Мисија на Црвен крст

Во изминатиот период тимот на Црвениот крст од нашето училиште составен од ученици и наставници не беше во можност да ги реализра активностите со планираната динамика. Но, затоа сме тука да потсетиме на најважните настани од календарот пред крајот на учебната година.

Црвен крст е хуманитарна организација која работи на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедувајќи почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи,  го промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, поттикнува доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост.

Овие хумани вредности се турдиме да ги развиеме во нашето училиште , но и да ги пренесеме во локалната заедница.

Поважни настани  од календарот 

7 –ми Април Светски Ден на здравјето

Светски ден на здравјето

8-ми Мај Светски ден на Црвен крст

Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина | Сител ...

14 Јуни е Светски ден на крводарителството

Светски ден на крводарителство! Дарувај... - Здружение на ...

Крводарителството се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурна крв и крвни продукти. Со самото дарување на крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност.

Со придржувањето кон споменатите принципи, нашата држава ги исполнува сите поставени услови од страна на Светската здравствена организација и Меѓународната Федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина

Оваа година не се реализраат планираните натпревари по прва помош, но со нови сили тимот ќе се подготвува за следната година!

Оваа година нашиот тим   активно се вклучи на програмата  на Црвен крст Промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ) циклус 2020, во соработка со општинска организација на Црвен крст Гази Баба.

Бидете хумани, помагајте на послабите и грижете се за сопственото здравје !

Почитувајте ги мерките и препораките за здравствена заштита во услови на  пандемија !

ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ ДО СИТЕ МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА , ВОЛОНТЕРИ И ОСТАНАТИ  КОИ НЕСЕБИЧНО СЕ ВЛОЖУВААТ ВО БОРБАТА СО ПАНДЕМИЈАТА!

Останете во добро здравје

Тимот на Црвен крст

ЕКО АКТИВНОСТИ

ЕКО активностите во нашето училиште продолжија и покрај новонастанатата
состојба и отсуството на учениците од училишните клупи. Во текот на месец
Мај :
 Продолжи тековно одржување на саксиските цвеќиња во училиштето и нивно
полевање од страна на дежурните наставници и техничкиот персонал
 Се изврши плевење и окопување на постоечкото зеленилото од страна на
техничкиот персонал
 Поважни датуми од екокалендарот кои ги одбележавме со учениците се:
-15 мај Светски ден за заштита на климата
-31 мај Светски ден против пушењетоПо повод 15 Мај Светски ден за заштита на климата оваа година учениците од VII
одделение истражуваа и изработуваа презентации за климатските промени
(климатските промени и глобалното затоплување, важноста и уништувањето на
озонската обвивка).Презентациите од учениците можете да ги погледнете на веб
страната на училиштето во делот ВО ЧЕСТ НА НАШИОТ ПАТРОН ДАНЕ КРАПЧЕВ
–Презентации по Биологија
-По повод 31 мај Светски ден против пушењето учениците од Еко тимот изработија
презентација за пушењето и последиците од пушењето .
Во продолжение може да ја погледнете и презентацијата.
 Анализата на состојбата на животната средина во нашето училиште се реализираше
преку анонимен анкетен прашалник кои им беше достапен он лине на учениците од V
до IX одделение. На анкетните прашања одговорија 60 ученици од училиштетод V до
XI одд. при што повеќето се изјаснија на поставените прашања. Анкетата покажа дека
еколошката свест на учениците е видно подигната и дека тие самите ги забележуваат
недостатоците во нивната животна средина, од што всушност и произлегуваат нашите
точки за акција.
 Како завршна активност се спроведе изборот на Еко кодексот.Учениците своите
предлози за Еко кодексот ги праќаа по електронски пат. Учениците испраќаа
предлози за форматот кој беше слободен,во форма на песна, краток текст,еко порака
и тн. Еко тимот ги одбра најинтересните и најкреативните предлози кои ќе бидат
истакнати на видно место во нашето училиште.


Останете во добро здравје !

