СЕМИНАР ЗА НАСТАВНИЦИ ВО МЕМОРИЈАЛНИОТ ЦЕНТАР НА ХОЛОКАУСТОТ

Наставниците по Македонски јазик од нашето училиште: Елена Малинова, Катица Стојчевска и Марија Шереметкоска учествуваа на тридневниот семинар за професионален развој на едукатори од Македонија и Германија на тема : „Справување со антисемитските стереотипи: животот и историјата на Евреите од Балканот “.

Во програмските активности имаа можност да го проследат предавањето на проф. д-р Мишо Докмановиќ – Антисемитизам: значење, историја, факти и примери. Гледаа филмови на Центропа од кои произлегоа презентации за примена на филмот во наставата, проследија презентација за примената на дигиталните алатки во наставата. Учесниците имаа можност да ја погледнат и постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот, ново отворената изложба- „Мириса на пандишпан“ , а ги посетија Еврејската заедница и Монополот, местото од каде беа депортирани Евреите од Македонија.

Во синагогата Бет Јаков беше одржана работилница од Мина Пашалиќ за еврејската култура и традиција. Учесниците работеа во групи и изработуваа наставен план за примена на филмот во наставата. Секоја група го презентираше сработеното, се разменија искуства од практичната работа и секако контакти за да можат во иднина да соработуваат и креираат заеднички проекти.