Конститутивна средба на Ученичкиот парламент

Денес, 29.09.2023 г. се одржа конститутивна средба на Ученичкиот парламент во присуство на 24 претседатели на сите паралелки од IV до IX одд. и одговорните наставници Магдалена Павлеска и Данче Костовска – Јакимовска. Во продолжение се реализираше тајно гласање преку кое беа избрани:

Претседател на ученичкиот парламент -Софија Мијалковска, заменик претседател-Теодора Јосевска и секретар-Лејла Оручи.

За претставници од редот на учениците за состаноци на Наставнички Совет, Совет на родители и Училишен одбор беа избрани: Теодора Јосевска и Дора Николова.

На сите ученици, членови на Училишниот парламент и на одговорните наставници им посакуваме успешна работа и многу успешни проекти .

26 септември – Европски ден на јазиците

Јазиците се нашето најголемо богатство!

Денес, 26.09 учениците од III-4 со наставничката по англиски јазик Андријана Недевска го одбележаа Европскиот ден на јазиците.

Изработки на учениците од 9-4 одд.

Заеднички час со нашето партнер училиште ООУ „25 Мај”

На 22.09.2023 година одржавме уште еден заеднички час со нашето партнер училиште ООУ „25 Мај”. Овој пат ние бевме домаќини. Редовниот наставен час го одржавме во кабинетот по Природни науки и Биологија, а учесници беа учениците од 6-4 одделение заедно со нивната наставничка Бојана М.Личева и учениците од 6-2 одделение со нивната наставничка Анида Адеми. Учениците со голем интерес го проследија предавањето на двете наставнички, а потоа поделени во групи истражуваа за физичките промени на материите. Секоја група имаше за задача да промени физичко својство на дадена супстанца. Тие успешно и на многу креативен начин успеаа да ги променат физичките својства на хартијата, пластелинот, алуминиумската фолија и жица. Убави импресии и впечатоци, заедничка дружба, заедничко поучување, креации на вештите рачиња на сите дечиња. П.С. Со нетрпение ги

очекуваме следните наши заеднички активности и дружење. Се гледаме наскоро!

22 Септември – ,,Меѓународeн ден без автомобили “

Tрадиционално и оваа година ЕКО ТИМОТ на ООУ,,Дане Крапчев ” го одбележи 22 Септември – ,,Меѓународниот ден без автомобили “.

Учениците од одделенска настава, од II до V одделение со своите наставнички изработија цртежи и постери чија цел е да ја потикнат свеста за разумно користење на автомобилите, како и користење на алтернативни превозни средства.

Изработките од учениците се изложени на заедничко пано кое го составија учениците од IX-1 одд. и го поставија на видно место во училиштето со цел да се промовира помала употреба на превозни сретства кои користат фосилни горива.

Учениците во дневен престој заедно со својата наставничка Ј. Грујовска исто така спроведоа низа активности во соработка со ЕКО тимот: учениците од 1-во одд. боеа велосипедисти , а учениците од 3-то одд пишуваа пароли за важноста на користење на велосипедот.

Паролите беа поделени на граѓани надвор од училишниот двор. Задоволството на граѓаните и учениците од спроведената активност беше големо.

Наставичката С.Алексиќ, пак , со својата група подели флаери на локалното население околу школскиот двор.

Иако мали, овие активности се од големо значење за подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на природата! Во продолжение фотографии во прилог.

Еразмус+ мобилност во градот Мерсин, Турција

Во периодот од 14 до 19 септември 2023г. тим од осум наши наставници беа дел од Еразмус+ мобилноста во градот Мерсин, Турција со цел размена на искуства и стекнување нови практики во рамки на интернет безбедноста.

Име на проектот: „Влијанието на семејните ставови врз поврзувањето на Интернет и безбедното користење на интернетот”.

Координатор на проектот: ООУ,,Дане Крапчев”- Скопје, С.Македонија 🇲🇰

Партнерска организација: Aydinlikevler Ilkokulu, Mersin, Türkiye 🇹🇷

ARDA Beratung & Bildung, Germany 🇩🇪

НОВ ПОЧЕТОК! НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ! НОВИ МОСТОВИ!

На 15.09.2023 г.заеднички започнавме да ги имплементираме активностите на Првиот Проект „Градиме нови мостови“ поддржан од ОБСЕ и МОН. Го реализиравме и првиот наставен час по предметот Природни науки заедно со наставничките Бојана М. Личева и учениците од 6-4 одделение и Анида Адеми и учениците од 6-2 одделение од партнер училиштето ООУ „25 Мај“. Ние бевме гости кај нашите пријатели, во нивното училиште. Следната средба е кај нас и со нетрпение чекаме да ве известиме за активностите што заеднички ќе ги реализираме.

П.С. Научивме за хемиските својства, за боја, мирис, вкус, форма и идентификувавме физички својства на супстанците со помош на своите сетила. А, најинтересно изведувавме експеримент со кој ја истраживме растворливоста на различни супстанци во вода. Погледнете дел од атмосферата !

Одбележување на Европската Недела на Мобилност. 

На 18. 09. 2023 г. , во паралелката 5 – 2 од ООУ „Дане Крапчев“ беше одржан еколошки час во организација на  Општината Гази Баба во соработка со Македонски Зелен Центар за одбележување на Европската Недела на Мобилност. 

Линк од видео – презентација

Првиот училишен ден

Прв училишен ден за нашите првачиња – џагор, убави фустанчиња, свечени кошулчиња, насмевки, подароци, возбуда, збунети погледи и по некоја солза – имаше од се’ по нешто. Првиот училишен ден сигурно ви создаде убави спомени. 🍀Драги наши првачиња од понеделник среќно во училишните клупи !!! 🍀