Подготвил ЕКО Тимот

Европски квиз на пари 2020

         На 29 мај 2020, во 12:00 часот по електронски пат се одржа Европскиот квиз на пари 2020. Покрај состојбата во која се наоѓаме нашето училиште со 11 ученици од VIII и  IХ одд. учествуваше преку електронската платформа Kahoot на националниот натпревар со уште 29 земји учеснички. Учениците се натпреваруваа со  приближно пестотини пријавени на квизот. Европскиот квиз на пари е проект на Европската банкарска федерација за подобрување на финансиската едукација во Европа кој го спроведува Македонска Банкарска Асоцијација, во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност и со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука.

Честитки  на учениците  кои посветено работеа и се вклучија во учество на овој квиз:

       Ема Димитровска,  Јана Благојевиќ,  Сања Танаскоска,  Христина Јовановска,   Бојана Џопевска,  Катерина Андова, Ангела Ангелковска,  Давид Цветковски,   Јована Цветковска, Андријана Антовска , Никола Јакимовски.

КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА ПРВЕНЕЦ НА ГЕНЕРАЦИЈА

ООУ “Дане Крапчев” објави конкурс за избор на првенец на генерација. Сите заинтересирани ученици за потребните услови и документи може да го консултираат правилникот за избор на првенец на генерација кој е објавен на нашата страна во делот УЧИ ОД ДОМА за деветто одделение. Конкурсот е отворен 3 работни дена, односно заклучно со вторник 26 мај 2020.

ПОКАНА за запишување ученици во прво одделение во учебната 2020/2021 година

Врз основа на член 60 и член 183 став 3 од Законот за основно образование (Сл.весник бр.161 /19) и член 3-б став 1 од Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на законот за основно образование за време на вонредна состојба ((Сл.весник бр.116 од 05.05.2020 год.) општинско основно училиште ,,Дане Крапчев“ – Скопје објавува

ПОКАНА

за запишување ученици во прво одделение во учебната 2020/2021 година

Право за запишување  во прво одделение имаат:

  • деца родени 2014 год., односно кои до крајот на календарската 2020 година ќе наполнат 6 години.
  • деца кои до 31 јануари 2021  ќе наполнат 6 години, по барање на родителот и со добиено мислење од педагог и психолог од училиштето.

За запишување во прво одделение потребни се следните документи:

  • Лична карта од родител  – на увид
  • Извод од матична книга на родени за детето (може и копија)
  • Врз основа на член 60 став 2 при запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави:
    1. Потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Потврдата за примени вакцини треба да се земе од советувалиште за вакцини или т.н. вакцинални пунктови.
    2. Потврда од стоматолошки преглед издадена од надлежна здравствена установа. Потврдата за систематски преглед на заби може да се извади од поликлиника, каде што има ординација за детска и превентивна стоматологија.
    3. За  запишување на дете со попреченост во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави и Мислење/функционален профил од комисијата за проценка на деца и младинци за дополнителна образовна, социјална и здравствена поддршка според МКФ.
    4. За запишување на детето кое ќе наполни шест години до 31 јануари 2021, потребно е  претходно родителот односно старателот да поднесе  писмено Барање за запишување  во училиштето кое може да се превземе ТУКА и по добиено позитивно Мислење од педагогот или психологот

Запишувањето го спроведува Комисија за запишување на ученици во прво одделение и истото ќе се реализира во текот на месец јуни. Родителот/старателот потребно е прво електронски да пополни Пријава за запишување на ученици во прво одделение која може да ја превземе Т У К А и истата да ја достави електронски  на e-маил: www.upisnaprvacinjadk@gmail.com или да ја пополни во самото училиште секој работен ден од 08 до 12 часот. По доставената пријава родителот, односно старателот ќе биде контактиран телефонски од страна на Комисијата за запишување на ученици во прво одделеление. Пред да се изврши опсервација, родителот односно стрателот е должен да ја достави потребната документација за детето, според барањата во јавната покана, а во согласност со Законот за основно образование.

