Регионален натпревар по француски јазик за седмо одделение

На 15.11.2019г во нашето училиште се одржа регионален натпревар во спелување по француски јазик за седмо одделение на кој што зедоа учество и ученици од нашето училиште : Алексеј  Стојановиќ од 7-3 одд, Јована Деановска од 7-4 и Стефан Јанковски од 7-4. Тие постигнаа голем успех и тоа:

Алексеј се пласираше на 2 место,

Јована 3 место

и Стефан 4 место.

Сите тројца продолжуваат на Државниот натпревар кој ќе се одржи на 30 ноември 2019г.

Браво ученици и многу успех понатаму!

Ментор: Јасмина Ѓоргиева

Распоред за додатна, дополнителна настава и воннаставни активности за месец ноември

На следниот линк можете да го погледнете распоредот за додатна, дополнителна и воннаставни активности за секој наставник

https://drive.google.com/open?id=1wrGJkeoca4tZv6pDE0w0RLNmInEZ7RhB

Награден есеј на книжевната манифестација “Есен во Гази Баба”

На 31 октомври 2019 во ООУ “Григор Прличев” се одржа книжевната манифестација “Есен во Гази Баба – 2019″за која твореа ученици од сите основни училишта во Скопје. Беа прочитани фрагменти од наградените есеи меѓу кои е и есејот на Клара Караџовска од 6-2 одд. од нашето училиште. Во продолжение наградениот есеј

                  Годишното време кое многу ме разнежнува

         Есента дојде! Есента дојде!

         Ќе ме запрашате како и од каде знам.

        Ја видов! И пак ќе речете: како можеш да ја видиш? Ја видов, навистина.

     Таа не дојде одеднаш, во само еден миг, туку доаѓаше постепено и тивко со своите жолтеникаво-кафени бои и со сета своја убавина, но јас го видов нејзиното доаѓање. Јас забележав одненадеж дека во нашиот двор на старата липа убавите, зелени листови и стануваа постепено жолти, па потоа потемни и на крај добија кафена боја и почнаа да паѓаат на земјата. Сега кога одам по дворот, кафените листови шушкаат под моите нозе и создаваат многу пријатен звук, како да шумолат. И старата јаболкница веќе има жолто-кафени листови, но таа има и убави ,крупни, зрели плодови, кои ги собравме за во зима. На лозницата, што дедо ми ја имаше одамна засадено во дворот и оваа година има убави крупни гроздови, а тие се веќе сосема созреани. Грозјето има слатко-киселкаст вкус кога го јадеме, но бидејќи не можеме да го изедеме целото, дедо ми издвои еден дел и направи вино и свари ракија од него. Во нашиот двор ја нема веќе ни раззленетата трева која цело лето ја залевавме со вода. Се исуши, а на местото на зелените тревки сега ѕиркаат сиви ,исушени сламки, но и тие имаат многу убави и различни бои што се прелеваат во различни нијанси. Но ,не се само овошките ,тие по кои забележав дека есента дојде. Мојата јакничка која од минатата година стоеше во плакарот, сега е извадена на закачалката, затоа што кога наутро одам на училиште ми пристудува. Ги нема веќе високите температури кои летото на заминување ги однесе со себе.Сега температурите паднаа, а денот завршува многу порано. Веќе во пет часот сончевите зраци полека се сокриваат зад хоризонтот, а темнината се надвиснува над денот.

  Сепак, покрај сите обврски и промени, јас ја сакам есента. Навистина ја сакам, затоа што таа е годишното време со најмногу бои. Малку ми е жал затоа што нема веќе игри во дворот со другарките, веќе почнаа нашите училишни обврски, па не ни останува многу време за игра. Не можеме да го дочекаме крајот на денот надвор, во игра, затоа што училишното ѕвонче одамна не повика во училишните клупи, па моравме да заборавиме на безгрижните игри на правливата улица. Тоа безгрижно време сега го заменивме со пишување училишни задачи дома, покрај печката од која се шири пријатна топлина, а дрвцата што горат прават убава црвена жар и шират прекрасен мирис на топол дом. Мирисот е надополнет со мирисот на компотот што баба ми го вари на истата таа печка приготвен од резанки од зрели круши и јаболки, кој јас и сестра ми го пиеме додека е топол, а верувајте ми, има прекрасен вкус. Есента ја видов и на улица, кога со мајка ми одевме да завршуваме некои обврски за дома. Не е само мојата јакна извадена од плакарот, и другите луѓе ја пронашле својата есенска облека , па ги нема веќе летните куси маички на прерамки, шарените здолништа и кусите панталони. Сите луѓе се сокриени под дебелите палта, мантили и јакни, а по некои носат и чадори затоа што небото се мршти, покриено е со облачиња и најавува дождливи денови. Но јас немам време да размислувам за дождот, зашто носот ми го скокотка мирисот на печен клас од пченка и печени зрна костени, што ги продаваат уличните продавачи, а мирисот станува уште посилен додека поминуваме покрај нив и гледаме во малите црни плотни на кои ги прпелкаат и печат. Мајка ми ни купува по еден фишек со топли костени, а јас и сестра ми ги префрлуваме од рака во рака, зашто се врели, па нашите малку смрзнати раце не можат да ја издржат топлината. Но, нестрпливи сме да ги пробаме, а на помислата на нивниот убав вкус кој не сме го пробале од минатата есен, ни се создава плунка во устата.

