Географија- општински и регионални натпревари

На 13.03.2021 година беа одржани општинските натпревари по географија за ученици од основните училишта. Натпреварот го организираше ЗПГМ(Здружение на професори по географија на Македонија) „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“  

Од нашето училиште Дане Крапчев учествуваа следниве ученици :

Алексеј Стојановиќ  VIII-3

Давид Цветковски  IX-3

Јована Деаноска  VIII-4

Од  учениците кои учествуваа  второ место на Општина Гази Баба освои ученикот Алексеј Стојановиќ со што обезбеди влез на регионалниот натпревар.

На 04.04.2021 година се одржаа Регионалните натпревари по географија за ученици од Основните Училишта.

Од нашето училиште Дане Крапчев учествуваше ученикот Алексеј Стојановиќ кој освои 3-то место во Скопски регион-1  со што обезбеди влез на државниот натпревар по географија

Стипендии за 150 првачиња со попреченост во учебната 2021/2022 година

ИНФОРМАЦИЈА ЗА РОДИТЕЛИ/СТАРАТЕЛИ

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, со финансиска поддршка од Европската Унија. Овој проект има за цел да обезбеди целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта кои прераснуваат во институции кои се отворени и пристапни за сите деца и посветени да обезбедат квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби. 

Како дел од овој проект ќе се доделат стипендии на 150 деца со попреченост кои во учебната 2021/2022 година се запишани во прво одделение.

Можност за пријавување ќе имаат децата кои ги исполнуваат следните основни критериуми:

  • Да се деца со попреченост кои во учебната 2021/2022 година се запишуваат во прво одделение,
  • Да поседуваат документација за вид и степен на попреченост (Наод и мислење и/или Наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје),
  • Да се обврзат на редовно посетување на наставата, во зависност од индивидуалните можности и согласно препораките за безбедно посетување настава во услови на пандемијата КОВИД-19,
  • Да не се корисници на било каква друга стипендија доделена од било која друга институција или компанија,
  • На родителот/старателот кој аплицира во име на кандидатот за стипендија да не му е одземено родителското право.

Огласот за аплицирање е достапен на веб страната на Фондацијата Чекор по чекор www.stepbystep.org.mk (во делот новости). За условите и секакви дополнителни информации, Ве молиме обратете се до:

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – 072 307 326.

Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ – 076 279 663.

Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ – 070 256 926.

Важна информација: Семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија не го губат правото на гарантираната минимална помош согласно член 4 од „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош…” (Службен весник на РСМ, бр. 109 од 28.5.2019 година)[1]: При остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, стипендијата не се смета за приход.

[1] http://www.mtsp.gov.mk/content/pdf/2019pravilnici/30.5-%20ostvaruvanje%20na%20garantirana%20paricna%20pomos.pdf

За македонската азбука

Секој човек го зборува својот мајчин јазикот уште од мал. Јазикот е процес кој трае, и затоа се учи цел живот. Со јазикот луѓето лесно ја пренесуваат мислата, комуницираат меѓусебе и се разбираат. Преку јазикот најдобро се идентификуваат националностите, кои се, и од каде доаѓаат. За Македонија, македонскиот јазик е непроценливо богатство, основно национално обележје по кое се препознаваме во светот.

           Македонскиот јазик има своја азбука. Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. До 10-тиот век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Така, од X па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-мкедонско писмо, илинденска азбука.

Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.

Најбогатиот период, во поглед на развојот на стандардната македонска азбука, е периодот на преродбата, поточно од средината на XIX век до почетокот на XX век. Во овој период голем број на македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.

 На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци, Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

            Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол дека

           ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.

            Стандардна македонска азбуката е:

Големи букви
АБВГДЃЕЖЗЅИЈКЛЉМНЊОПРСТЌУФХЦЧЏШ
Мали букви
абвгдѓежзѕијклљмнњопрстќуфхцчџш

            Оваа азбука претставува печатен облик на писмото, додека ракописното писмо  е многу поразлично.

Да го зачуваме нашето најголемо национално богатство – Македонскиот јазик.

Занимливост: Во нашата азбука се кријат две именки.Пронајдете ги!

Решение:  ТСРП  и  ЖЕ.

                            (одговорот се чита од назад кон напред)

118 години од смртта Гоце Делчев

На денешен ден, 4 мај 2021г, се навршуваат 118 години од убиството на Гоце Делчев во село Баница, Егејска Македонија. Ѓорѓи Николов Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Човекот кој го разбираше „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ и кој сметаше дека „никој не пострадал повеќе од предавствата на своите како Македонците“, ќе остане запаметен и како бескомпромисен противник на какво било мешање на надворешен фактор во ослободителното дело на македонскиот народ. Македонски револуционер, визионер, организатор и предводник на македонското национално-ослободително движење. . . , тој е еден од плејадата никогаш незаборавени и вечни патоводители на македонскиот народ. Неговата револуционерна дејност започнува од најрани години. Револуционерната дејност на Гоце Делчев започнува уште во текот на школувањето од 1893 година и трае се’ до неговата легендарна и херојска смрт, на 4 мај 1903 година. Во овој период тој се изградува во школуван воен стратег, познавач на воената вештина и тактика, но и организатор и неуморен проширувач на новооформената македонска револуционерна организација (МРО).