Реонизација на училиштата

Врз основа на член  63 од Законот за основно образование (Сл.весник бр.161 од 05.08.2019 год).:

  • Родителот, односно старателот има право да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што постојано престојува.
  • Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон.
  • Родителот, односно старателот може да го запише детето во друго основно училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува и од училиштето од реонот во кој живее или каде што постојано престојува. За запишување на ученик од друг реон, потребно е родителот да покрај согласноста од училиштето од реонот во кој живее или каде постојано престојува, да достави и Барање за запишување во прво одделение кое може да се превземе ТУКА.
  • Основното училиште може да запише ученици од друг реон или од друга општина само доколку има слободни места за запишување или доколку ученикот од другиот реон или општина нема можност за следење на наставата на својот мајчин јазик во својот реон односно општина.

НАПОМЕНА:

  • При запишување на детето во прво одделение родителот, односно старателот е должен да ја достави целата наведена документација во огласот.
  • Родителот, односно старателот ако ученикот не го запише во рокот утврден во членот 60 став (4) од Законот за основно образование , односно член 3-б став 3 од Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на законот за основно образование за време на вонредна состојба ((Сл.весник бр.116 од 05.05.2020 год.) од или ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание (член 8 став (2)), како и доколку родителот, односно старателот не достави целосна, комплетна и валидна документација пропишана со  Законот за основно образование, одговорноста ја сноси родителот, односно старателот.

Мај 2020                     Комисија за запишување на ученици во прво одд

Директор: Виолета Стоилевска

Третонаградени творби на ликовниот и литературниот конкурс во категорија од VI-IX одд.

Да се заштитиме седејќи дома и творејќи

       Животот е мозаик составен од светли и темни полиња, меѓу нив прошаран и со сите нивни свели и темни нијанси. Јас сѐ уште го живеам моето детство , најубавиот период од животот, барем така ги слушам ми велат постарите иако сѐ уште не сум го почуствувал тоа и не ги разбирам. И фразата дека животот е мозаик сум ја слушнал и самиот не знам од каде, но како растам така станувам свесен дека можеби и има вистина во тоа што го велат поискусните и помудрите од нас. Тоа го почуствував пред извесно  време, доволно долго за да сфатам многу работи за животот иако сум сѐ уште мал.  