      Тоа е есента, си помислувам, таа има толку убав вкус! Вкус на многу зрели овошки, вкус на постудено време, вкус на топла облека. Таа е предвесник на зимата, но додека да дојде зимата, ние имаме време убаво да се изнауживаме во нејзините прекрасни зрели вкусови и подготвени да ја дочекаме студената зима.

OOУ Дане Крапчев    ментор Јагода Филиповска                                                                            Клара Караџоска VI-2

Соработка со наставник од Шведска на часовите по физичко и здравствено образование

     Во период од 28.10 до 02.11.2019 г. учениците од  V-1   одделение од ООУ ,,Дане Крапчев” –Скопје и нивната наставничка Данче Костовска – Јакимовска имаа несекојдневна можност да бидат домаќини на наставникот  Роби Костовски – кои 16 години работи како наставник  по физичко и здравствено образование со ученици од VII до IX одд.во Шведска.

     Беа реализирани  несекојдневни  часови со многу динамика, тимски игри, часови на кои на прво место беше развивањето на  тимскиот дух, почитувањето на правилата на игра, градењето чесен однос кон соиграчот и противникот, правилното користење на реквизитите, јакнењето на самодоверба ,упорноста и желбата за успех и напредок.

     Игрите: ,, Јоши”;  ,, Јенка”;   ,,Кинески ѕид”; ,, Изгорена топка”;  ,,Опавче”; ,, Кенгури”;                   ,,Воз”; ,,Кој помалку”;  ,, Каде е топката”  ;и многу други предизвикуваа големо воодушевување , правилата беа совладувани брзо ,а игрите –изведувани со големо задоволство.Часовите траеа повеќе од предвиденото , а замор не постоеше.

     Учениците имаа можност преку видео презентации да видат во какви услови и на кои начин се изведуваат  часовите по физичко и здравствено образование во Шведска.

   Од остварената соработка користа за наставникот беше непроценлива –задоволството и радоста кај учениците немерливи.

   На разделбата имаше многу емоции и ветувања. Наставникот го испративме со изработена ,,Книга на спомени “ .Секој учениk даде ветување дека спортските активности ќе  бидат дел од неговото секојдневие, наставничката даде ветување дека ќе го применува виденото и наученото ,а наставникот Роби ни вети повторна средба и ни порача:

                                   Избери здравје – избери спорт !

                                                            Здраво тело-здрав дух –здрава нација !

На следниот линк може да го погледнете видеото од оваа убава соработка

https://drive.google.com/file/d/0Bxmo1t5pSm5GaTI3TW93RlNib0pBd3lmVV9ZQ0dBbU9WYWpr/view?usp=sharing

Успешно завршена активност :,,Подари книга,,

На 28.10.2019 г. во холот на  ООУ,,Дане Крапчев,, се одржа изложба на донираните книги кои во месецот на книгата беа собрани во акцијата што се спроведуваше   под мотото: ,,Подари книга на другарите твои, со нив сподели знаења свои,,; ,,Прочитав јас,прочитај и ти,,. Над 400 книги беа донирани од учениците и наставниците во училиштето и истите беа изложени каде на сите ученици, родители и наставници им се даде можност да ги разгледаат и да ги користат позајмувајќи ги од училишната библиотека каде што ќе се чуваат.

На најголемите донатори,ученици и наставници, им беа поделени благодарници од директорот на училиштето.

Преку оваа успешно завршена активност учениците упатија порака до нивните соученици дека читањето книги е како сонување со отворени очи,не постои поубав мирис од мирисот на стара, добра книга,- па затоа доколку сметате дека некоја книга е стара, не ја фрлајте, подарете  ја некому или пак оставете ја во најблиската библиотека,таа таму повторно ќе се роди!

Aкција за колективно садење на дрвја

На ден 26.10.2019 нашето училиште ООУ ֦  Дане Крапчев ֞ активно се вклучи во акцијата „Денови на колективно садење дрвја во Македонија“ која е граѓанска иницијатива и се одбележува на ниво на цела држава. Во акцијата освен учениците и наставниците се вклучија и родителите.

Целта е  преку засадување дрвја да се ублажат негативните последици од делувањето на човекот и да се поттикне одговорноста што сите ние ја имаме кон животната околина и квалитетот на воздухот. За таа цел засадивме 40 хризантеми и 200 љубичици кои ги обезбеди нашето училиште и 15 садници со Туи Смарагд кои ни ги донираше Пакомак од ЈП Паркови и зеленило од Скопје.

На наше огромно задоволсто во текот на самата акција нé посети и градоначалникот на нашата општина, Гази Баба,  господинот Борис Георгиевски,  кој се запозна со текот на акцијата и  садниците кои ги засадивме.

