Голем предизвик од општина Гази Баба

Дојде и зимскиот распуст кој по напорната работа во првото полугодие, сите едвај го чекаат – учениците, наставниците и родителите . Препораките се да останеме дома и да внимаваме на нашето и на здравјето на другите. Затоа општина Гази Баба има голем предизвик за сите вас. Имено, сите заедно (ученици, наставници и родители) да ја претставите изминатата година на свој начин – единствен и оригинален, преку изработка на постер, брошура, карикатури, песна, анимиран филм, стрип, претстава …..

Изработките треба да се достават најдоцна до 25 јануари.

Ви посакуваме на сите релаксиран и креативен зимски распуст  исполнет со убави спомени.
Новата 2021 година да ви донесе многу здравје, среќа, успеси, радости….

Општина Гази Баба

Отворен ден за граѓанско образование 2020

Отворен ден за граѓанско образование, на еден поинаков начин-ХУМАНОСТ и во време на пандемија. Бевме креативни и хумани, успеавме да предизвикаме насмевка на лицата на најмалите ученици во нашето училиште и највозрасните граѓани во нашата населба. Хуманоста е добредојдена и се памети во секое време. Помагајте и бидете хумани, можеби некаде, некому му е потребна токму Вашата помош!

И за крај нека ни е Среќна 2021 год. Ви посакуваме многу здравје, среќа, успеси… Останете ни во добро здравје, чувајте се и бидете хумани!!! СРЕЌНА НОВА 2021 година

Еразмус+ проект BAR CODE

Нашето училиште е еден од партнерите во Еразмус+ проектот Best Achievable Results in Coding – Најдобри можни резултати во кодирањето, или скратено BAR CODE. Партнери во овој проект се училишта од Србија, Португалија, Турција и од Литванија, која е координатор на проектот. Платформата Етвининг ќе се користи во сите фази од проектот кој се состои од 5 мобилности и 21 локална активност. Преку овој проект учесниците ќе научат повеќе за кодирање, едноставно програмирање, структура на податоци и алгоритам, и тоа ќе може да се интегрира во наставата. Наставниците ќе можат да користат кодирање како алатка за настава во области како што се етика, математика, странски јазик, природни и општествени науки и уметничко образование. При тоа сакаме да ги скршиме предрасудите на наставниците и родителите во врска со примената на иновативни наставни методи, да сфатат дека целта на иновативните практики не е да губат време, туку да го направат учењето потрајно и поефективно. Со помош на знаењата добиени како резултат на овој проект ќе овозможиме нашите ученици да се подготвуват за живот како индивидуи со вештини од 21 век.
Веќе реализиравме две on-line средби со нашите партнери, првата да се запознаеме, а на втората зборувавме за задачите. Прва задача беше учениците да изработат лого за проектот. Добивме многу предлози, потоа наставниците вклучени во проектот, врз основа на претходно определени критериуми издвоија 5, направија електронски прашалник и сите наставници во училиштето гласаа. Се избра предлогот на Алексеј Стојановиќ 8-3.

Големо БРАВО за сите ученици кои дадоа свои предлози. Навистина беше тешка задача да се избере само едно лого.

На следниот ЛИНК може да ги погледнете сите предлози за лого

Проект “Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици“

Проектот “Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици кај учениците од основното образование, преку развивање на знаења, вештини, ставови и вредности во рамки на воннаставните активности” во рамки на Еразмус+ програмата започна на почетокот на 2020г. во рамки на акцијата Стратешки партнерства во образованието и се планира да трае до средината на 2022 г.

Имајќи предвид дека во различни домашни и меѓународни извештаи (ОЕЦД, ПИСА) е констатирано дека постигнувањата на учениците се многу ниски и се во пад (особено во областа на писменоста), потребно е да се пронајдат начини и стратегии за подобрување на состојбата во училиштата и во однос на наставата, но и во изнаоѓање други покреативни методи на учење и настава, мотивирање на учениците да ги развиваат основните компетенции – јазичната писменост и изучувањето на странските  јазици.

Овој проект има за цел и да се поврзат потребните компетенции за јазична писменост и учење на странски јазици во основните училишта и да го надградат и дополнат учењето преку редовните наставни предмети со учење преку „животот на училиштето“ и воннаствните активности од овие области. Преку читање текстови со различна содржина и структура во училишните библиотеки, „клубови“, „училишни театри“ и други форми предложени од учениците, ќе се направи обид  да се  развие писменоста и културата на читање и пишување, креативноста, љубопитноста и интересот за изучување на различни јазици, почитување на културна разноликост и интеркултурна комуникација.

