Зошто се слави 8-ми Март?

Меѓународниот ден на жената е светски празник кој се одбележува на секоја година на 8. март. На овој празник се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.

Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, на иницијатива на социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената бил одбележан на 28. февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година, под закрила на Втората интернационала во Копенхаген, била  одржана Првата меѓународна конференција на жените, на која било одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но не бил утврден точен датум. На 19 март 1911, празникот по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржале мировни собири.

8. март за прв пат бил прогласен за државен празник, по победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај. На запад во 1920-тите одбележувањето на 8 март полека замре, а оживеа во 1960-тите заедно со растежот на феминизмот. Но, сепак, во ниту една западна земја 8 март не е прогласен за државен празник.

8 март е државен празник во неколку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Бугарија, Монголија, Узбекистан,Виетнам, Кина. Република Македонија е една од ретките земји во кои се празнува Меѓународниот ден на жената.

http://www.crnobelo.com/novosti/svet/992-zosto-se-slavi-8mi-mart

106 години од раѓањето на нашиот патрон Дане Крапчев

Во 1912 година во едно студено и магливо утро на 2 февруари во семејството Крапчеви се роди уште едно машко дете кое го доби името Дамјан-Дане.

Неговиот татко беше роден во Прилеп, а работеше како чиновник во Шумадија и повеќе градови во Македонија, најдолго во Скопје. Па така своето образование Дане го стекна на разни места. По завршување на гимназијата се запиша на Правниот факултет во Белград.

Наскоро умираат мајка му и најстариот брат. По оваа случка се одделува од родителскиот дом се населува во Дебар Маало (Скопје) каде живее под кирија доста скромно и бедно. Поради немање материјални средства принуден е да се вработи и вонредно да ги продолжи студиите. Болката се надополнува со длабокиот револт во душата од злосторничкиот режим. Потресен од суровите сцени Дане си даде завет дека ќе ја види сопствената татковина и сопствениот народ слободни.

Почетните месеци од 1941 година беа обележани со крупни настани. Дане сметаше дека тогаш може да покаже сé што дотогаш научи. Тоа и го стори. Истата година застана под знамето на тогашната КПЈ и неуморно се подготвуваше за долгоочекуваната офанзива што требаше да се случи во 1944 година. Со формирање на Првиот скопски партизански одред Дане беше одреден за политички комесар и со својата чета дејствуваше на Скопска Црна Гора.

Се случи и тој очекуван пролетен настан кога се вклучи кон партизанските единици назначен како политички комесар. Поседуваше високи квалитети и способност истите да ги пренесе и на другите борци. Неговото учество во НОБ беше од огромно значење за подигањето на борбениот дух кај сите партизански сили и секогаш живееше со мотото дека по бурата ќе се појави светлината.

Но за жал тој беше еден од оние борци кој не успеа да и се восхити на светлината. Токму во таа 1944 година на 24 Мај кога батаљонот тргнуваше во еден од последните јуриши во бујната, шумовита Плачковица залутан куршум го најде своето место токму во телото на Дане. Во тој миг згасна еден млад живот, храбар борец и смел син на нашата татковина. Згасна во најубавото годишно време –пролетта, во најубавиот месец мај и овој месец го закити со уште една значајна дата.

Тешка беше загубата. Остана закопан во пазувите на планината, со себе ја закопа војната, а ни ја подари слободота.

Како ученици во ова училиште горди сме што учиме во училиштето коe го носи името на човек кој целиот свој живот го посвети на татковината. Чувствуваме должност гордо да се поклониме пред бистата на Дане Крапчев, да положиме свежо цвеќе, затоа што тој со својот боречки револуционерен и неуморен дух стана причина за нашата гордост.

Иако тој не е веќе меѓу нас , не може да се заборави еден таков човек кој служи како пример на секој млад човек, за тоа како треба да се сака татковината.

Новогодишен базар

На 26.12.2017 год. во холот на нашето училиште во празнично расположение и пријатна атмосфера се одржа Новогодишен базар во рамките на програмата за соработка со родителите. Во организацијата и реализацијата на овој настан се вклучија голем број родители. На сите родители кои се вклучија во оваа активност  неизмерно им  благодариме за нивното залагање, одвоеното време и средства.  Собраните парични средства од базарот ќе се искористат за подобрување на условите за работа и учење во нашето училиште.

Тим за соработка со родителите

 

 

Европскиот ден на јазиците

На  25.09.2017год. во ООУ,, Димитар Миладинов,, се одбележа Европскиот ден на јазиците, во соработка со 7 основни училишта од Скопје меѓу кои активно  беше вклучено  и нашето училиште ,,Дане Крапчев,,. Училиштата подготвија штандови на десетина европски земји, на кои беше презентирана културата, знаменитостите како и традиционалните јадења од тие земји.

На 26 септември 2017, во Рамстор се одржа прослава   во организација на Францускиот Институт од Скопје и Делегацијата на Европската Унија,.
Неколку македонски и европски институции зедоа учество преку штандовска промоција на нивните книжевни фондови.
Исто така, беа организирани забавно-едукативни работилници за најмладите од страна на Францускиот институт во Скопје, Гете-институтот и центарот Данте Алигиери.

