НАГРАДИ

НАГРАДИ НА ЛИКОВЕН КОНКУРС

На ликовниот конкурс “Скопје се смее”, по повод 1 Април – Денот на шегата, а во организација на ДКЦ “Карпош”, учествуваа ученици од нашето училиште од V до IX одделение. Со свои изработки на тема “Првоаприлска маска” се претставија десетина ученици. Маската што ја изработија ученичките Јана Стоилевска и Михаела Стојменовиќ освои 2 награда и маската на Сара Јосевска 3 награда. Останатите учесници добија дипломи за учество. На доделувањето на наградите можеше да се види и изложбата од сите пристигнати маски од училиштата во Скопје.

Честитки за сите учесници, а посебно до наградените.

Награда – „Големата мајка“

 

    

Градоначалникот Борис Георгиевски, ја додели наградата „Големата Мајка“  за посебни достигнувања и афирмација на општина Гази Баба за 2017 година, кое е највисоко признание на општината.

Наградата за значајни остварувања во областа на образованието и воспитанието ја доби  Елизабета Георгиевска, одделенски наставник, во нашето училиште . Таа е автор на краткиот  видео спот „Спот за промоција на училишната клима“ со кој го освои првото место на Меѓународниот едукативен филмски фестивал КРЕФ , со што придонесе за промоција на училиштето, нашата општина и образованието на Република Македонија.

 

Есеј во есен – „Мојот град“ од Леонид Велковски

На 11.11.2017 г. во ООУ Григор Прличев беше одржана традиционалната манифестација ,,Есен во Гази Баба ” . На манифестацијата од страна на писателот Горјан Петревски беа наградени шест есеја на ниво на општина Гази Баба. Од нашето училиште награден беше есејот на ученикот Леонид Велковски од IX-4 одд. Пофалени беа и есеите на учениците: Лорина Јакимовска и Мила Петровска од VI-4 одд и есеите на Лора Ристовска,Светлана Симоновска и Владимир Грујовски од IX-4 одд.

Во подолжение прочитајте го наградениот есеј на ученикот Леонид Велковски

 

Мојот град

 

Студениот бакнеж на есента кој во темнината остава свој белег на летните цвеќиња, замагленото утро кое тагува над паднатите лисја, црвениот пожар кој гори во сивилото на градот, ја прават магична есенската прошетката по златната патека. По таа златна патека чекорам јас. Лисјата ми крцкаат под нозете, а од некаде далеку насетувам мирис на печени костени и топло чајче. Ластовиците полека ги напуштаат гнездата и тргнуваат кон југ. Загледан така накај нив ја преминувам улицата а веќе до мене редица бесни возачи ми свират да побрзам.

Изненаден со зачукано срце потрчнувам и набрзина застанувам на тротоарот. Не ми се брза. Сакам само да се прошетам низ градот. Веќе долго време не сум бил покрај Вардар.Трчам за накај кејот. Задишан веќе пешачам по него и си помислувам во каков град живеам. Еден од најубавите во Европа. Тоа е одговорот. Но…Тој е пренаселен, со скоро милион жители во него и многу загаден. Насекаде некултурни луѓе со лош менталитет. А пак да не зборувам за сметот на улиците….Жуборењето на Вардар ми ги оттргна мислите. Како да ме пресече. Како да ми кажа дека тоа не е важно. Веќе се насетуваше плоштадот и ,,грандиозниот,, ,,Воин на коњ,,. Се искачив по скалите и се упатив право кон улица ,,Македонија,,. Поминувајќи низ плоштадот ме обзема едно патриотско чувство. Не дека сум некој патриот, но ете, таквата архитектура околу тебе те тера да се чувствуваш важно. Јас го оспорувам она изграденото па се преиспитувам дали треба да бидам против или не? Но, сето тоа повторно не е важно. Одам по улица ,,Македонија,, и ме обзема едно чувство кое ме потсеќа само на есен и на ништо друго. Амбиентот е прекрасен, а туристите наоколу ги фотографираат барокните згради чудејќи се на нивната свежина.

