Владата на Република Северна Македонија на својата 26 седница одржана
на 23 март 2020 година, ги усвои записниците од седмиот и осмиот
состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна
координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус
COVID-19, одржани на 22 март и на 23 март 2020 година.
На оваа
седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за
основното образование за реализација и организација на наставата во
основните училишта и за оценувањето на учениците за времетраење на
вонредната состојба.
Според одредбите од оваа уредба со законска
сила наставата во основните училишта се организира преку далечинско
учење односно учење од дома, со примена на средства за електронска
комуникација.
Средства за електронска комуникација, во смисла на
оваа Уредба се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без
заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои
овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.
Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.
За употреба на видот на средствата за електронска комуникација од став 2 на овој член одлука донесува основното училиште.
За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.
Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот. https://vlada.mk/node/20679?fbclid=IwAR1eSMpjfAkwsJbSsvkrf7g2iBx0UrvKh7Hohtzl4i9Th164HuIFsVxgcK8