Sandra Todorovic, 14.7.2016
Моите деца не се одлични ученици. Немаат чувство дека тоа е се што се очекува од нив, па приоритетите си ги одредуваат сами. Мачно ми е секое одење на родителска средба кога наставничката насамо ќе ми рече: “Стиснете ги малку”. Стискам и премногу, но изгледа тоа не е доволно. Посилно да стискам не умеам. Што воопшто значи, стискајте ги?
Се нервирав, ме болеше, бидејќи сакав да им покажам колку е успехот прекрасна работа и колку човек на крај се чувствува гордо. Во еден момент сфатив дека сакам и очекувам да го постигнат мојот успех од училиште и дека тоа е невозможно. Тие не се јас. Јас не умеам да им создадам чувство дека по часовите на училиште, треба да учат уште четири часа.
Сами се по цел ден додека сум на работа. За тоа време учат многу малку. Ја завршуваат домашната, а потоа прават сосема неверојатни работи. Тоа е она заради што сум горда на нив. Тоа се нивните златни пехари, со моето име изгравирано на нив. И никогаш не се објавени ниту на една социјална мрежа.
Моите мали девојчиња одлучиле да ми направат торта. Вистинска. Одозгора со шлаг. Нашле некој едноставен рецепт на интернет и ми ја направиле за роденден. Ставиле и свеќи. Заштедиле од ужината. Тој ден не јаделе на училиште за да стават бројка 40 на мојата торта. Син ми ги поправил фиоките кои се разлабавиле. Тогаш плачев, а и тие плачеа. Ја изедовме тортата, а потоа ги однесов на ќебапчиња.
Добивав саксии со насадено цвеќе, грашок со шеќер, домашен печен леб (се сеќавам дека делуваше како нешто дрвено), поправени кваки, средена тераса, со чаша ладен сок, кој ме чека на масата. Ме дочекуваа со омилените песни кога ќе влезев дома.
Ми пишуваа песни, цртаа ремек дела на кои пишува дека се за мене и дека сум јас најдобрата мајка на светот. Куп поклони направени од крпчиња, стапчиња за сладолед, лак за нокти и резанци. Мојата бела, досадна спавача ја исцртаа со фломастери, да биде шарена за спиење и поубаво да сонувам. Ја исчистиле кадата и умивалникот, спростриле алишта. Ја менуваа сами својата постелнина, а кај мене ја ставаа омилената, портокаловата. Ми правеа обетки од цреши кои сами ќе ги набереа, ме тешеа кога ќе дојдеа претешки денови. Не грижи се мамичке, се ќе биде во ред. Одеа по набавки, го бањаа кучето и го носеа на ветеринар. Му помогнаа на другарчето околу некој проект за на училиште.
Ми го масираа и мачкаа грбот еднаш кога се укочив и лежеа покрај мене додека не заспијам. Ми правеа чаеви кога бев болна. Илјадници утрински кафиња ме имаат дочекано на тераса. Носеа мачиња, кучиња и желки дома, за заедно да ги спасуваме. Ми ги оставаа најсмешните пораки на фрижидерот, ја разбираа мојата одлука да не живеам со нивниот татко. Отсекогаш беа мојата снага, мој двигател, моја инспирација. Моја екипа.
Нивните големи дела, ги прават нив тројцата најголеми личности во мојот живот. Од мене не зборува пристрасноста туку гордоста на тоа што во својот дом направив расадник на квалитетни луѓе кои ќе се снајдат во животот каде и да се. А тоа не може да го замени ниту една петка од математика, физика и хемија.