ЗНАЦИ ДЕКА ВАШЕТО ДЕТЕ ИМА ОДЛИЧЕН НАСТАВНИК

Родителите понекогаш ги критикуваат наставниците за секакви работи, кои имаат или немаат врска. Некогаш, постои оправдана причина за тоа, но не секогаш. Бидете меѓу оние кои знаат да ги препознаат квалитетите на наставникот и родител кој ги почитува луѓето кои се одговорени за пренесување на знаењето на неговото дете. Ова се некои работи кои ќе ви помогнат да бидете сигурни дека вашето дете има добар наставник.

Детето е среќно 

Ако вашето дете оди среќно на училиште, дури и по лоши оцени или пред тест, може да бидете сигурни дека наставникот е одличен. Само добриот наставник може да ја пренесе желбата за учење на детето.

Наставникот има големи очeкувања од секого 

Добриот наставник сака секое дете во неговото одделение да постигне што подобар резултат и нема да се откаже од детето кое ќе се покаже како полош ученик, туку ќе му даде поттик и мотивација.

Знае да решава конфликти 

Наставникот кој знае рамноправно да се однесува кон децата кога учествуваат во кавга заслужува секаков почит. Таквиот наставник го почитува секое дете и се чувствува сигурно во неговото одделение бидејќи знае дека нема да биде неправедно казнето.

Издвојува време за пофалби 

Наставникот кој знае да пофали дете, а не само да наведе проблем, е личност која ги мотивира децата да се трудат за да добијат најдобри резултати. Ова е знак дека наставникот е присутен и знае што се случува со секое дете.

Му помага на секое дете посебно 

Наставниците поминуваат многу време со децата и може да забележа кога некое дете има потреба од дополнителна помош. Најдобрите наставници на детето и да родителите ќе им даде конкретен предлог како да ги совладаат потешкотиите.

Свесен е за важноста на комуникацијата 

Детето ќе има многу поголеми шанси за добар успех на училиште доколку наставникот соработува со родителите и обратно. Важна е честата и отворена комуникација, како родителските состаноци, отворените врати и писмените пораки. Добриот наставник ќе го повика родителот и на телефон доколку е загрижен.

Има јасни цели 

Ефикасноста на еден наставник се гледа во неговата организираност. Тој на учениците јасно ќе им покаже што треба да научат, кои се нивните задачи и од што зависи оцената. Нивниот час има структура и е јасен. Наставникот им дава можност за вежбање нови вештини на учениците и им поставува нови цели.

Ги ангажира учениците и ги поттикнува да размислуваат критички 

Добриот наставник ги стимулира децата константно да прашуваат „Зошто?“. Тој не дозволува доминација на еден ученик над сите.

Се интересира за детето како личност 

Добриот наставник е топла личност која се грижи за своите ученици. Редовно е тука за разговор, учествува во активностите во училиштето.

Добро го познава материјалот 

Добриот наставник е експерт во предметот кој го предава и константно учи за да биде во тек. Знае да ја претстави лекцијата со ентузијазам.

http://www.fakulteti.mk
Објавено на 29.12.2015 во категорија Образование
Подготвил: Драгана Петрушевска

Промоција на нашето училиште

Во ноемврискиот број на новото списание за ученици „Либи“ во издание на „Арс Ламина – публикации“  http://literatura.mk/   во рубриката „Брависимо“ пишува за успехот на нашето училиште постигнат на Филмскиот фестивал КРЕФ.

 

ЕКО ПАКЕТ-Македонија

На 21-11-2017 во нашето училиште се одржа работилница за наставници  во рамките на проектот ЕКО ПАКЕТ-Македонија со што официјално го означуваме стартот на овој еко проект. Проектот  се реализира во соработка со НВО „ОХО” и компанијата „Пакомак”, а оваа година целна група се учениците од I до  V одд..

Целта на проектот е запознавање на учениците, наставниците , родителите  и локалната средина за употребната важност на тетрапак амбалажата. Тетрапак амбалажата доколку се селектира од останатиот отпад е погодна за рециклирање. За да ја постигнеме таа цел во училиштето ќе бидат поставени соодветни корпи за селектирање на тетрапак амбалажа, со што ја означуваме првата фаза од проектот. Еден дел од собраниот амбалажен отпад ќе се искористи за изработка на уметнички дела од учениците под менторство на одделенските наставници, а останиот дел ќе се предаде на компанијата “Пакомак” со цел истиот да се одложи соодветно. Најуспешните дела ќе се ипратат на национален награден конкурс во организација на НВО  „ОХО” и компанијата „Пакомак” кој е планиран за месец мај.

