5 Oктомври – Денот на учителот

За денот на учителот, младоста и искуството на едно место

Токму училишната библиотека беше сведок на емотивна средба меѓу најмладите и најискусните наставници од нашето училиште.

Пораката беше јасна – УСПЕШНИОТ НАСТАВНИК е достоен, посветен, срдечен, толерантен, грижлив, емпатичен, ентузијаст и инспиративен

Учениците од ученичкиот парламент во улога на новинари за ,, Денот на учителот”.

Делови од интервјуата со нашите наставници во прилог.

ГОРДАНА ПАВЛОВА

– 40 години одделенски наставник.

Нашата Горде по 40 години минати во образование како одделенски наставник, минатата седмица замина во пензија.

Животниот пат ја водел во неколку училишта за последните 19 години да ги помине во нашето училиште.

Цели девет генерации ученици се дел од нејзината наставничка кариера. Таа ни раскажа дека секоја генерација имала свои идентитет по кој се разликувала од претходната и секоја оставила траен белег во нејзиното сеќавање.

Ние колегите генерациите на Горде ќе ги паметиме како тивки, ненаметливи исклучително вредни и најважно од се полни со љубов и емпатија пренесена од нивната наставничка.

Горде со многу емоции зборуваше и за средбите со нејзините поранешни ученици, кои денес се возрасни, семејни луѓе со најразлични професии.

Нејзиниот бележник со анегдоти е полн со интересни случки кои даваат одговор на прашањето, зошто наставничката професијаа е најубава и најблагородна.

Горде еве веќе една седмица и официјално е среќен пензиониран наставник кој на колегите им даде ветување дека со задовoлство ќе продолжи да го посетува училиштето и да дава мудри совети за животот по кои беше препознатлива.

Новинар:Тара Спасиќ 9-2 одд.

ЈОВАНКА ГРУЈОВСКА

-35 години одделенски наставник

Нашата Јованче 31 година е наставник во училиштето.

Таа ќе каже:,,Да се биде учител е привилегија затоа што се работи со најнежниот, најискрениот и најважниот свет”. Учителската работа е и мисисонерска затоа што не само што го образува умот туку и го обликува срцето на младиот човек.

Низ нејзината училница минале седум генерации ученици, со секоја од нив и таа растела и се надградувала. Како што самата ќе каже секоја генерација ја инспирирала да биде подобра верзија од себе. Секоја генерација оставала посебен печат, во зависност од времето во кое се образувала и секоја е дел од нејзината животна приказна.

Со љубов ни раскажа за секојдневните средби со нејзини ученици меѓу кои има одлични работници во својата професија, доктори, музичари, архитекти… Таа посочи дека средбите со нив секогаш се топли, срдечни и емотивни.

Младите колешки спонтано ги посоветува дека добриот наставник треба да поседува знаење, да ги прати модерните текови и напредокот на образованието и во своето срце да има многу љубов кон децата. Да биде самокритичен и секојдневно да ја оценува сопствената работа, да учи од сопствените грешки за да напредува.

На крајот од интервјуто нашта Јованче кажа дека денес, најмногу емоции кај неа предизвикуваат сочуваните писма, честитки, пораки и напишани стихотворби од учениците.

Ни откри дека често ги чита и како времето одминува така тие и се сѐ подрагоцени.

Среќни сме што таа и ден денес е дел од нашето училиште.

Новинар: Софија Мијалковска 9-3 одд.

МАРИЈА ШЕРЕМЕТКОСКА

-најмлад предметен наставник во училиштето.

Наставник по македонски јазик.

Марија има 2 години работен стаж во нашето училиште и прво побаравме од неа да се потсети на својот прв работен ден. Веднаш со насмевка, која е препознатлива за неа ни раскажа дека тој ден била пресреќна затоа што нејзиниот детски сон станал реалност.

На прашањето со какви предизвици се соочува секојдневно, посочи дека секој ден е поразличен од претходниот. Главен предизвик и е кај учениците да развива пред сѐ љубов кон мајчиниот јазик, но и навика за читање.

Марија истакна дека тоа што е најмлада во училиштето донекаде и е предност во комуникацијата со учениците, бидејќи генерално ги разбира нивните потреби и секогаш сака да им помогне со совети и убав збор .

Кога ја запрашавме за некоја анегдота таа сподели анегдота од првите денови на вработувањето кога ученик и сe обратил со зборовите:„Наставничке, Вие изгледате многу младо. Колку години имате? ….18 ли?“

Таа истакна дека по професија покрај наставник таа е и лектор по македонски јазик, но себеси во иднина се гледа во истата професија – наставник. Би сакала и по 20 години да работи во истото училиште.

Новинар: Аника Велковска 9-1 одд.

ЕМИЛИЈА БЛАЖЕВСКА -дипломиран педагог, најмлад одделенски наставник во училиштето.