Во рамки на проектните активности се спроведува истражување на состојбата на терен. Целта на истражувањето е да се соберат показатели од учениците, наставниците, стручната служба и родителите за искуствата во однос на планирање и реализација на воннаставните активности од областа на јазична писменост и изучување на странски јазици, како и за предлозите/програмите за тоа како треба да се реализираат овој вид на активности во основните училишта. 

Нашето училиште е вклучено во истражувачката фаза на проектот. Веќе се одржаа фокус групи со околку 30тина ученици од различни возрасти, а во план е спроведување на фокус групи и прашалници со наставници и родители.

Се планира во следната фаза на проектот  наставници од училиштето да бидат вклучени во  обуки и семинари за зајакнување на нивните капацитети.


Проектот е од програмата на Еразмус +, во реализација на Здружението за унапредување на социјалните политики, образованието, културата и уметноста Доминиум културно јадро од Скопје, во партнерство со- Градска библиотека Ријека, Р. Хрватска и основното училиште „Св. Кирил Константин Философ“ од Русе, Р. Бугарија.

Виртуелна средба со ученици од Монпелје, Франција

Оваа година учениците од седмо одделение од Франкофонскиот клуб во нашето училиште под раководство на наставничката Анета Митевска имаат соработка со ученици од училиштето „Achille Rousson“ и нивната наставничка Ан Вог, близу градот Монпелје, во Франција. Тие веќе си разменија писма, а денес се одржа и првата витуелна средба на учениците. Средбата започна со претставување на сите ученици а исто така се обратија и директорите на двете училишта кои ги поздравија учениците и го истакнаа задоволството од соработката. Потоа учениците зборуваа за Македонија и Франција. Нашите ученици преку претходно подготвена презентација ги претставија убавините на Македонија, некои споменици и традиционални јадења. По презентацијата нашите пријателите од Франција изразија желба да дојдат и да не посетат. Како последна активност на денешната средба беше да ги научиме како да се поздрават на македонски и да прашаат како си. Средбата заврши со Догледање, кажано на македонски јазик.

Со нетрпение ја очекуваме следната средба.

Набавени лаптоп компјутери за сите наставници

Завршена е набавката на нови лаптоп-компјутери за наставниот кадар во нашето училиште. Обезбедена е соодветна ИТ-опрема за поуспешна реализација на наставата од далечина. Големо е задоволството кога на кадарот ќе се обезбеди она што му е важно и повеќе од неопходно за успешна реализација на воспитно – образовниот процес!!!

Медиумска писменост

Интернет, медиуми, каде ги наоѓаме информациите? Како да направиме информација? Како се создаваат вести? Лажни вести. Како да препознаеме лажни вести? Ова се само дел од темите за кои се дискутираше на онлајн час со нашите ученици од осмо и деветто одделение со новинарот Младен Чадиковски. Овој онлајн час- предавање за медиумска писменост се реализираше како активност на ,,Македонскиот институт за медиуми,, во рамки на регионалниот проект: ,, Медиумите за граѓаните- граѓаните за медиумите,, Учениците имаа можност да се запознаат со професијата новинар, какви предизвици нуди оваа професија и се разбира разјаснија многу дилеми кои ги имале во поглед на работата на новинарите, медиумите, создавањето вести и многу други.

Голема благодарност до МИМ и новинарот Младен Чадиковски.

Превенција од сајбер насилство

Во 21 век интернетот со себе донесе голем број позитивни работи и претставува моќна алатка за брзата размена на информации. Но како и се, така и интернетот може да се злоупотреби. Оваа злоупотреба нам, наставниците и родителите најмногу не засега како влијае на нашите деца и ученици. Како да ги заштитиме? Како да го препознаеме сајбер насилникот? Како да ги научиме отворено да разговараат за овој тип насилство? Беа само неколку од многуте дискусии за кои се зборуваше на работилницата на тема: „Превенција од електронско-сајбер насилство“ која се одржа денес во рамки на проектот: „И јас имам глас“ предводена од д-р Мери Бошковска, а учесници беа наставници и родители од нашето училиште.

Децата се нашата иднина, наша обврска е да ги заштитиме!