За сите подробности во врска со конкурсот   тековно ќе Ве информираме.

 Ве повикуваме да го направме првиот чекор од проектот   и заеднички да отпочнеме со собирната акција на ТЕТРАПАК амбалажа!!!!

Дисеминација на обуката “Иновирање, креирање и мотивирање во наставата”

На 17 ноември 2017 во ООУ Дане Крапчев се одржа ателјето за дисеминација на обуката  “Иновирање, креирање и мотивирање во наставата “ и на истото присуствуваа 32 наставници од училиштето. Ова атеље беше анимирано од наставничката Анета Митевска, која учествуваше на обуката која се одржа во август,во Охрид, организирана од OIF – Меѓународната организација на Франкофонијата во соработка со МОН

Цели на обуката :

  • Да се откријат нови стратегии за иновирање и креирање на час
  • Примена на разни прогресивни вежби кои се базираат на забавни игри
  • Да се мотивираат учениците и часот да биде подинамичен
  • Вреднување на способностите на секој ученик
  • Да се поттикне работа во групи
  • Да се создаде поволна работна клима на часовите

 

Програма на атељето:

Во текот на атељето беа претставени разни активности, интернет ресурси и игри кои ќе ја поттикнат мотивацијата кај учениците и ќе го олеснат учењето.

Атељето на дисеминацијата се одвиваше во најдобри можни услови, во прекрасна атмосфера а тоа пред се беше можност за дискусија и размена на искуства меѓу наставниците од предметна и одделенска настава.

 

Регионален натпревар во правопис/спелување по француски јазик

На 17.11.2017 година (петок) во просториите на ООУ „Дане Крапчев“ со почеток во 13 часот се одржа регионалниот натпревар во правопис/спелување по француски јазик. Се натпреваруваа 29 ученици од 13 училишта од двата региона во Скопје.

На овој натпревар учествуваа двајца ученици  од ООУ „Дане Крапчев“, Методија Тасевски и Јане Ѓоргиевски од VII/4 одд. Методија Тасевски  освои второ место на регионалниот натпревар и со тоа обезбеди пласман на државниот натпревар кој ќе се одржи на 2 декември на Филолошкиот факултет во Скопје.

Наставник ментор – Јасмина Ѓоргиева

Есеј во есен – „Мојот град“ од Леонид Велковски

На 11.11.2017 г. во ООУ Григор Прличев беше одржана традиционалната манифестација ,,Есен во Гази Баба ” . На манифестацијата од страна на писателот Горјан Петревски беа наградени шест есеја на ниво на општина Гази Баба. Од нашето училиште награден беше есејот на ученикот Леонид Велковски од IX-4 одд. Пофалени беа и есеите на учениците: Лорина Јакимовска и Мила Петровска од VI-4 одд и есеите на Лора Ристовска,Светлана Симоновска и Владимир Грујовски од IX-4 одд.

Во подолжение прочитајте го наградениот есеј на ученикот Леонид Велковски

 

Мојот град

 

Студениот бакнеж на есента кој во темнината остава свој белег на летните цвеќиња, замагленото утро кое тагува над паднатите лисја, црвениот пожар кој гори во сивилото на градот, ја прават магична есенската прошетката по златната патека. По таа златна патека чекорам јас. Лисјата ми крцкаат под нозете, а од некаде далеку насетувам мирис на печени костени и топло чајче. Ластовиците полека ги напуштаат гнездата и тргнуваат кон југ. Загледан така накај нив ја преминувам улицата а веќе до мене редица бесни возачи ми свират да побрзам.

Изненаден со зачукано срце потрчнувам и набрзина застанувам на тротоарот. Не ми се брза. Сакам само да се прошетам низ градот. Веќе долго време не сум бил покрај Вардар.Трчам за накај кејот. Задишан веќе пешачам по него и си помислувам во каков град живеам. Еден од најубавите во Европа. Тоа е одговорот. Но…Тој е пренаселен, со скоро милион жители во него и многу загаден. Насекаде некултурни луѓе со лош менталитет. А пак да не зборувам за сметот на улиците….Жуборењето на Вардар ми ги оттргна мислите. Како да ме пресече. Како да ми кажа дека тоа не е важно. Веќе се насетуваше плоштадот и ,,грандиозниот,, ,,Воин на коњ,,. Се искачив по скалите и се упатив право кон улица ,,Македонија,,. Поминувајќи низ плоштадот ме обзема едно патриотско чувство. Не дека сум некој патриот, но ете, таквата архитектура околу тебе те тера да се чувствуваш важно. Јас го оспорувам она изграденото па се преиспитувам дали треба да бидам против или не? Но, сето тоа повторно не е важно. Одам по улица ,,Македонија,, и ме обзема едно чувство кое ме потсеќа само на есен и на ништо друго. Амбиентот е прекрасен, а туристите наоколу ги фотографираат барокните згради чудејќи се на нивната свежина.