Емилија основното образование го завршува како ученичка на ова училиште.

Денес по дипломирањето е повторно во училиштево но овој пат во улога на наставник сега веќе сo 1 година работен стаж. Таа сподели со нас дека враќањето во училиштето ја потсетува на најубавите моменти од нејзиното детство. Уште подраго и е што нејзините некогашни наставници, денес и се драги колеги од кои има можност секојдневно да учи.

Емилија размислувајќи за својата идна професија брзо сфатила дека работата со деца е нешто што сака да го работи, што ја прави среќна и ја исполнува. Таа ќе каже дека да се биде наставник и пример на учениците е голем предизвик, но исто така и влијателна и благородна професија. Потребно е многу посветеност, трпение, емпатија, креативност и подготвеност за постојаните образовни и општествени промени.

И во иднина себе си се гледа како успешен наставник кој ќе ги следи сите новитети во образовнието и кои ќе им овозможи на учениците со задоволство да доаѓаат на училиште и да уживаат во процесот на учење.

Новинар: Калина Караџоска 8-1 одд.

Активност подготвена од одговорните наставници на ,,Ученичкиот парламент” -Магдалена Павлеска и Данче Костовска Јакимовска.

„Франкофонија“ во Дане Крапчев

Нашето училиште е дел од мрежата “J’aime le français” / ,,Го сакам францускиот јазик” – проект на Француската амбасада.

И ДА, ние во Дане Крапчев го сакаме францускиот јазик.

Денес ја славевме Франкофонијата и се забавувавме на француски.

Пеевме, читавме поезија од Жак Превер, па и малку спортувавме.

На настанот учество земаа ученици, вљубеници во францускиот јазик од 5 до 9 одд.

Водители на настанот беа Дејанчо и Анастасија а ја проследивме следнава програма

1. Bonjour mes amis- учениците од 5 одд 

2. Поемата  Quand la vie est un collier – ја рецитираа Ивана, Јана, Мила, Меланија, Анастасија, Ангелина, ученички од 6 одд

3. Voila – ја испеа Катарина Пислевиќ

4. Поемата Dejeuner du matin – ја читаше Тара придружена со драматизација (Тео и Ана)

5. Matador – ја испеа Ангелина

6. Поемата  Je suis comme je suis- ја читаше Аника 

7. Je veux – ја испеа Ивана 

8. Поема Pour toi mon amour – ја прочита Софија

9. Малку спортувавме со песната Les pouces en avant 

10. Со песничката Je te dis Bonjour учениците од 5 одд на присутните им кажаа Догледање

Ментори : Наставници по француски јазик Анета Митевска и Наташа Апостоловска.

Патронен празник на училиштето

Денес со пригодна приредба и со многу гости го обележавме 47 патронен празник на училиштето

Постојано цртаме спомени и создаваме слика наречена ЖИВОТ.

Повеќе фотографии од денешниот настан може да видите на нашата фб страна

20 НОЕМВРИ – ГО СЛАВИМЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТЕТО! ЈА СЛАВИМЕ ИДНИНАТА!

Денес учениците од Ученичкиот парламент спроведоа активност

🙅‍♀️,,ОД ДЕТЕ ЗА ДЕТЕ”🙅

🎈Со оваа активност подарувавме, преку пораки потсетувавме за правата на децата, ставивме насмевки на лицата на нашите првачиња и создадовме среќни моменти за нив.

🎈За ,, Денот на детето” ученикот правобранител и неговите заменици изработија пано за детските права.

🎈На големиот одмор во училишниот хол ја промовираа улогата на Ученикот правобранител во заштитата на детските права , повикаа на нивно почитување и им посочија на учениците како да реагираат во ситуации на прекршување на детските права.

🙋‍♀️💁ДРАГИ НАШИ ДЕЦА-ДЕНЕС И СЕКОГАШ БИДЕТЕ СРЕЌНИ

ДУРИ И БЕЗ ПРИЧИНА!

ВИЕ СТЕ ИДНИНАТА НА СВЕТОТ!

111 години од раѓањето на нашиот патрон – Дамјан Крапчев-Стари

Во 1912 година во едно студено и магливо утро на 2 февруари, во Ивањица сместена во живописната Шумадија, во семејството на Јован и Теодора Крапчев, се роди како шесто дете Дамјан, кој нагалено го добива името Дане кое ќе го носи до крајот на животот.

Kај него почна да се буди свеста за посебноста на македонскиот народ. По завршување на гимназијата се запиша на Правниот факултет во Белград, најнапред како редовен студент. (Никола Милосковски)

Во 1937 година Дане се сели од едно место на друго. Едно време останува во Буњаковец, Мала Станица, а потоа Долно Нерези, најнапред како потстанар на семејството Саздовски, а потоа како нивни зет. Во предвоениот период активен е во СКОЈ, а учествува во две од трите организирани диверзантски акции на рудникот Радуша.