Овој настан го посетија и учениците од ООУ ,,Дане Крапчев,, кои зедоа активно учество на овие работилници.

Европскиот ден на јазиците беше одбележан и во нашето училиште каде на 29 септември 2017 година беше организирана приредба во која имаа учество ученици од шесто до девето одделение и кои пред своите соученици и вработените во училиштето настапија со повеќе точки на различни јазици.

Одбележувањето на овој ден е на иницијатива на Европскиот совет и претставува одлична прилика за подигнување на свеста на популацијата за значењето на изучувањето на јазиците и за промоцијата на културното богатство на Европа.

This slideshow requires JavaScript.

ВЕРА , ЉУБОВ И НАДЕЖ

На  29.09.2017 г. учениците од II одделение симболично го одбележаа Денот на љубовта – празникот посветен на великомаченичката Софија и нејзините ќерки Љубов, Вера и Надеж (30 септември). Дарувајќи мали, прекрасно спакувани колачиња, зачинети со искрена детска насмевка и топла прегратка, подарија многу љубов и пренесоа силни пораки до сите вработени и ученици во нашето училиште. Не потсетија на трите најважни пориви кои ги држат луѓето исправени и во најтешките моменти во животот. Не потсетија дека:

ВЕРБАТА ги прави сите нешта возможни,

ЉУБОВТА ги прави сите нешта лесни,

НАДЕЖТА ги прави сите нешта достижни.

Честит празник и имајте секогаш вера, љубов и надеж во животот!

Актив на II одделение

This slideshow requires JavaScript.

Последниот час во „Дане“

Септемвриско утро 2008 малите ученичиња за прв пат го пречекорија  училишниот праг. Училишните дни непрестано се движеа и секојдневни искуства учениците нижеа. Беа вредни и работливи, немирни и скокотливи, палави и бесни па клупите им стануваа тесни.

Секојдневно растеа и нови доживувања се пластеа. Први солзи радосници, први единици и петки, први лапсузи и смешки, први симпатии и љубовни грешки. Наставниците во летот ги следеа и секојдневни насоки им делеа.

Денес кога последниот час ќе пројде, секој ученик по својот пат ќе појде. Го напуштаат училишното гнездо, со желби секој да го пронајде своето место.

Летајте слободно ученици наши, животот е пред вас и тоа нека не ве плаши! СРЕЌНО!

Елизабета Георгиевска

This slideshow requires JavaScript.

ЗАБАВА ЗА КРАЈ!

И така по девет години учење и дружење, наградување и казнување, смеење и плачење, петки и единици, кавги и сакање, работа и џаболебарење …. дојде крајот. Генерацијата 2008 – 2017 заминува од нашето училиште. Ние наставниците се потрудивме да им го пренесеме нашето знаење, да ги насочиме на правиот пат. Секој од нив зема толку, колку што можеше или колку што сакаше. Ние сме горди на секој од нив, тоа беа прекрасни деца, прекрасна генерација. Им посакуваме успех во понатамошното школување, им посакуваме да бидат среќни и весели како што беа тука. За крај   НЕМОЈТЕ  ДА НЕ ЗАБОРАВИТЕ И НЕМОЈТЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИТЕ! Вашето дружење нека продолжи и понатаму, другарството нема крај!

Овие фотографии нека ве потсетуваат на вашето детство, затоа што веќе зачекорувате во светот на возрасните. СРЕЌНО!

ПС  Фотографиите не се со некој висок квалитет. Дали е до фотографот, дали е до апаратот или е до Вас затоа што не бевте мирни ни секунда, не знам. Но за сеќавање се добри, присутните во своите глави и во своите срца ја чуваат чистата слика  <3

Oдделенски наставник

Тања Метикош

This slideshow requires JavaScript.

 

Одбележување на Франкофонијата

На 10.04.2017 во ООУ „Живко Брјковски“ се одржа одбележување на Франкофонијата. На настанот учествуваа 15 училишта од Скопје кои се претставија со рецитали, песни, глума, танци и изложба. На настанот присуствуваа и ученици од нашето училиште со нивните наставници.

This slideshow requires JavaScript.

Велигден во нашата училница!

Учениците на II-1 одд. денес,среда 12.04.2017 цртаа, боеја, креираа, декорираа, пееја се информираа и рецитираа – во чест на големиот ден  – Велигден! Искрени желби за среќни празнични денови за сите наши големи и мали другарчиња и вработени во нашето училиште од нас-учениците на II-1 одд. и нашата наставничка  Данче Костовска-Јаким

НАСТАП НА ПЛОШТАД ВО АВТОКОМАНДА – АПРИЛИЈАДА 2017

Ученици од V и II одделение од нашето училиште , под раководство на нивните наставнички Даниела Торковска и Лидија Ѓоргиева , во петокот на 31.03.2017 учествуваа на Априлијадата која традиционално ја организира општина Гази Баба. Тие настапуваа во забавниот дел на манифестацијата , која се одржа на плоштадот во Автокоманда , каде учениците од V и II одделение настапија со ритмички точки “Пасо добле” и “Во светот на приказните”. На Априлијада 2017, учество земаа ученици од основните училишта и деца од детските градинки од општина Гази Баба.

Одделенски наставник

Даниела Торковска