Полека се доближувам до ,,Рекорд,,.Гледам група на деца од друг град кои дошле да го посетат Скопје. Возбудени погледнуваат наоколу. Очите им се ококорени и пред нив ја гледаат најфрекфентната улица во Македонија. Маса на луѓе чекори кон другиот крај на улицата. Сонцето срамежливо се смешка од небото. Куќата на ,,Мајка Тереза,, ме предизвикува да мислам за таа жена и нејзината добрина и смелост. Таа била чудо, а сега е светица за христијаните. Веќе се затемнува па брзо станува ладно. Јас во мојот топол капут се туткам, што повеќе да ја почуствувам  неговата топлина. Видикот веќе се смалува па го гледам музејот на град Скопје. Одеднаш се смрзнувам. Раката во мојот џеб ги пипка картите за на театар. Зар е можно да доцнам? Многу размислував. Го погледнувам часовникот и гледам дека имам само уште петнаесетина минути. Дали да се враќам назад ? Не. Ќе направам круг и ќе стигнам до театрот. Но, немам време. Ќе викнам такси. Таксито ме донесе до плочникот на театрот, а таму другар ми нервозно цупка. Влеговме заедно желни да ја погледнеме новата претстава. Додека траеше претставата јас повторно размислував. Кои се предностите а кои негативните страни на градот?

Зошто баш вечерва мислам на тоа? Изборите се виновни за тоа, тие ме натераа на ова. Но, не! Јас не се интересирам за тоа. Ова е моја желба да разграничам . Покрај лошите страни кои секојдневно ги повторуваме и веќе на секој му се врежени во меморијата, јас реков зошто не ги истакнеме позитивните страни на овој град. Прво ќе започнам со чаршијата. А, да! Сега имам желба да ја посетам. После претставата веднаш се упатувам таму. Тоа е наш историски белег. Многу работи можат да се видат. Не сите занаети се застапени но, некои како опаничарството и слаткарството се едни од преостанатите. Правењето чевли е интересен процес. Ги имам посетено луѓето што ги изработуваат. Многу фини луѓе.  Да не ги заборавиме златарите и дуќаните со народна облека, каква убавина. А пак Камениот мост! Тој е посебно врежан во моето срце. Него, не го засенија гламурозните зданија околу. Тој е симбол на нашиот град. И ќе остане. На него многу работи се случиле, а османлиската архиктетура го прави посебен. Секако, да не го заборавиме и Калето. Тоа е белег за животот на просторот на градот. Праисториските докази покажуваат колку Скопје е старо. Но, не само тие. Средовековната смелост го покажува тоа. Водно е незаборавлив дел од сево ова. Тоа е мини – планина како изградена за нас скопјаните.Таму можеш да бидеш рекреативен ама и мелахонличен.

Така претсавата заврши а јас со пола моменти од неа во мојата глава си заминав од таму. Полека  поминавме покрај Камениот мост и се упативме кон чаршијата за повторно да ја погледнам нејзината убавина. Така двајцата шетајки низ неа разговаравме за длабоки теми од нашите животи. Се разделивме и сите си тргнавме по нашите патишта. Ноќта додека спиев сонував еден чуден сон. Јас како летам над градот. Дестинација беше Градскиот парк. Таму си се шетав сам над тепихот од суви лисја. Стадионот беше премал за мене од мојата перспектива. Личеше на една чудна чинија. Од зоолошката лавот рикаше, а чуствував како ветер да струи низ мене и гледав како прави бранчиња на малите езерца. Вегетацијата веќе станала жолта, а дрвјата останале без нивните лисја на гранките. Тоа е сликата што ја видов за нашот парк. Голем со многу изненадувања во него. И така после сето тоа се најдов во еден паралелен свет. Скопје во иднината. Многу беше грозно. Едноставно бев во агонија. Она што беше сегашниот Градски парк, во иднината е место со многу отпад. Зар е можно?Да можно е!Тоа е ,,Градскиот отпад,,. Се вивнав во воздухот и видов само  црно околу мене. Смог и чад во облаците. Студена слика добив за Скопје. Не можев да гледам понатаму и се разбудив запрепастен. Рипнав и почекав да се освестам. Во тој момент сфатив колку си го сакам мојот град .Колку е посебен и величенствен за мене. Не можам да го заменам со никој друг. Толку убави мисли и сеќавања ми дојдоа за градот што бев вчудовиден од самиот себе. Сфатив колку си го сакам Скопје.

