ПРОЕКТ – Еколошки отпечаток на младите во Гази Баба

На 30.10.2024 , учениците од VI до XI одд,учествуваа на работилница во рамките на проектот кој се реализира во соработка со Институт за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени (ИПЕК) , Општина Гази Баба и нашето училиште OOУ “Дане Крапчев”.

На работилницата учениците се запознаа со поимот еколошки отпечаток.

Еколошки отпечаток е мерило за степенот на човековата побарувачка и искористување на екосистемите на планетата Земја. Тоа е стандардизирана мерка за експлоатацијата на  природниот капитал наспроти еколошкиот капацитет на планетата за регенерација. Така што го претставува неопходното количество на биопродуктивно земјиште и море што е нужно за да се задоволат потребите на човештвото за секојдневната потрошувачка на ресурси и асимилација на произведениот отпад.

Учениците имаа прилика да одговорат на прашалник кој ќе им даде слика за тоа каков еколошки отпечаток прават како индивидуи, а добија и едукативни материјали со совети кои доколку ги применат во секојдневието ќе допринесат за одржувањето на еколошкиот капацитет на нашата планета.

Немаме резервна планета, секој од нас има одговорност за животната средина !

Благодарност до едукаторите кои ја реазлизраа ова интересна работилница

Реализирал-Еко тимот на училиштето.

Одговорни наставници: Бојана Личева, Душанка Китановска и Билјана Јовчева.

СЕМИНАР ЗА НАСТАВНИЦИ ВО МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ

Наставниците по Македонски јазик од нашето училиште: Елена Малинова, Катица Стојчевска и Марија Шереметкоска учествуваа на тридневниот семинар за професионален развој на едукатори од Македонија и Германија на тема : „Справување со антисемитските стереотипи: животот и историјата на Евреите од Балканот “.

Во програмските активности имаа можност да го проследат предавањето на проф. д-р Мишо Докмановиќ – Антисемитизам: значење, историја, факти и примери. Гледаа филмови на Центропа од кои произлегоа презентации за примена на филмот во наставата, проследија презентација за примената на дигиталните алатки во наставата. Учесниците имаа можност да ја погледнат и постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот, ново отворената изложба- „Мириса на пандишпан“ , а ги посетија Еврејската заедница и Монополот, местото од каде беа депортирани Евреите од Македонија.

Во синагогата Бет Јаков беше одржана работилница од Мина Пашалиќ за еврејската култура и традиција. Учесниците работеа во групи и изработуваа наставен план за примена на филмот во наставата. Секоја група го презентираше сработеното, се разменија искуства од практичната работа и секако контакти за да можат во иднина да соработуваат и креираат заеднички проекти.

Учиме од наставниците- пренесуваме знаења на соучениците

Тема: ,,Превенција од насилен екстремизам и радикализација”.

Учениците: Анастасија Атанасовска 9-1, Јана Павловска 9-4, Тео Бојанчев 8-1, Ива Стојановска 8-4, Михаела Филиповска 8-4. минатата седмица учествуваа на работилница предводена од одговорните наставници.

Оваа седмица стекнатите знаења за превенција од насилен екстремизам и радикализација тие им ги пренесоа на своите соученици. Учениците-учесници дискутираа, споделуваа примери и даваа предлози за спречување насилен екстремизам.

Одговорни наставници на активноста: Роза Јаневска, Марија Шереметкоска и Јовица Димески

ОКТОМВРИ – ,,МЕСЕЦ на ШТЕДЕЊЕ”

По повод месецот на штедење на 18.10.2024 год. учениците и наставниците од IV одделение беа домаќини на претставници од НЛБ – Тутунска банка.

На средбата учениците слушнаа корисни совети зошто да штедат и како да штедат, воедно создадоа ликовни творби на тема: „Штедиме и правиме добри дела“.

Творбите ќе бидат дел од наградниот конкурс на НЛБ банка кој трае до 25.10 2024г.

Активноста ја организираа наставниците од активот на IV одд

СТЕМ едукација со ЛЕГО за напредна популација

Овој проект овозможува уникатна можност за ученици од 14 до 15 години да учествуваат на националниот натпревар во едукативна роботика FIRST LEGO League, каде ќе покажат свои вештини и иновации.

Натпреварот ќе се одржи во 2025 година, а подготовките започнуваат наскоро! Со целосна поддршка од Академија за роботика и иновации и Општина Гази Баба, тимот од училиштето ООУ„Дане Крапчев“ ќе се подготвува за големите предизвици, користејќи напредна технологија и менторство.