Полека се доближувам до ,,Рекорд,,.Гледам група на деца од друг град кои дошле да го посетат Скопје. Возбудени погледнуваат наоколу. Очите им се ококорени и пред нив ја гледаат најфрекфентната улица во Македонија. Маса на луѓе чекори кон другиот крај на улицата. Сонцето срамежливо се смешка од небото. Куќата на ,,Мајка Тереза,, ме предизвикува да мислам за таа жена и нејзината добрина и смелост. Таа била чудо, а сега е светица за христијаните. Веќе се затемнува па брзо станува ладно. Јас во мојот топол капут се туткам, што повеќе да ја почуствувам  неговата топлина. Видикот веќе се смалува па го гледам музејот на град Скопје. Одеднаш се смрзнувам. Раката во мојот џеб ги пипка картите за на театар. Зар е можно да доцнам? Многу размислував. Го погледнувам часовникот и гледам дека имам само уште петнаесетина минути. Дали да се враќам назад ? Не. Ќе направам круг и ќе стигнам до театрот. Но, немам време. Ќе викнам такси. Таксито ме донесе до плочникот на театрот, а таму другар ми нервозно цупка. Влеговме заедно желни да ја погледнеме новата претстава. Додека траеше претставата јас повторно размислував. Кои се предностите а кои негативните страни на градот?

Зошто баш вечерва мислам на тоа? Изборите се виновни за тоа, тие ме натераа на ова. Но, не! Јас не се интересирам за тоа. Ова е моја желба да разграничам . Покрај лошите страни кои секојдневно ги повторуваме и веќе на секој му се врежени во меморијата, јас реков зошто не ги истакнеме позитивните страни на овој град. Прво ќе започнам со чаршијата. А, да! Сега имам желба да ја посетам. После претставата веднаш се упатувам таму. Тоа е наш историски белег. Многу работи можат да се видат. Не сите занаети се застапени но, некои како опаничарството и слаткарството се едни од преостанатите. Правењето чевли е интересен процес. Ги имам посетено луѓето што ги изработуваат. Многу фини луѓе.  Да не ги заборавиме златарите и дуќаните со народна облека, каква убавина. А пак Камениот мост! Тој е посебно врежан во моето срце. Него, не го засенија гламурозните зданија околу. Тој е симбол на нашиот град. И ќе остане. На него многу работи се случиле, а османлиската архиктетура го прави посебен. Секако, да не го заборавиме и Калето. Тоа е белег за животот на просторот на градот. Праисториските докази покажуваат колку Скопје е старо. Но, не само тие. Средовековната смелост го покажува тоа. Водно е незаборавлив дел од сево ова. Тоа е мини – планина како изградена за нас скопјаните.Таму можеш да бидеш рекреативен ама и мелахонличен.

Така претсавата заврши а јас со пола моменти од неа во мојата глава си заминав од таму. Полека  поминавме покрај Камениот мост и се упативме кон чаршијата за повторно да ја погледнам нејзината убавина. Така двајцата шетајки низ неа разговаравме за длабоки теми од нашите животи. Се разделивме и сите си тргнавме по нашите патишта. Ноќта додека спиев сонував еден чуден сон. Јас како летам над градот. Дестинација беше Градскиот парк. Таму си се шетав сам над тепихот од суви лисја. Стадионот беше премал за мене од мојата перспектива. Личеше на една чудна чинија. Од зоолошката лавот рикаше, а чуствував како ветер да струи низ мене и гледав како прави бранчиња на малите езерца. Вегетацијата веќе станала жолта, а дрвјата останале без нивните лисја на гранките. Тоа е сликата што ја видов за нашот парк. Голем со многу изненадувања во него. И така после сето тоа се најдов во еден паралелен свет. Скопје во иднината. Многу беше грозно. Едноставно бев во агонија. Она што беше сегашниот Градски парк, во иднината е место со многу отпад. Зар е можно?Да можно е!Тоа е ,,Градскиот отпад,,. Се вивнав во воздухот и видов само  црно околу мене. Смог и чад во облаците. Студена слика добив за Скопје. Не можев да гледам понатаму и се разбудив запрепастен. Рипнав и почекав да се освестам. Во тој момент сфатив колку си го сакам мојот град .Колку е посебен и величенствен за мене. Не можам да го заменам со никој друг. Толку убави мисли и сеќавања ми дојдоа за градот што бев вчудовиден од самиот себе. Сфатив колку си го сакам Скопје.