Истиот ден требаше да пишуваме состав на слободна тема, па јас го избрав Скопје како тема за пишување. И она што го доживеав минатата вечер ме мотивираше уште повеќе да мислам и за бабичките во ЈСП и дедовците на Зелен пазар и концертите во Универзална сала. Спортските натпревари во ,,Борис Трајковски,, не беа исклучок. Така ми дојде слика за она вистинското. Слика како треба да се почитува родното место. Повеќе не го навредував моето огниште и очекувам се повеќе и повеќе од него.Вистинската работа е љубовта. Ама скопскиот дух треба да го осетиш и насетиш. Тоа е сигурно она што ме воздигна на некое следно духовно ниво.Чувствата ми се непроценливи во моментов. Уживам во секој мој нареден збор. Копнеам секој пат да се прошетам по градот и уште еднаш да се присетам на ова искуство. Урбано Скопје допрва ќе го запознавам , а не сакам моите искуства да бидат полоши од претходните. Скопје  е моето детство, мојата секојдневна мисла, мојата копнеж, мојата радост и среќа, мојата тага. Скопје за мене е се на светов. Те сакам!

Леонид Велковски

IX-4

Училиште: ООУ,,Дане Крапчев”- Скопје

Ментор: Јагода Филиповска

Средба со писателот Горјан Петревски

На ден 08.11.2017 година нашето училиште  ООУ ,,Дане Крапчев,, беше посетено од македонскиот писател за деца и млади Горјан Петревски .На организираната посетата присуствуваа ученици од библиотекарската секција предводена од наставник-библиотекар Елена Тасевска и ученици од шесто до девето одделение  заедно со наставниците  Јагода Филиповска , Катица Стојчевска и Елена Малинова.

На средбата беше промовирано новото издание на книгата ,,Марта,,  која го носи насловот  ,,Другата Марта,,  Писателот ја објасни идејата за продолжување на оваа книга која воедно е и лектирно издание во наставните содржини за осмо одделение. Учениците имаа можност да  поставуваат  низа  прашања за богатото творештвото на Горјан Петревски.  Писателот подари книги  за училишната библиотека од свое авторство но и книги потпишани од  негови соработници, по иницијатива на учениците посетата се заврши со потпишување на книгите од писателот.

И дел од учениците од петто оделение имаа чест да  остварат средба со писателот и да се запознаат со неговата дејност. На оваа средба  се разговараше за расказите на авторот кои се вметнати во учебникот за пето одделение по што следеше  рецитирање на лични творби од присутните ученици .

Наставник-библиотекар Елена Тасевска

Зеленото знаме по втор пат во „Дане Крапчев“

На ден 10.11.2017г.  на свечена церемонија на нашето училиште му беше доделено признанието зелено знаме по втор пат.

Наградата беше доделена на еко самитот во организација на НВО “ОХО” во соработка со  Министерството за образование и наука во рамки на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.

Наградите ги додели министерката за образование Г-ѓа Рената Десковска и  Г-дин Пеце Талески, извршен директор, ОХО.

На настанот присуствуваа директорката и  координаторот на проектот кои го примија признанието.

Ова признание  е мотив да продолжиме да ја градиме еколошката свест кај најмладите , а со тоа да допреме и до свеста  на постарите.

Одговорен наставник:

Бојана М.Личева

Посета на „ Музеј на македонската борба“

На 09.11.2017 год. учениците од V одд. го посетија Музејот на македонската борба. Посетата беше реализирана во функција на постигнување на целите од програмата на предметот Општество – тема „Нашата татковина Република Македонија“ . Учениците имаа можност да се запознаат со карактеристиките на периодот од крајот на XIV век до осамостојувањето на Македонија.

Посетете ја страната на Музејот на македонската борба

http://www.mmb.org.mk/index.php/mk/

Актив на V одд.