За побезбедно училиште

Нашето училиште беше домаќин на Здружението ,,Центар за интегрирана безбедност”.

Ученици и наставници од училиштето следеа предавање на тема: ,, Подобрување на свесноста

и информираноста на учениците и наставниците во основните училишта за превенција од насилство, закани и опасности”

Приредба по повод приемот на првачињата во Детската организација

ДЕН кога ПРВАЧИЊАТА ВЕТУВААТ

Приредба по повод приемот на првачињата во Детската организација.

На приредбата со свои настапи беа вклучени ученици од II до V одделение.

Со рецитирање на заклетвата ,,Ветување” и официјално нашите првачињата станаа членови на Детската организација.

Активноста ја подготвија одговорните наставници на Тимот за детска организација Емилија Блажевска и Христина Петровска

КАКО ДА И ПОМОГНЕМЕ НА ПРИРОДАТА?

8-ми ОКТОМВРИ – ,,Меѓународен ден за намалување на уништувањето на природата

Учениците од V-3 одд.со нивната наставничка Анета Менчова ги поканија останатите паралелки од петто одделение на час на кој преку презентација се дискутираше:

– во каква животна средина живеме;

– од кого зависи во каква средина ќе живееме;

-каква судбина ќе има планетата Земја доколку продолжиме со загадување;

Учениците се сложија:

– одржувањето на чиста и здрава животна средина е сечија одговорност.

– од нас, луѓето, зависи судбината на планетата Земја, нашиот единствен дом.

ИСТРАЖУВАМЕ-СЕ ЗАБАВУВАМЕ!

Нашите шесто одделенци љубопитно истражуваа за бројните системи во минатото.

Изработија презентации и хамери на кои ги претставија египетските хиероглифи, римските цифри, денешниот декаден систем, (арапски броен систем) и бинарниот систем составен од 0 и 1.

Доколку сакате да дознаете како се пишува вашето име во бинарен код, тогаш треба да ги прашате членовите од математичко – информатичката секција

Aктивноста ја подготвија:

Билјана Стојановска – наставник по математика и

Марина Пејковска- наставник по информатика.

5 Oктомври – Денот на учителот

За денот на учителот, младоста и искуството на едно место

Токму училишната библиотека беше сведок на емотивна средба меѓу најмладите и најискусните наставници од нашето училиште.

Пораката беше јасна – УСПЕШНИОТ НАСТАВНИК е достоен, посветен, срдечен, толерантен, грижлив, емпатичен, ентузијаст и инспиративен

Учениците од ученичкиот парламент во улога на новинари за ,, Денот на учителот”.

Делови од интервјуата со нашите наставници во прилог.

ГОРДАНА ПАВЛОВА

– 40 години одделенски наставник.

Нашата Горде по 40 години минати во образование како одделенски наставник, минатата седмица замина во пензија.

Животниот пат ја водел во неколку училишта за последните 19 години да ги помине во нашето училиште.

Цели девет генерации ученици се дел од нејзината наставничка кариера. Таа ни раскажа дека секоја генерација имала свои идентитет по кој се разликувала од претходната и секоја оставила траен белег во нејзиното сеќавање.

Ние колегите генерациите на Горде ќе ги паметиме како тивки, ненаметливи исклучително вредни и најважно од се полни со љубов и емпатија пренесена од нивната наставничка.

Горде со многу емоции зборуваше и за средбите со нејзините поранешни ученици, кои денес се возрасни, семејни луѓе со најразлични професии.

Нејзиниот бележник со анегдоти е полн со интересни случки кои даваат одговор на прашањето, зошто наставничката професијаа е најубава и најблагородна.

Горде еве веќе една седмица и официјално е среќен пензиониран наставник кој на колегите им даде ветување дека со задовoлство ќе продолжи да го посетува училиштето и да дава мудри совети за животот по кои беше препознатлива.

Новинар:Тара Спасиќ 9-2 одд.

ЈОВАНКА ГРУЈОВСКА

-35 години одделенски наставник

Нашата Јованче 31 година е наставник во училиштето.

Таа ќе каже:,,Да се биде учител е привилегија затоа што се работи со најнежниот, најискрениот и најважниот свет”. Учителската работа е и мисисонерска затоа што не само што го образува умот туку и го обликува срцето на младиот човек.

Низ нејзината училница минале седум генерации ученици, со секоја од нив и таа растела и се надградувала. Како што самата ќе каже секоја генерација ја инспирирала да биде подобра верзија од себе. Секоја генерација оставала посебен печат, во зависност од времето во кое се образувала и секоја е дел од нејзината животна приказна.