Истиот ден требаше да пишуваме состав на слободна тема, па јас го избрав Скопје како тема за пишување. И она што го доживеав минатата вечер ме мотивираше уште повеќе да мислам и за бабичките во ЈСП и дедовците на Зелен пазар и концертите во Универзална сала. Спортските натпревари во ,,Борис Трајковски,, не беа исклучок. Така ми дојде слика за она вистинското. Слика како треба да се почитува родното место. Повеќе не го навредував моето огниште и очекувам се повеќе и повеќе од него.Вистинската работа е љубовта. Ама скопскиот дух треба да го осетиш и насетиш. Тоа е сигурно она што ме воздигна на некое следно духовно ниво.Чувствата ми се непроценливи во моментов. Уживам во секој мој нареден збор. Копнеам секој пат да се прошетам по градот и уште еднаш да се присетам на ова искуство. Урбано Скопје допрва ќе го запознавам , а не сакам моите искуства да бидат полоши од претходните. Скопје  е моето детство, мојата секојдневна мисла, мојата копнеж, мојата радост и среќа, мојата тага. Скопје за мене е се на светов. Те сакам!

Леонид Велковски

IX-4

Училиште: ООУ,,Дане Крапчев”- Скопје

Ментор: Јагода Филиповска

#КРЕФ – Меѓунроден фестивал за едукативни видеа – Прво место ООУ „Дане Крапчев“ – Скопје

На 29.09.2017г. во Лесковец –  Република Србија се одржа КРЕФ – Меѓународен  училишен фестивал на креативни едукативни филмови. На оваа  манифестација и нашето училиште учествуваше како финалист во две категории, во категоријата Еду филм –  „Сосема различни но со иста цел“  и во  категоријата Липдуб – Спот за промоција на училишната клима.

Со големо задоволство Ве известуваме дека НАШЕТО видео за промоција на училишната клима го освои   ПРВОТО МЕСТО во меѓународната конкуренција .

Автор на видеото е Елизабета Георгиевска, координатори на активностите Марија  Н. Наневска и Бојана М. Личевска, монтажа Леонид Велковска, автор на песната Ванчо Јовчев, песната ја изведува Дина Јашари, снимател Влатко Венов.

Награда „Големата мајка“

Во Музејот на Македонската Револуционерна борба со богата програма и многубројни посетители се одбележа 40-годишнината на општина Гази Баба.

За постигнати резултати во повеќе области, за соработка, за афирмација на општината, за хуманост, за врвни резултати постигнати во својата област, петта година по ред на најдобрите им беше  доделена наградата „Големата мајка”.

Наградата за значајни остварувања во областа на образованието и воспитанието од наставнички кадар ја доби одделенскиот наставник Тања Метикош од ООУ „Дане Крапчев”.

Во музичката програма учествуваа оперската певица Александра Коцевска, хорот Хераклеа под водство на Јасмина Ѓоргеска, и мандолински оркестар на МКЦ под водство на професорот Ванчо Јовчев.

This slideshow requires JavaScript.