Час по Историја и општество за етничките групи и религиите во нашата земја

Синагога, Православна црква, Католичка црква и џамија …

Денес не имаше секаде.

Денес го споивме навидум неспоивото.

Ние учениците од 5 то одделение и нашите наставници имавме несекојдневно патување.

Часот по Историја и општество за етничките групи и религиите во нашата земја го одржавме во различни храмови.

На крајот од денот заклучивме:

Навидум сме различни, но во суштина сите сме исти!

Активност подготвена од активот наставници на 5то одд.

Фотографиите погледнете ги на нашата фб страница

16 Октомври – СВЕТСКИ ДЕН на ХРАНАТА

Нашите вторачиња денес со активности во чест на 16 Октомври – СВЕТСКИОТ ДЕН на ХРАНАТА.

16 Октомври е датум на основање на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации уште во далечната 1945 г. Овој ден го слават и многу други организации кои се занимаваат со глад и безбедност на храната.

Денес нашите вторачиња овој ден го одбележаа со творење на тема „Овошје и зеленчук “.

Потоа се засладија со вкусно и здраво овошје.

Нивната желба беше едноставна и јасна:

Возрасните да обезбедат квалитетна и здрава храна за сите деца во светот!

Активност подготвена од активот наставници на второ одделение.

Проект: „Сплотени градиме отпорна заедница“

Денес, во просториите на ООУ „Дане Крапчев“, се одржа работилница на Тема: „Превенција и спротивставување на насилен екстремизам”.

Учествуваа ученици од VII-те, VIII-те и IX-тите одделенија. Преку презентација, стрипови и практични примери и со поддршка од нашите наставници: Јовица Димески, Марија Шереметкоска и Роза Јаневска.

РАЗБРАВМЕ И НАУЧИВМЕ,

  • Што е тоа насилен екстремизам,
  • Што е радикализација,
  • Како да се заштитиме од насилен екстремизам,
  • Начини на кои поединците можат да помогнат во борбата против насилниот екстремизам,
  • Протокол за информирање за случаи поврзани со насилен екстремизам и тероризам
  • и Каде може да се обратиме доколку забележиме насилно однесување и знаци на радикализација.

Заклучивме за важноста да се остане информиран, буден и отпорен против насилниот екстремизам, затоа што не постојат граници и ги засегаат сите општества, младите луѓе се изложени на најголем ризик и тие се најголема целна група во стратегиите за регрутирање.

На крај можеме да кажеме дека интегрираниот пристап кој вклучува психолошка, образовна, социјална и правна интервенција може да помогне да се превенираат слични слични случаи на радикализација и насилство во иднината.

Затоа велиме:

СТОП НА НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ

Успешен старт на спортските натпреварувања

Особено е важно младите да ги на­со­чу­ва­ме кон активен спорт бидејќи тоа е алатка што ги надминува сите раз­ли­ки и ги надградува физичките и интелектуалните способности.

На денешниот крос организиран од Општинскиот сојуз на училишен спорт на Гази Баба во СРЦ Хиподром учество земаа повеќе од 300 ученици од основните училишта во Општина Гази Баба.

Нашите ученици настапија во повеќе категории и ги постигнаа следните резултати:

3 место- Горазд Захариев VI одд. 400 метри време: 59.11

4 место Ведран Бојанчев VI одд. 400 метри време: 1:01.37

3 место Мила Златановиќ VII одд. 450 метри време: 1:18.05

2 место Ангел Митревски VII одд. 500 метри време: 1:00.58

3 место Сандра Милосковска VIII одд. 550 метри време: 1:41.56

2 место Марко Ѓорѓиевски IX одд.700 метри време: 1:36.05

3 место Матеј Трајановски IX одд. 700 метри време: 1:37.45

Градоначалникот на Општина Гази Баба г-н Бобан Стефковски на најуспешните ученици им додели медали и дипломи за освоените места.

Одговорен наставник за активноста -Ивица Петрушевски

Активност по повод празникот 11 Октомври

Во чест на 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ учениците од VII одд. со нивната наставничка по историја- Роза Јаневска истражуваа, дискутираа, твореа, креираа и се забавуваа.

Сите се сложија во едно:

Минатото не смееме да го заборавиме! Со него треба да се гордееме!