 Секој личен придонос е од суштинска важност, а целта е сами да се активираме, не да чекаме некој друг да го направи тоа наместо нас.

Продолжуваме со мотото:

Секое дрво е важно. Да засадиме што повеќе!  
-Да го направиме нашето место подобро место за живеење!
Сите заедно можеме да направиме повеќе!

                                                                                                          

Хуманитарни активности во нашето училиште

Во месеците септември  и октомври, тимот на црвениот крст на училиштето поттикна и реализира неколку хуманитарни акции.

Учениците од црвениот крст своите хуманитарни акции ги започнаа со спроведување на донаторска акција на училишен прибор кој го собираа во месец септември, а потоа го распределија на  ранливите категории ученици.

Во месец октомври во рамките на одбележувањето на неделата на гладта, од 16 до 22 октомври, се спроведе хуманитарна акција за донација на храна во нашето училиште.

 Во акцијата се вклучија  ученици, родители и претставници од  детската  градинката “25 мај”. Најмалдите од градинката  го посетија нашето училиште и ги доставија своите донации. Јавно изразуваме благодарност до дечињата, нивните родители и учители  за подршката и вклучувањето во хуманитарната активност.

Донациите од храна ќе бидат распределени на  ранливите категории ученици.

Во рамките на неделата на гладта  подмлаткарите на црвениот крст ги поддржаа и активностите на општинската организација на црвениот крст со продажба на бонови на локалното население. Собраните средства ќе бидат врачени на организацијата црвен крст која ќе ги намени за обезбедување на храна и помош на ранливи целни групи на население во заедниците во земјата.

Нашите ученици се вклучија и во хуманитарниот ликовен конкурс  на НЛБ и ги донираа своите ликовни творби на банката.Банката за секој цртеж  ќе донира средства за Детската Клиника

Благодарност до сите кои се вклучија во акциите и ја покажаа хуманоста на дело!

Одбележување на 16 Октомври -Меѓународен ден на храната

Меѓународниот ден на храната 16.10.2019 год.  и оваа година беше одбележан во нашето училиште.  Традиционално се одржа предавање и куса дебатна сесија  на тема “Здрава храна” кое го реализираа  учениците од 7 одделение под менторство на наставникот по биологија. Оваа година Еко тимот и Тимот за соработка со родители одлучи предавањето и кратката презентација  да биде наменета за родителите. По тој повод беа повикани родители од сите паралелки во нашето училиште. На наше големо задоволство одзивот на родители беше голем. Преку интерактивна презентација насловена како “Здрава храна –Здрави деца” учениците од 7 одделение  ги запознаа родителите со неопходните материи за здраво тело, во која  храна тие  се наоѓаат, која храна треба да ја избегнуваме во текот на нашата исхрана, а која да ја преферираме. Потоа учениците преку кратки пораки им дадоа совети на родителите кои сите ние  треба да ги практикуваме.На крајот на презентацијата сите заедно погледнаа кратко видео кое  не потикна нас наставниците и учениците да бидеме хумани и во периодот од 16 до 22 Октомври  да организираме добротворна собирна акција на храна која ќе биде донирана на социјално загрозени семејства.

Ученици кои беа вклучени во активноста се:

Ангела Анѓелкоска, Нина Ристиќ, Јована Деаноска, Матеј и Андреј Крстевски, Кристина Тасева, Дона  Тасева , Матеј Спасовски и Теодора Цветковска

Нашата кампања за здрава исхрана има цел да придонесе за подигање на свеста за здравата храна и  важноста на правилната исхрана во перидот на раст и развој кај децата.

Благодариме за одвоеното време и присуството на родителите

Еко тимот и Тимот за соработка со родители

Меѓународен ден на пешаците

По повод 15 Октомври-Меѓународниот ден на пешаците учениците од еколошките секции во нашето училиште со помош на одговорните наставници изработија репрезентативни материјали во вид на флаери преку кои  апелираа  на подигнување на  нивото на безбедност на пешаците како учесници во сообраќајот , како и истакнување на придобивките за здравјето од пешачењето. Флаерите ги  поделија на паркираните возила во околината  и локалното население околу училиштето со цел да ја подигнат јавната свест за пешачењето. Во прилог  да се потсетиме зошто е добро да пешачиме:

ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ  значително влијае во превенцијата на кардио- васкуларните болести, мозочниот удар, дијабетот, остеоартритис, некои видови рак и респираторни болести. Го регулира крвниот притисок, холестеролот, нивото на шеќер во крвта, го спречува дебелеењето, го подобрува имунитетот, го подобрува расположението и сонот, ја намалува депресијата и анксиозноста.

Свечен прием на првачињата во детската организација

Денес, на 10.10.2019 година, 113 првачињата од нашето училиште со свечено ветување ѝ пристапија на детската организација. По тој повод се одржа свечена приредба на која настапија учениците од петто одделение. Приредбата ја проследија и родителите на првачињата. На крајот на приредбата на првачињата им беше доделен детски пасош како потврда за прием во детската организација.

Многу успех им посакуваме на наште првачиња!