 

 

 

 

 

II Книжевна манифестација „Есен во Гази Баба“

%d0%ba%d0%bd%d0%b8%d0%b7

По повод Денот на општина Гази Баба 3-ти ноември, во основното училиште „Григор Прличев” се одржа втората книжевна  манифестација „Есен во Гази Баба”, која беше организирана од училиштето, Сојузот за грижа и воспитување на децата на Македонија, со поддршка од општина Гази Баба.

За оваа манифестацијата беше објавен литературен конкурс на тема ” Григор Прличев и Сердарот во мојот есеј”, во која зеде учество и нашето училиште „Дане Крапчев“.

На одржаната манифестација се прогласија петте најдобри ученици, кои од Сојузот за грижа и воспитување на децата беа наградени со книга и благодарница и посета на манифестацијата „Детски лирски треперања” која се одржува во Охрид.

Награден ученик од нашето училиште е  Владимир Грујоски од VIII-4одд.

Пред присутните гости по обраќањето на градоначалникот Тони Трајковски, директорката на основното училиште „Григор Прличев”, Сузана Танева и претставникот од Сојузот за грижа и воспитување на децата на Македонија, Горјан Петрески беа прочитани литературните творби од наградените ученици.

Пораката од оваа манифестација е да се негува македонскиот литературен збор и да се инспирираат учениците повеќе да творат и да ја развиваат својата мисла.

Беше  претставена и големата уметничка слика со мотиви од животот и тврештвото на Григор Прличев која е поставена во холот на училиштето,а во дворот на училиштето во поетската шума „Срдарот“ беа засадени дрвца.

Наградената творба

Прличев и Сердарот во мојот есеј

Историјата пишува податоци. За жал во неа е испишано дека Македонскиот народ е еден со векови напатен народ. Податоците се нем факт пред вистината. Вистината ја облагородува народното творештво и народната песна. Тие ги опејуваат вистинските јунаци кои ги родила ова парче напатена земја. Таа богата историја на мојот народ со своето врвно уметничко перо ја испишал и Григор Прличев со неговата ,,историска балада,, Сердарот. На многу сликовит начин во историјата ја вметнал и поезијата  во ова врвно дело. Прочитав дека оваа творба е обединување на фолклорот, стилот на големиот Хомер и сопствената силна уметничка дарба на Прличев. Затоа и не е случајно што поемата е ставена на највисоко место во периодот на Романтизмот, но и денеска.

И повторно се навраќам на борбата на Македонците против насилствата со векови. Таа борба за слобода сликовито се проткаени во темата на ова дело со врвни уметнички квалитети.  Макотрпното минато на својот народ и стремежот за слобода е идејата на голеиот мајстор кој  бил прогласен за втор Хомер во 1860 год да го  прикаже во ова голема историско-јуначка поема.

Инспириран е од тешкиот живот на Македонците од западните делови на Македонија кои биле изложени на терор од страна на Гегите. Мотивот Прличев го зел од народната песна за Кузман Капидан кој го слика со особено мајсторство и во хомеровски дух.  Освен Кузман Капидан-Сердарот и останатите ликови во неговата поема се длабоко и силно впечатливи, носители на возвишени, но и реални особини. Турската власт за да го заштити населението од грабежи, за да може после да им земе даноци, морала да организира заштитнички единици. Кузман Капидан бил водач, сердар на една таква единица.

Поемата започнува жално….

Пискотници се слушаат од Галичник во Река,
Што тешка несреќа ги збра
и мажите, и жените, та гласи тажна ека
и навева сал коб и зла?

Дал’ град полињата житородни ги беше фатил?
ил’ рој од скакулци се вдал?
Дал’ султанот арачлии пред време беше пратил
да збира арач лут без жал?

 

Овие катрени ми ѕвонат во ушите одкако ја прочитав за прв пат ова лето.Со нив започнува потресна слика за положбата на македонското население во Галичник и Река, каде е лоцирано дејствието на поемата.

