Работилници од проектот – И јас имам глас

Во рамките на проектот „И јас имам глас“ вчера, 16.11.2020 г., се одржаа две работилници со клубот на ученици кои членуваат во овој проект.

Првата работилница ја водеше Дени Стојанов, а темата беше мултимедија, заштита на идентитетот и личните податоци онлајн, а работевме според методот „Бура на идеи“. Предлагавме и изнаоѓавме решенија како да се заштитиме од сајбер-насилство, како да се справиме ако ние или некое наше другарче доживее насилство и добива навредливи пораки и погрдни зборови на социјалните мрежи. Се разви дискусија во која активно учествуваа сите ученици за тоа како безбедно да се користат електронските уреди и социјалните мрежи. Целта на оваа работилница беше учениците да стекнат вештини за справување со сајбер-булинг и да научат како безбедно да ги користат социјалните мрежи.

Во втората работилница водител беше Сара Османи. Таа нè обучи како се изработува прашалник, во конкретниов случај на тема – заштита на детските права за време на коронавирусот. Присутните ученици даваа предлози за прашања кои се во интерес на децата, а во контекст на заштита на нивните права за време на одржувањето на онлајн-наставата. Исто така, разговаравме со какви проблеми и пречки се среќаваат учениците и наставниците, и на кои сè начини може да дојде до кршење на детските права во вакви изменети услови на учење и одржување настава. Целта на работилницата беше учениците да научат како се прават прашалници кои потоа ќе ги користат во најразлични истражувања за свои потреби и за потреби на училиштето.

Алексеј Стојановиќ VIII-3

Награда на ликовен конкурс

На конкурсот за ликовни творби на тема: „Борба против дискриминацијата и насилството во Спортот“ во рамките на проектот ФЕР ШАНСА ЗА МЛАДИТЕ ВО СПОРТОТ финансиран од ЕУ преку програмата Еразмус+, а организиран од Федерација на училишен спорт на Македонија и Детскиот ликовен центар, нашата ученичка од 6-1 одделение Марија Гичевска освои 3 награда. Нејзината творба ќе биде дел од изложба во галеријата на Кинотеката на Македонија. За жал заради заострување на ситуацијата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата, а во функција на заштита на здравјето на децата и наставниците отварањето на изложбата ќе биде online, без физичко присуство.
За таа цел на 18. 11. 2020 во 13.00 часот е закажана ZOOM сесија на која се поканети добитниците на дипломите за освоено прво, второ и трето место, како и претставници на ФУСМ и ДЛЦ со почеток од 13 часот. Марија Гичевска ќе учествува на оваа виртуелна изложба. И честитаме на Марија за освоената награда и и посакуваме уште многу вакви успеси во иднина.

Продолжуваме со активности од проектот „И јас имам глас“

На 5.11.2020г. беа реализирани две онлајн работилници, овој пат со детскиот невро психијатар д-р Мери Бошковска и ученици, родители и наставници од нашето училиште. На работилницата со учениците беше разговарано за тоа како ситуацијата со вирусот влијае на нивниот живот, права и одговорности, а во делот со наставниците и родителите се разговараше на тема:,, Квалитет на интеракцијата и комуникацијата меѓу учениците, меѓу наставниците и учениците и меѓу родителите и децата и проблемите на кои нашле во услови на изолацијата поради вирусот Ковид 19. Интересот за посетеност на овие работилници беше огромен и од страна на учениците но и од страна на родителите и наставниците. На работилниците се споделија многу искуства, ситуации од однесувањето на децата со родителите и наставниците во изминатиот период, а сите ние добивме корисни совети за тоа како полесно да се справиме со однесувањето на децата во вакви услови.

Голема благодарност до д- р Мери Бошковска и Фондацијата за образовни и културни иницијативи: „Чекор по чекор“.

Активности на тимот за Црвен крст за месец октомври

Во месец октовмври тимот на Црвениот крст реализраше неколку активности кои имаа задача да ги промовираат хуманите вредности во нашето училиште.

Првата активност беше реализрана во соработка со општинската организација на Црвен крст –Гази Баба по повод неделата на борба против гладта, од 16 до 22 октомври се одвиваше  кампања под мотото „Помислете и на нас“.

Со  oваа кампања беа обезбедени 10 пакети со храна и хигиенски средства .

Пакетите се донираа на ученици од нашето училиште кои припаѓаат на ранливите категории.

 Се надеваме дека со оваа скромна донација им помагаме во овие околности на пандемија.

Втората активност ја реализраа вработените кои собраа финансиски средства и набавија храна и хигиенски средства кои ги донираа во рамките на големата хуманитарна акција организирана од страна на Општина Гази Баба.Оваа акција беше подржана и од родителите и ученците кои исто така донираа производи и хигиенски средства.

Училишниот тим на Црвениот крст им се заблагодарува на сите кои беа дел од оваа хумана акција !

И секако на крај би сакале да потсетиме на тоа да ги почитувате мерките за заштита од Covid-19, одржувајте хигиена, носете маска и внесувајте редовно сезонско овошје и зеленчук !

