Работилници од проектот – И јас имам глас

Во рамките на проектот „И јас имам глас“ вчера, 16.11.2020 г., се одржаа две работилници со клубот на ученици кои членуваат во овој проект.

Првата работилница ја водеше Дени Стојанов, а темата беше мултимедија, заштита на идентитетот и личните податоци онлајн, а работевме според методот „Бура на идеи“. Предлагавме и изнаоѓавме решенија како да се заштитиме од сајбер-насилство, како да се справиме ако ние или некое наше другарче доживее насилство и добива навредливи пораки и погрдни зборови на социјалните мрежи. Се разви дискусија во која активно учествуваа сите ученици за тоа како безбедно да се користат електронските уреди и социјалните мрежи. Целта на оваа работилница беше учениците да стекнат вештини за справување со сајбер-булинг и да научат како безбедно да ги користат социјалните мрежи.

Во втората работилница водител беше Сара Османи. Таа нè обучи како се изработува прашалник, во конкретниов случај на тема – заштита на детските права за време на коронавирусот. Присутните ученици даваа предлози за прашања кои се во интерес на децата, а во контекст на заштита на нивните права за време на одржувањето на онлајн-наставата. Исто така, разговаравме со какви проблеми и пречки се среќаваат учениците и наставниците, и на кои сè начини може да дојде до кршење на детските права во вакви изменети услови на учење и одржување настава. Целта на работилницата беше учениците да научат како се прават прашалници кои потоа ќе ги користат во најразлични истражувања за свои потреби и за потреби на училиштето.

Алексеј Стојановиќ VIII-3

Награда на ликовен конкурс

На конкурсот за ликовни творби на тема: „Борба против дискриминацијата и насилството во Спортот“ во рамките на проектот ФЕР ШАНСА ЗА МЛАДИТЕ ВО СПОРТОТ финансиран од ЕУ преку програмата Еразмус+, а организиран од Федерација на училишен спорт на Македонија и Детскиот ликовен центар, нашата ученичка од 6-1 одделение Марија Гичевска освои 3 награда. Нејзината творба ќе биде дел од изложба во галеријата на Кинотеката на Македонија. За жал заради заострување на ситуацијата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата, а во функција на заштита на здравјето на децата и наставниците отварањето на изложбата ќе биде online, без физичко присуство.
За таа цел на 18. 11. 2020 во 13.00 часот е закажана ZOOM сесија на која се поканети добитниците на дипломите за освоено прво, второ и трето место, како и претставници на ФУСМ и ДЛЦ со почеток од 13 часот. Марија Гичевска ќе учествува на оваа виртуелна изложба. И честитаме на Марија за освоената награда и и посакуваме уште многу вакви успеси во иднина.