Како и големиот Хомер, кој употребил словенска антитеза да ја опише разделбата на Хектор и Андромаха, со истата стилска фигура карактеристична за нашето народно творештво Прличев нè воведува во понатамошниот тек на поемата.  Гласот за смртта на јунакот се шири со голема брзина и тој предизвикува болка и страв кај населението, зашто ќе нема кој да го заштитува  oд тој ужас и немир што се шири меѓу селаните. Потоа ненаметливо Прличев се префрла на тивкиот и мирен дом во кој мајката Неда е осамена и во исчекување да се врати синот. Таа претчувствува нешто страшно, бидејќи сонувала како се руши куќата и потпорната греда (Кузман) не издржува Со смирен тон и многу сликовито, Прличев ја опишува мајката:

 

На средна е доба; и јадра, сосема здрава,
кршна и херојски силна.
Извајана е амазонската нејзина става:
Вистинска личота милна.

Годините не ја намалиле нејзината убост;
на лице свежест се гледа,

младешката сочност не ја беше сменила грубост.
Таа е кутрата Неда!

 

Таа е последна која дознава за смртта на синот. Сите се плашат да и ја кажат кобната вест. Но кога таа сепак допре  до неа допре и до мене како остар нож забиен во моето срце. Неда испушта крици како лавица, ја фрла шамијата од главата, ги кубе косите, но многу брзо се созема и им се обраќа на селаните возвишено и гордо

 

Доста му се ридањата, пискотите мои ледни
за награда во овој час.
Над ваш’те невести и ќерки плачете, о бедни
бидејќи за нив нема спас.

 

Како  закрилник на народот го зема мечот во својата рака за да го одмазди синот и ја продолжува неговата борба. Иако Гегите (Албанците) се непријателите кои го пљачкосуваат и тероризираат населението, Прличев ги отсликува  како поклоници на јунаштвото и чесноста. Тие за да му оддадат почест на големиот јунак, сами на раце го носат Кузмановото тело во домот на мајката,  На тој начин ја искажуваат почитта и кон неа и нејзиното херојско и гордо однесување. Непријателот е воодушевен од јунаштвото и сака да ја утеши мајката:

Jас не сретнав појунак човек,

жено, од сина ти сакан.

И блажени нека се твоите гради се довек

што го отхраниле така.

 

Од голема почит, тој ќе вети дека Гегите никогаш нема да ја нападнат и навредат мајката на јунакот, дека таа секогаш ќе биде заштитена. Но, храбрата Неда не прифаќа да ја заштитат само неа, таа сака заштита за сите Македонци.

Марија, свршеницата на Кузман останува  достојна на љубовта на големиот јунак, верна до гроб, бескрајно вљубена, тивка и искрена. По смртта на својот љубен, таа нема повеќе за што да се радува, се повлекува во калуѓерство, посветувајќи му се целосно на споменот на таа љубов.

Кузман Капидан, Неда и Марија се олицетворение на добрина, љубов, верност, пожртуваност..

Само големиот Прличев може да даде пример како се сака својот народ, како се жртвува својот син, како се љуби верно до гроба.. Тој ќе остане запаметен во нашата поезија и се надевам ќе биде пример да ни покаже нам младите и преку поезија да ја искажеме љубовта кон татковината.

Многу пати сум размислувал и на други историски теми..Но содржината на Сердарот ми ја отслика историјата како на дланка. Остана во мене нем крик за тоа что се случувало со векови на оваа мала но по својата историја голема земја. Остана во мене и мала надеж дека како наследник на овие храбри јунаци ќе покажам како се сака својата татковина.. Тоа го направил големиот Хомер со Илјада, Прличев со Сердарот а јас како ученик ветувам дека ќе дадам се од себе да покажам како со знаење се сака и се почитува древната земја.

 

 

Владимир Грујовски  VIII-4одд.

ООУ „Дане Крапчев“-Скопје

Ментор:   Катица Стојчевска