Активности на ЕКО –Тимот за месец ОКТОМВРИ

Во месец Октомври ЕКО тимот на нашето училиште ги одбележа настаните од Еко календарот:

– 8 октомври-Меѓународен ден за намалување на уништувањето на природата

 Изработка цртежи за последиците од загадувањето на планетата Земја од учениците

Цел на активноста е одржувањето на чиста и здрава животна средина, рационалното искористување на природните ресурси и чувањето на биолошката разновидност на нашата планета

-15 октомври -Меѓународен ден на пешаците

Ве потсетуваме на   флаерите кои учениците секоја година традиционално ги делеа  на локалното население со информации за придобивките од пешачењето

Цел на активноста  е да се подигне јавната свест за  придобивките од пешачењето ,да се подигне свеста на пешаците како учесници во сообраќајот и да се подигне свеста за безбедноста на пешакот во сообраќајот

-16 октомври- Меѓународниот ден на храната

По тој повод учениците изработија презентација насловена како “Здрава храна –Здрави деца” и напишаа кратки пораки кои сите ние треба да ги практикуваме

Целта е  да допринесе за подигање на свеста за здравата храна и  важноста на правилната исхрана во перидот на раст и развој кај децата.

Продолжуваме со работилници од дома!

На 28.10.2020г. Учениците од училишниот парламент и членови на училишниот клуб за детски права учествуваа во работилница со Сара Османи во рамки на проектот: ” И јас имам глас”. За време на видео средбата се отворија корисни дускусии поврзани со детските права. Посебен акцент се стави на тоа колку детските права се почитуваат во случај на пандемија! Со работилница на истата тема продолжуваме следната недела!

НЕ ПЛАСТИЧНИ КЕСИ

КАЖИ НЕ ЗА ПЛАСТИЧНИТЕ КЕСИ!

На 22 октомври, четврток, нашето училиште  ООУ “Дане Крапчев”  се вклучи во проектот  НЕ  ПЛАСТИЧНИ  КЕСИ  спроведен од  ЕКОЗВОН, а подржан од Општината Гази Баба.

Со запазување на сите протоколи за заштита,  учениците преку едукативно предавање се запознаа со штетното влијание на пластичните кеси во природата,  временскиот период на нивното распаѓање и значењето на употребата на платнените торби.

Сите ученици на  мали ливчиња запишаа по една мисла за штетното влијание на пластичните кеси, кои беа закачени на хамер.

Се отвори кратка дискусија по истото и на учениците им беа поделени еко-торби.

Целта на овој проект е подигнување на јавната свест за штетното влијание од употребата на пластичните кеси и со тоа да се допринесе за почиста и поздрава животна  средина и да се потикне употребата на алтернативи на пластичните кеси.

                                                                                           Еко Тимот

Продолжуваме со активности на проектот „И јас имам глас“

На 20.10.2020г. со членовите на училишниот клуб за детски права, формиран во рамки на проектот ,, И јас имам глас,, одржавме онлајн средба каде членовите од клубот беа запознаени со активностите кои следат во рамки на овој проект во следните четири месеци. На средбата учениците ги произнесоа своите забелешки и предлози за реализација на активностите според состојбата во која се наоѓаме, посебно го истакнаа своето задоволство што и во вакви услови продолжуваме со работа . Кај нив овој начин на работа од далечина поттикна голема љубопитност, мотивираност и предизвик за поголеми успеси во постигнувањето на целите од проектот кој веќе го работиме три учебни години!

ДРЖАВЕН НАТПРЕВАР ПО БИОЛОГИЈА

На 25 Септември 2020 се одржа Државниот  онлајн-натпревар по  Биологија кој се реализираше со online тест на ClassMaker. На натпреварот учествуваше Алексеј Стојановиќ од  нашето училиште и освои трета награда.

Исто така Алексеј Стојановиќ е и меѓу најдобрите учесници од сите одделенија,  коj врз основа на вкупните освоени бодови од општинскиот, регионалниот и државниот натпревар   доби  сертификат  за постигнат особен успех на натпреварите по биологија во 2020.

Ментор на ученикот е  наставничката  по Биологија – Душанка Китановска.

Честитки за постигнатиот успех  !!!! Ти посакуваме многу успех  во понатамошното натпреварување !!!!

ПРИЕМ НА ПРВАЧИЊА

   1 октомври 2020год. датум кој ќе остане вечно врежан во сеќавањата на нашата нова генерација на првачиња. Ден кој ќе биде забележан во нивните споменари и со радост ќе го споменуваат како ден во кој свртеле многу значајна страница во нивниот живот.

Оваа генерација на првачиња учебната 2020/2021 година ја започнува во поинакви услови на работа и движење, со запазени протоколи со цел заштита од Ковид 19. А ние како училиште ги обезбедивме сите услови за безбедно следење на наставата.

Драги првачиња,

Ве очекуваат уште многу први нешта, како што се првата научена буква, првиот број, првиот напишан збор, првата песничка, првата домашна задача и се така по ред. На тој начин, чекор по чекор, од ден во ден ќе бидете се побогати со знаења, а тие знаења ќе ви отворат многу врати во вашиот понатамошен живот.

Првачиња среќно!!!