КАКО ОД СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА ПРАВИМЕ ИНВАЛИДИ БЕЗ ИНВАЛИДИТЕТ
– Остави ме, тато, спијам.
– Сине, ти оставив ручек на масата. Ќе ти се олади.
– Добро, мамо, гњавиш. Не сум гладен.
– Душо, еве ти пари. Стигна пензијата. Те сака дедо.
– Е, остави ги таму…
– Брат, ај да излеземе, убаво е времето…
– Ме мрзи…
Навечер, кога мајката се враќа дома од работа.
– Сине, уште не си ручал? Ќе си го расипеш стомакот.
– Е, не сум гладен, остави ме веќе, гледаш дека сум зафатен.
– Сине, ќе се уништиш така.
– Слушај ти, немој така да разговараш со мене. Јасно?!
И така во круг.
Таткото плашливо му носи бурек на синот в кревет – да не се мачи детето и да ги „троши“ нозете до продавница.
Мајката сè му поставува, му приготвува, му ја средува собата додека синот прави „големи“ работи… игра видеоигри и живее во својот виртуелен свет.
– Буууум, трас, уууу, аааа, ок, фак, бате, екстра, значи, лудило…
Ова е опис на еден мој познаник, кој, подоцна стана наркоман.
Класична зависничка структура на личноста, неспособна и неподготвена за самостоен живот…
Ништо не убива како „љубовта“ на родителите и тоталната попустливост.
Кога ќе се постават кон детето како тоа да знае сè однапред, а тие не знаат ништо.
Во меѓувреме, тоа дете ќе наврши триесет години и понатаму ќе добива појадок во креветот за што никогаш не вели ни „фала“, а згора на тоа полудува кога ќе го разбудат.
Знам преку десетина вакви примери како од сопствените деца, во поголема или во помала мера, создаваат инвалиди без инвалидитет.
Или ги корумпираат со пари како врв на нивната љубов или им ги скратуваат рацете и нозете со својата попустливост.
Аргументот на родителите е дека тие во младоста немале ништо, дека многу се мачеле – па барем нивните деца да не се мачат.
Што повеќе му даваш некому, го навикнуваш на нешто до кое не дошол самиот.
Му ги врзуваш рацете со сопствени сили да се избори за тоа што му треба.
Се создаваат навики „лесно ќе го направиме тоа“ и кога тоа ќе се примени во животот надвор од домот, настануваат проблеми.
Наместо потешкиот пат, секогаш се избира полесниот со што се убива љубопитноста и можноста за создавање самостојна личност.
Таткото наместо да биде човек од волја и со карактер, подготвен да повлече и да пресече, станува предмет на потсмев и трчкало. И мајката исто. За бабата и дедото да не правиме муабет – што знаат тие, глупи старци, досадувачи, будали, фосили.
И така со години, сите се глупи, лоши, вакви, онакви, додека господинот или госпоѓицата не се „надуваат“ па барем малку да им биде полесно.
За нив сè е гнило, пропаднато, бесмислено, сè заморува, не сфаќајќи дека така е пред сè во нивните глави.
И дека тие се оние чие однесување најмногу заморува и ја убива волјата за живот.
Автор: Стефан Симиќ