаше и музички настапи, Миа Јакимовска се претстави со песната ”Две Лири” од Каролина Гочева и Бојан Доневски кој свиреше на хармоника. Нашето училиште го освои второто место на натпреварот.

Предметен наставник

Бранко Атанасоски

Новогодишна приредба III-4 одд.

На 22.12. 2016 год со почеток во во 18ч. III-4 одделение приреди новогодишна претстава за родителите. Во рамките на вонаставните активности кои ги реализираме во нашето училиште, нашето одделение широко ги отвори вратите за сите родители и другите членови на нивните семејства. Задоволсвото на наставникот е најголемо кога ќе види среќни лица на своите ученици и задоволни родители. Денес како наставник тоа задоволство имав прилика да го почувствувам. Моите третооделенци со нивниот вложен труд ни приредија топла новогодишна атмосфера во која уживавме сите. Со успешни рецитации, драматизации, песни и ритмички точки беа главни sвезди на новогодишната приредба. Нивниот успех во изминатово полугодие беше крунисан со оваа новогодишна празнична претстава. За миг ги сплотиј

а сите присутни, и возрасните и учениците и не пренесоа во прекрасен новогодишен сон. Благодарност до учениците за нивниот покажан резултат и благодарност до родителите за покажаниот интерес и внимание.

Оддделенски наставник

Грујовска Јованка

Новогодишна театарска претстава

ЕКО патрола во нашето соседство

-Цели:

-Да се потикне јавната свест на локалното население за справување со отпад на соодветен начин

-Опис на настанот /активността:

Драги соседи и минувачи на на нашето училиште Еко тимот при ООУ  “ Дане Крапчев “ Ви ги честита претстојните празници и ви посакува се најдобро во Новата 2017-та год..

Искрено Ве замолуваме да внимавате каде фрлате отпадоци .

Сведоци сме дека нашиот училишен двор е се почесто е исполнет со најразличен отпад кој не потекнува од училиштето.Токму затоа ние младите екологисти денеска ги посетивме првите соседи, им ја честитавме Новата Година и им пренесовме порака дека сакаме чист училишен двор.

Училишниот двор е место за уживање и рекреација на учениците и сите Вас, а не депонија.

Овозможете ни го тоа сосовесно однесување и фрлање отпад на соодветно место.

Сите заедно за чиста животна средина!!!

 

Новогодишна мултиетничка трпеза

На 29.12.2016 г.со почеток во 17 часот, активот од I одделение ја реализира активноста „Новогодишна мултиетничка трпеза“. Истата е планирана во акциониот план на „Тимот за соработка со родители“ со цел учество на родителите во животот и работата на училиштето. Исто така активноста е испланирана во рамките на проектот  „Меѓуетничка интеграција во образованието“ а со цел учество на родителите од сите националности застапени во нашето училиште со подготовка на традиционални јадења и запознавање со истите.

Секој одделенски наставник  во соработка со родителите од својата  паралелка ја истакна целта и организираше подготовки на активностите за мултиетничката трпеза со традиционални јадења. Сите  ученици и нивните родители активно се вклучија и учествуваа во  истата. На мултиетничката трпеза можеше да се види традиционална храна од секоја етничка заедница: селско месо, сутлијаш, разновидни пити и погачи, кифли, макала, ајвар, баклави, алва, божиќни колачиња, природни цедени сокови и друго. Мултиетничката трпеза  овозможи подобрена соработка помеѓу родителите, учениците и наставниците како и поголемо запознавање на различните јадења, развивање чувство на почит на разликите, разбирање и вреднување на традиционалните вредности на секоја култура.

Активноста помина со големо учество и во многу пријатна и весела атмосвера на големо задоволство на сите. Затоа искажуваме голема благодарност до сите ученици и родители од I одделение  за  учествoто  и  успешната  реализација на оваа активност.

 

Одделенски наставници: Билјана Трајановска,  Даниела Салтирова, Жаклина Атанасовска,  Светлана Пешовска

 

Новогодишна забава со мултиетничка трпеза во IV одд.

 

 

МУЛТИЕТНИЧКА ТРПЕЗА

Во рамките на Проектот за „ Меѓуетничка интеграција во образованието“  на 20.12.2016  во 10.30 h.  се одржа новогодишна Мултиетничка трпеза  во организација на активот на  трето одделение. Мултиетничката трпеза е планирана активност од програмата на тимот за Соработка со родители. Секој одделенски наставник  во соработка со родителите од својата  паралелка организира  активности за подготовка на традиционални јадења. Сите  ученици и нивните родители се вклучија во  истата. На мултиетничката трпеза можеше да се види традиционална храна од секоја етничка заедница: сарми, гравче, баклави, мантии, пити, божиќни колачиња…  Мултиетничката трпеза  им овозможи на учениците развивање чувство на почит , разбирање и вреднување на традиционалните вредности на секоја култура.

Благодарност до сите ученици и родители од III одделение  за  учествoто  и  успешната  реализација на оваа активност.

Одделенски наставник: Лидија Велковска

 

СОРАБОТКА СО РОДИТЕЛИ

 

Во почетокот на месец  декември  во активот на III одделение се одржа час по македонски јазик кој го реализираше родител.  Часот беше планирана активност од програмата на тимот за Соработка со родители а го одржа родителката Маја Кaраџоска – професор по македонски јазик.

Во текот на часот се читаа литературни творби, учениците дискутираа, одговараа на прашања и откриваа  елементи на литературна творба.  Родителката им ја пренесе важноста на читањето на учениците и им ја пренесе пораката

“Дете кое чита ќе порасне во човек кој мисли со својата глава”.

Одделенски наставник: Лидија Велковска