На 13 ноември пред 77 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
„Ладно есенско утро, 13 Ноември, 1944-тата година. Партизаните се подготвуваат за борба. Срцата бијат како едно, мислата е насочена само во слободата и другарите, со кои можеби ова ќе биде последната средба“ – на ова се сеќава Пенка Кралевска, тогаш една од најмладите партизанки во 12-та Ударна бригада, која учествувала директно во ослободувањето на Скопје.
„Со бригадата бевме стационирани на Водно, се спуштивме кон Офицерскиот дом. Се сеќавам на најзначајниот момент во мојот живот, кога по долга борба низ скопските улици, татнежот на оружјето и стравот во душата, го поставив знамето на врвот од Офицерскиот дом. Драга, мојата другарка, го даде својот живот и до последната минута им помагаше на ранетите. Таа како болничарка се обидуваше да помогне на ранет војник пред училиштето „Гоце Делчев“, кај денешното Друштво на писатели, но тоа беше нејзината последна задача.
Токму тука загина Драгана. Со неа заминаа уште многу наши соборци, другари, роднини, сограѓани кои исто колку нас го сакаа градот и живот што пулсираше низ него, сè додека војната не го зави во мрак. Драга, мојата другарка беше погодена од непријателскиот куршум, во обид да го спаси својот соборец. Таа загина, а тој ранет успеа да се избори со смртта.
Тогаш ми се мешаа чувствата, емоциите и желбата да се успее во намерата да се ослободи градот од окупаторот. Кога стигнавме пред Офицерскиот дом, едвај ја разбивме вратата, но успеавме да стигнеме на врвот. Знамето се вееше гордо и праќаше порака: СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО!
Наст. JРоза.