Почетните месеци од 1941 година беа обележани со крупни настани. Дане сметаше дека тогаш може да покаже сé што дотогаш научи. Тоа и го стори. Истата година застана под знамето на тогашната КПЈ и неуморно се подготвуваше за долгоочекуваната офанзива што требаше да се случи во 1944 година. Со формирање на Првиот скопски партизански одред Дане беше одреден за политички комесар и со својата чета дејствуваше на Скопска Црна Гора.

Се случи и тој очекуван пролетен настан кога се вклучи кон партизанските единици назначен како политички комесар. Поседуваше високи квалитети и способност истите да ги пренесе и на другите борци.

Но за жал тој беше еден од оние борци кој не успеа да и се восхити на светлината. Токму во таа пролетна офанзива, 1944 година, на 24 Мај во судир со бугарскиот окупатор, кога батаљонот тргнуваше во еден од последните јуриши во бујната, шумовита Плачковица залутан куршум го најде своето место токму во телото на првоборецот Дане. Во тој миг згасна еден млад живот, храбар борец и смел син на нашата татковина. Згасна во најубавото годишно време –пролетта, во најубавиот месец мај и овој месец го закити со уште една значајна дата. Тешка беше загубата. Остана закопан во пазувите на планината, со себе ја закопа војната, а ни ја подари слободата.

Како ученици во ова училиште горди сме што учиме во училиштето коe го носи името на човек кој целиот свој живот го посвети на татковината. Чувствуваме должност гордо да се поклониме пред бистата на Дане Крапчев, да положиме свежо цвеќе, затоа што тој со својот боречки револуционерен и неуморен дух стана причина за нашата гордост.

Иако тој не е веќе меѓу нас , не може да се заборави еден таков човек кој служи како пример на секој млад човек, за тоа како треба да се сака татковината.

Изработиле: КРЕАТИВЦИ-секција за мултикултура и интеркултура

20 Ноември e Светскиот ден на детето

Денес, 20 Ноември се одбележува Светскиот ден на детето. По тој повод членовите на Ученичкиот парламент од нашето училиште изработија книга со правата на детето. Во книгата учениците на креативен начин преку цртежи направија приказ на детските права и упатија пораки за нивно почитување.

Книгата во наредните денови ќе биде изложена во училишниот хол. Ги повикуваме сите ученици од нашето училиште да ја погледнат, бидејќи секое дете ИМА ПРАВО ДА ГИ ЗНАЕ СВОИТЕ ПРАВА. Среќен Ден на детето на сите деца во светот!

Ден на училиштето

Ден на училиштето

Денес е посебен ден за сите нас, ден кога го празнуваме Патрониот празник на нашето училиште.

Оваа 2022 година одбележуваме 44 години воспитно-образовна дејност во нашето училиште, и 78 години од загинувањето на нашиот патрон Дане Крапчев. По тој повод, а со цел да го одбележиме овој ден огранизиравме низа активности под мотото

„Бели гулаби за сите деца во светот“.

Токму од ова училиште учениците едногласно упатија широки прегратки со желби за мир, единство, љубов до сите деца во светот.

Нека ни е честит патрониот празник на училиштето!

110 години од раѓањето на нашиот патрон – Дамјан Крапчев-Стари

Денес 2 февруари прославуваме 110 години од раѓањето на нашиот патрон – Дамјан Крапчев-Стари

Дамјан (Даме) Јованов КРАПЧЕВ-СТАРИ – с. Ивањица, Србија, 1912 – пл. Плачковица, 24. Ⅴ 1944 – комунистички деец и првоборец. Бил студент на Правниот факултет во Белград, член на КПЈ (од 1939) и активист на Спортското друштво „Работнички” во Скопје. Во НОБ учествувал во диверзантската акција на рудникот Радуша, Скопско, август 1941г. и бил политички комесар на Првиот скопски НОПО (октомври 1941). По расформирањето на Одредот на 29. XI 1941 се илегализирал, а потоа Дамјан Крапчев-Стари бил назначен за политички комесар на Вториот скопски НОПО. На судскиот процес во Скопје на 27. Ⅳ – 9. Ⅴ 1942 во отсуство бил осуден на смрт. Извесно време бил борец и во Скопско-косовскиот НОПО во првата половина на 1943 г, во шарпланинскиот НОПО летото 1943г, во Косовскиот НО баталјон и во Третата македонска НОУБ од 26. Ⅱ 1944 г. Загинал во борба со бугарската војска и полиција. 

Иако тој не е веќе меѓу нас, не може да се заборави еден таков човек кој служи како пример на секој млад човек, за тоа како треба да се сака татковината.