7 АПРИЛ – ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

Светски ден, ден посветен на подигање на свеста за здравјето на луѓето ширум целиот свет.  Ден кога е основана Светската здравствена организација. Неговото одбележување започнало од 1950 година. Ден за да се привлече внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот. Се одбележува со бројни светски, меѓународни, регионални и месни настани посветени на соодветна тема. Учествуваат владите на државите, владини и невладини организации што се занимаваат со здравствена проблематика, пред се јавното здравје на луѓето. Се приредуваат настани, активности, јавни гласила. Секоја година се иницира здравствена тема која ги поврзува луѓето од цел свет, под покровителство на Светската здравствена организација. Оваа година тема се, и повеќе од заслужено, здравствените работници. Луѓето кои пожртвувано се грижат за нашето здравје.

А што е здравје ?

Здравјето е состојба на потполна физичка, психичка и социјална благосостојба , а не само отсуство на болест и изнемоштеност. Токму за него се борат и творат нашите овогодишни херои.

Годинава, повеќе од било кога, 7 Април е ден на сите здравствени работници. Но не само овој, сите денови во изминатата година и половина, година на пандемија, треба да им ги посветиме на нив. На луѓето кои се борци и  херои на ова наше време, време-невреме. На тие што се на работните места деноноќно. Тие кои се борат со невидливиот непријател, за нас, за вас, за нив. За нашите, за вашите, за нивните најблиски. За сите на овој свет. Оваа пандемија, оваа војна со нешто толку мало и невидливо, а толку силно, разорно, уништувачко се надевам ќе не освести и научки колку се вредни за нас, колку се потребни во секое време и како треба да ги сакаме и почитуваме.

Секој ден се поуморни се враќаат дома после напорното и стресно деноноќие, полни со страв за себе и своите најмили. Но следното утро повторно се будат полни со сила, воља, енергија и пред се желба да помогнат таму каде што треба и на тие што најмногу им требаат. И секогаш со насмевка, убав и мил збор, топол и нежен пристап кон секого. Вредни, брзи, пожртвувани и за болните да оздрават и за здравите да си го одржат здравјето, и физичко и ментално. Тоа се луѓе со огромни срца и души. Луѓе во кои љубовта, добрината, желбата за помош на секого немаат граници. Луѓе кои не знаат за доста кога треба да се помогне и спаси нечиј живот. Луѓе кои не знаат за разлики. За нив сите се исти и по вера, и по националност, и по боја на кожа, и по образование.  За нив секој е ЧОВЕК и само ЧОВЕК. Што уште да се каже. Не постојат зборови со кои може да ги опишеме нив,  нивната добрина, нивната работа, нивниот труд. Сега најубаво ги гледаме нивните вредности и квалитети.. Тоа што тие го прават за да може повторно светот да се врати на убавото и слободно време кога се движевме слободно, без страв едни од други и кога дишевме без маски исполнувајки си ги градите со слобода. А сега ни останува само да ги почитуваме, сакаме,слушаме нивните совети и препораки и така да си помогнеме самите на себе, а ним да им ја олесниме работата и да ги поттикнеме да издржат во ова модерно лудило. Да си помогнеме едни на други па нашите и нивните  умови да размислуваат повторно слободно, без страв. Да ги гледаме повторно нивните насмеани лица, толината и љубовта во нивните очи и срца.

Ајде да направиме и ние нешто за чуварите на нашето здравје низ целиот свет. Да ги испочитуваме барем со еден убав поздрав, со стих, со песна, со цртеж, со насмевка. Со убав збор  кога ќе ѓи видиме како изморени  се враќаат од работа. Да им дадеме надеж, нематеријална награда и потврда за нивниот труд и грижа. Да им олесниме со убава порака да издржат во секојдневието и да почувствуваат дека и ние се грижиме за нив. Само така можеме да им возвратиме, иако знам дека тие не работат  за возврат туку од хуманост и љубов кон професијата и луѓето. Поздравете ги на било кој начин СИТЕ медицински работници на овој свет кои  работат за спас на сите нас.  Знаете … овој непријател не се уништува ниту со најсилната војска, ниту со најмоќниот арсенал на овој свет.  Може да го спречат само ТИЕ. Тие се и нашата војска и нашиот арсенал. Наше богатство, наше СЕ !

ТИЕ СЕ ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ШИРУМ ЦЕЛИОТ СВЕТ. НЕКА ИМ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ 7 АПРИЛ – НИВНИОТ ДЕН.

Цртежите ги изработија Ангела Анѓелковска 9-3, Ева Серафимовска 7-4, Ања Јовановска 7-4, Теа Јордановска 6-3 и Рефератот Горазд Стојановски 7-4 одд.