Документи за упис на прваче – Каде да ги извадите бесплатнo

превземено од https://deca.mk/

 

Во некои училишта прецизно ги информираат родителите каде бесплатно може да се извадат лекарски потврди за запишување во прво одделение, но во други не

За запишување ученик во прво одделение во основно училиште потребни се фотокопија од Извод од матичната книга на родените за детето, фотокопија од лична карта на родителите, потврда за систематски преглед од стоматолог и потврда за примени задолжителни вакцини издадена од надлежна здравствена установа. Лекарските потврди збунија дел од родителите кои запишуваат деца во училишта што не прецизирале каде да се извадат. Така, не знаејќи дека може бесплатно да ги добијат, плаќаат за нив.

Потврдите што се вадат кај лекарите во поликлиниките кои се дел од пунктовите за вакцинација, како и во ординациите за детска превентивна стоматологија се бесплатни. Матичните лекари, пак, имаат право да наплатуваат за овие документи.

– Издавањето на сите видови лекарски уверенија што ги издаваат матичните лекари (општ, педијатар, стоматолог) не се на товар на Фондот за здравствено осигурување. Ако се издаде потврда од здравствената установа каде што се вршат систематски прегледи, односно се вакцинираат деца, тогаш потврдата е бесплатна за осигурениците – велат од Фондот.

Во дел од училиштата во информацијата за запишување првачиња е наведено дека лекарското уверение, т.е. потврдата за примени вакцини треба да се земе од советувалиште за вакцини или т.н. вакцинални пунктови, а потврда за систематски преглед на заби од поликлиника, каде што има ординација за детска и превентивна стоматологија. Во некои е наведено и кои установи се најблиску. Меѓутоа, во друг дел, во објавената информација не е прецизирано каде може да се извадат потврдите, па некои родители одат кај матични лекари и плаќаат за услугата.

– Зедов потврди од матичен педијатар и од матичен стоматолог и за нив платив по 150 денари. Дури отпосле дознав дека можело и да не платам – вели Маја Ристевска.

Од Министерството за образование велат дека општините им посочуваат на училиштата каде може да се добијат овие потврди.

Според Законот за основното образование, при запишување на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

– Во врска со потврдата од стоматолог, во 2012 година Министерството за здравство во соработка со Министерството за образование и наука препорача при запишувањето во прво одделение родителите, покрај потврдите за систематски преглед, за нивните деца да достават и потврда за систематски преглед од стоматолог одговорен за нивното училиште. Ова е со цел да се пристапи кон спроведување на мерки за остварување на превенцијата на кариесот, со што ќе се овозможи остварување на целите одредени со Националната стратегија за превенција на орални заболувања – објаснуваат од Општина Аеродром.

Овој месец се запишуваат првачиња за учебната 2018/2019 година. Уписот го врши комисија во училиштето.

– Во информацијата наведовме дека е потребна потврда од надлежна здравствена установа. За нас не е проблем дали е од матичен лекар или од тимовите во поликлиниките – вели Перо Арсеновски, директор на скопското Основно училиште „Лазо Ангеловски“.

Инаку, запишувањето на првачињата во прво одделение важи за сите деца што до крајот на календарската година ќе наполнат шест години, односно сите деца што се родени во 2012 година. Детето може да се запише во прво одделение и доколку наполни шест години до 31 јануари наредната 2019 година, но по претходно барање од родителите (старателите) и добиено мислење од стручните служби во училиштето.

Ако родителот сака да го одложи запишувањето во училиште, треба да поднесе барање до училиштето и да добие мислење од педагогот или психологот што работи таму. На барање на родителот, за една година може да го одложи и здравствена установа, ако се утврди дека детето не е подготвено за на училиште, по направено тестирање.

https://deca.mk/