           Беше вторник, десетти март кога отидов втора смена во училиште. Тој ден како и сите други денови се радувава што ќе излезам од дома, што ќе ги видам другарчињата, но бев и малку нервозен што тој ден имавме тест, а тестовите на секој од нас учениците и не ни се баш драги. Супер си поминав дента, супер поминав и на тестот, но кога завршија часовите разбрав дека од утредента нема да одиме на училиште наредните две недели. Не можам да опишам како јас и моите другарчиња скокавме од радост, всушност и бевме начуле дека се случува нешто, дека се појавила некоја заразна болест, но не ни бевме свесни што навистина значи тоа и колку е опасно, нас во моментот ни беше важно дека сме ослободени дома. Пресреќен отидов дома.Го фрлив ранецот онака со олеснување и ѝ кажав на мајка ми која беше веќе информирана.  Супер беше првите ден, два, три. Дома сите собрани како одамна што не сме биле, освен што не одев на училиште и мајка ми беше дома па се грижеше за нас , ни удоволуваше и правеше сѐ она што морав да го правам секој ден сам дури одев на училиште, а таа на работа. Поминуваа деновите и полека сфаќам дека не е сѐ така наивно како што ми изгледаше на почетокот.Моите постојано слушаа вести на телевизија,  а јас ја гледав нивната загриженост и полека сфаќав дека ситуацијата е сериозна. Иако ни беше досадно дома, несмевме да излегуваме надвор со сестра ми и постојано седевме дома. Не можев да одам ниту до малскиот кош да си поиграм кошарка со другарчињата, нешто во што навистина уживам. Наскоро почна да ми станува потешко и полошо дома, во однос на тоа да одам во училиште и да си другарувам со другарите. Постојано слушав дека ако седам дома ќе се заштитам од тоа зло, од заразната болест која ни го окупираше нашето секојдневие и нашите животи и ја демне мојата околина и сите драги луѓе кои сега сфаќам колку ми значат. Тоа зло кое ми го смени моето убаво, безгрижно  детско секојдневие , ме затвори дома, ми го ограничи движењето, заборавив како е веќе да  излезам на улица или во продавница слободно и сигурно како порано. Но сепак  верувам дека јас како и сите ние ако сме дисциплинирани и послушни луѓе, како што кажуваат на телевизија, ќе придонесеме да се спречи ширењето и да се уништи ова зло што нѐ обзеде. Животот ми се смени за кратко, но од сето ова  јас почуствував поголема топлина во домот, овој краток период како да нѐ зближи сите дома и ни покажа колку сме си важни едни на други, колку си требаме и колку си значиме. Моите како и многу други родители постојано беа во трка со времето и животот. Сега дома имам постојано топол ручек, некое домашно колаче од мајка ми но и разговор, игри, анимации и многу други креативни работи што порано немавме време да ги правиме. Освен тоа од самиот почеток на ситуацијава и од училиште имаме задолженија за да можеме успешно да ја завршиме оваа учебна година, па со тоа побргу и поубаво ми поминува времето, учам, ги праќам домашните работи на наставниците потоа чекам одговор и така…Ах другарчиња мои си седиме дома со цел да се заштитиме сами себе но и другите, но сфатив дека слободата која толку често сме слушале дека е важна, а толку тоа сме го потценувале, навистина била важна. И сега седејќи дома и пишувајќи го ова си замислувам како ќе помине ова за кусо време и повторно сите ќе  се вратиме на своите обврски, ќе играме,  ќе бидеме слободни како птици , но сите ние ќе научиме важна животна лекција.

         Седам дома, учам, творам, го живеам животот но не како до сега по свое, туку како ќе ни наложат, по нечии туѓи препораки, но секое лошо за добро е , како што рекле старите. Ајде по сето ова сите да излеземе победници, сите да сфатиме колку е важно прво сите да сме живи и здрави, да сфатиме колку е важно да си направиме муабет со соседот за времето или за некоја друга општа работа без притоа да не го гледаме во очи и избегнуваме старвувајќи дека можеби ќе нѐ зарази. Благодарение на оваа подмолна болест, сфаќам дека и не било сѐ така црно како што сме си мислеле, сега сфаќам дека животот  бил убав. Седам дома учам, творам и го чекам подоброто наше утре.

Дарио Ристовски 7-3 одд

Цртежот е на Давид Цветковски 8-3 одд.

5 Мај – Ден на Македонскиот јазик

Вечен идеал на македонскиот народ беше создавањето на свој литературен јазик врз кој ќе ја гради својата култура. Денес тој идеал е остварен. Ние имаме свој литературен јазик на којшто учиме, зборуваме и твориме. Твориме на наш литературен јазик, на македонски јазик. Горди сме поради тоа, но колку што сме горди со него, уште поголема и посвета е нашата обврска да го браниме и чуваме како зеницата во окото. Нема ништо помило и поскапо од мајчиниот јазик! Македонскиот јазик претставува најголем скапоцен дар којшто со години и векови н’е чувал од многу силни ветришта, бури и виулици… Јазикот за еден народ е негово духовно богатство! Јазикот е единствена наша татковина. С’е додека го чуваме, го негуваме, го вардиме јазикот наш македонски-ќе ја имаме и татковината! Во нашето училиште “Дане Крпчев”, секоја година го одбележуваме Денот на македонскиот јазик со соодветни активности. И оваа година, под вакви околности, кога наставата и сите воннаставни активности се реализираат преку далечинско учење, а учениците учат и творат од дома, имаме особена чест да ви го претставиме Македонскиот јазик со сета раскош, топлина, восхит, убавина, значење,истрајност и заљубеност. Среќен ден на Македонскиот јазик!

