Проектот “Унапредување на писменоста и усвојување на странските јазици кај учениците од основното образование, преку развивање на знаења, вештини, ставови и вредности во рамки на воннаставните активности” во рамки на Еразмус+ програмата започна на почетокот на 2020г. во рамки на акцијата Стратешки партнерства во образованието и се планира да трае до средината на 2022 г.
Имајќи предвид дека во различни домашни и меѓународни извештаи (ОЕЦД, ПИСА) е констатирано дека постигнувањата на учениците се многу ниски и се во пад (особено во областа на писменоста), потребно е да се пронајдат начини и стратегии за подобрување на состојбата во училиштата и во однос на наставата, но и во изнаоѓање други покреативни методи на учење и настава, мотивирање на учениците да ги развиваат основните компетенции – јазичната писменост и изучувањето на странските јазици.
Овој проект има за цел и да се поврзат потребните компетенции за јазична писменост и учење на странски јазици во основните училишта и да го надградат и дополнат учењето преку редовните наставни предмети со учење преку „животот на училиштето“ и воннаствните активности од овие области. Преку читање текстови со различна содржина и структура во училишните библиотеки, „клубови“, „училишни театри“ и други форми предложени од учениците, ќе се направи обид да се развие писменоста и културата на читање и пишување, креативноста, љубопитноста и интересот за изучување на различни јазици, почитување на културна разноликост и интеркултурна комуникација.
Во рамки на проектните активности се спроведува истражување на состојбата на терен. Целта на истражувањето е да се соберат показатели од учениците, наставниците, стручната служба и родителите за искуствата во однос на планирање и реализација на воннаставните активности од областа на јазична писменост и изучување на странски јазици, како и за предлозите/програмите за тоа како треба да се реализираат овој вид на активности во основните училишта.
Нашето училиште е вклучено во истражувачката фаза на проектот. Веќе се одржаа фокус групи со околку 30тина ученици од различни возрасти, а во план е спроведување на фокус групи и прашалници со наставници и родители.
Се планира во следната фаза на проектот наставници од училиштето да бидат вклучени во обуки и семинари за зајакнување на нивните капацитети.
Проектот е од програмата на Еразмус +, во реализација на Здружението за унапредување на социјалните политики, образованието, културата и уметноста Доминиум културно јадро од Скопје, во партнерство со- Градска библиотека Ријека, Р. Хрватска и основното училиште „Св. Кирил Константин Философ“ од Русе, Р. Бугарија.