Со љубов ни раскажа за секојдневните средби со нејзини ученици меѓу кои има одлични работници во својата професија, доктори, музичари, архитекти… Таа посочи дека средбите со нив секогаш се топли, срдечни и емотивни.

Младите колешки спонтано ги посоветува дека добриот наставник треба да поседува знаење, да ги прати модерните текови и напредокот на образованието и во своето срце да има многу љубов кон децата. Да биде самокритичен и секојдневно да ја оценува сопствената работа, да учи од сопствените грешки за да напредува.

На крајот од интервјуто нашта Јованче кажа дека денес, најмногу емоции кај неа предизвикуваат сочуваните писма, честитки, пораки и напишани стихотворби од учениците.

Ни откри дека често ги чита и како времето одминува така тие и се сѐ подрагоцени.

Среќни сме што таа и ден денес е дел од нашето училиште.

Новинар: Софија Мијалковска 9-3 одд.

МАРИЈА ШЕРЕМЕТКОСКА

-најмлад предметен наставник во училиштето.

Наставник по македонски јазик.

Марија има 2 години работен стаж во нашето училиште и прво побаравме од неа да се потсети на својот прв работен ден. Веднаш со насмевка, која е препознатлива за неа ни раскажа дека тој ден била пресреќна затоа што нејзиниот детски сон станал реалност.

На прашањето со какви предизвици се соочува секојдневно, посочи дека секој ден е поразличен од претходниот. Главен предизвик и е кај учениците да развива пред сѐ љубов кон мајчиниот јазик, но и навика за читање.

Марија истакна дека тоа што е најмлада во училиштето донекаде и е предност во комуникацијата со учениците, бидејќи генерално ги разбира нивните потреби и секогаш сака да им помогне со совети и убав збор .

Кога ја запрашавме за некоја анегдота таа сподели анегдота од првите денови на вработувањето кога ученик и сe обратил со зборовите:„Наставничке, Вие изгледате многу младо. Колку години имате? ….18 ли?“

Таа истакна дека по професија покрај наставник таа е и лектор по македонски јазик, но себеси во иднина се гледа во истата професија – наставник. Би сакала и по 20 години да работи во истото училиште.

Новинар: Аника Велковска 9-1 одд.

ЕМИЛИЈА БЛАЖЕВСКА -дипломиран педагог, најмлад одделенски наставник во училиштето.

Емилија основното образование го завршува како ученичка на ова училиште.

Денес по дипломирањето е повторно во училиштево но овој пат во улога на наставник сега веќе сo 1 година работен стаж. Таа сподели со нас дека враќањето во училиштето ја потсетува на најубавите моменти од нејзиното детство. Уште подраго и е што нејзините некогашни наставници, денес и се драги колеги од кои има можност секојдневно да учи.

Емилија размислувајќи за својата идна професија брзо сфатила дека работата со деца е нешто што сака да го работи, што ја прави среќна и ја исполнува. Таа ќе каже дека да се биде наставник и пример на учениците е голем предизвик, но исто така и влијателна и благородна професија. Потребно е многу посветеност, трпение, емпатија, креативност и подготвеност за постојаните образовни и општествени промени.

И во иднина себе си се гледа како успешен наставник кој ќе ги следи сите новитети во образовнието и кои ќе им овозможи на учениците со задоволство да доаѓаат на училиште и да уживаат во процесот на учење.

Новинар: Калина Караџоска 8-1 одд.

Активност подготвена од одговорните наставници на ,,Ученичкиот парламент” -Магдалена Павлеска и Данче Костовска Јакимовска.

Успешно завршен тренинг за TeachSpace и TeachHub

На 01.10.2024 година, под водство на Весна Димитровска, беше одржана обука за едукатори во рамките на ISEC – ADE програмата! Оваа возбудлива обука е дел од иновативната иницијатива за дигитално образование насочено кон поддршка на ученици со состојби од аутистичен спектар (САС) и интелектуална попреченост (ИП).

Преку овој тренинг, наставниците и стручните соработници добија можност да ги унапредат своите вештини за создавање пристапни средини за учење. #TeachSpace и #TeachHub веб апликациите овозможуваат креирање на инклузивна и интерактивна средина, со посебен акцент на потребите на учениците со САС и ИП.

✨ Благодарност до сите учесници кои активно се вклучија и ја направија оваа обука успешна! Ве охрабруваме да продолжите да го користите знаењето и алатките стекнати на овој тренинг за подобрување на дигиталното учење и поддршка на сите ученици!