Во продолжение погледнете ги творбите на нашите ученици во чест на Денот на Македонскиот јазик

Третонаградени творби на ликовниот и литературниот конкурс во категорија од II-V одд.

Мојот мачор Црнко

Јас имам мачор црн,

поголем е од диња,

дебел е ко свиња!

Ех, тој досаден Црнко,

само во гајби лежи

и сѐ повеќе тежи!

Никој не го сака,

е тоа му е мака!

Досаден е, само пишти,

како да го тепаат, вришти!

Јас имам мачор црн,

поголем од диња,

црн ко тиња!

Давид Арнаудов 5-4 одд.

Цртежот е на Семир Сехралтиќ 5-2 одд

Второнаградени творби од ликовниот и литературниот конкурс во категорија од VI-IX одд.

Цртежот е дело на Дина Шабановиќ IX3 одд.

Да се заштитиме седејќи дома и творејќи

                Дома сум веќе четврта седмица, училиштето е затворено. Ретко излегувам, само во двор. Гледам и не можам да верувам. Се радувам кога гледам дека природата полека започнува да се буди. Сега како никогаш претходно  човек може да ја набљудува природата.

                Ги нема звуците на автомобилите, по улиците ги нема и бучните мотори, ги нема нервозните возачи, забрзаните луѓе по улиците. Го  нема џагорот на децата кои одат или се враќаат од училиште. Нема никој, нема ништо.

На улиците има само бездомни кучиња. И тие се чудат  и сигурно се прашуваат, каде се луѓето, каде заминале?

                Влегувам дома, отворам интернет, гледам видео клипови  снимени со дрон  во мојот град, во  моето Скопје. Тажно е, празно, во прв момент гледам чисти улици зеленило покрај тротоарите , расцутени  цвеќиња , но нема живот, ги нема луѓето. Ги гледам снимките од Рим, Венеција, Париз,  Њујорк, Лондон, Пекинг, не можам да верувам, тие милионски градови сега се празни. Светот застана.

                 Кој би рекол ? Зарем е можно?

                 Никогаш не помислував дека светот може да застане . Дека таа огромна кошница ќе се смири, ќе мирува. Дека човек од човек на улица ќе се плаши, дека луѓето ќе бегаат едни од други. Дека нема да можеш да си купиш храна, дека нема да можеш да излезеш кога сакаш. Дека пролетното сонце ќе го гледаш само низ прозорец. Но се случи и тоа. Сите сме во шок. Светот се бори против мал, невидлив убиец.  Сѐ  ова е толку неверојатно и збунувачко. Сите постојано се прашуваме, ќе издржиме ли, уште колку  ќе трае  ова, уште колку луѓе ќе заболат , колку ќе се излечат, ќе се најде ли лек,  ќе издржат ли докторите, ќе има ли доволни маски, ракавици , ќе излеземи ли како победници?

                  Веројатно уште долго ќе се прашуваме, уште долго ќе бидеме затворени дома, уште долго ќе се будиме и легнуваме со гледење  вести. И јас редовно ги слушам иако претходно никогаш не сум го правела тоа.

Најчесто употребувани зборови овој месец се: Корона, Ковид 19, Филипче, респиратори, полициски час, карантин, пресконференција….чудни некои зборови.

Се прашувам ќе издржат ли сите? Ова ни е можеби некое предупредување од природата дека има и посилни од нас луѓето.

Сите велат кога ова ќе заврши ќе мора да живееме со побавно темпо, ќе мора да мислиме повеќе на себе, на нашето здравје, на нашите семејства, ќе мора повеќе да се сакаме себе си и природата.

                     Знам дека ќе излеземе како победници.Знам дека ќе го победиме невидливиот убиец. Знам дека  светот повторно ќе продолжи да живее. Но знам и дека човекот ќе треба да сфати дека не е најмоќен. Дека малите и невидливите нешта се најмоќни и најголеми. Против нив си немоќен.

                                                                                                                                       Лорина Јакимовска 8/4 одд