ЕКО УЧИЛИШТЕ

Еко пакет Македонија 2018

На 06.06.2018 по повод Светскиот ден на животната средина во просториите на Младински културен центар – Скопје беше организирана завршната изложба од наградниот конкурс ,,Еко пакет Македонија 2018 “ На изложбата беа изложени уметнички дела од училишта од цела Македонија. Нашето училиште учествуваше со три уметнички дела израбоетени од тетрапак амбалажа: Еко кајак, Еко воз и Еко камион. На настанот беа присутни учениците од второ одделение со одговорниот наставник Билјана Трајановска, ученици од трето одделение со одговорниот наставник Данче Костовска-Јакимовска и одговорниот наставник на овој проект наставникот по биологија Бојана М. Личева. Задоволство беше да се присуствува на настанот, да се видат голем број креативни уметнички дела изработени од тетрапак амбалажа од ученици од цела Македонија и да се споделуваат искуства за начинот на кој биле создавани делата. Првото Место му припадна на уметничкото дело ,,Автобус” изработено од ученици од ООУ ,, Никола Петров Русински” – Берово. Специјална награда од 6 велосипеди за учениците и наставникот беше доделена на тимот кој реупотребил најмногу отпад и изработил најкреативен велосипед. За сите учесници и наставници во овој проект беа доделени сертификати. Во прилог фотографии од настанот.

Катче за чиста вода- проект на Општина Гази Баба

Општината Гази Баба обезбеди буџет за набавка и поставување на филтри за вода во јавните институции. Три основни училишта и три градинки се опфатени во овој проект, меѓу кои и нашето училиште .

Согласно динамиката на проектот денеска се поставија филтрите во ООУ „Дане Крапчев, со што нашите ученици ќе добијат поквалитетна питка вода .

Училиштето го посети градоначалникот на општината Г-н Борис Георгиевски кој ги поздрави учениците и го претстави проектот.

Исто така за учениците беше одржано едукативно предавање за значењето на питката и квалитетна вода за човечкото тело.

Чешмата со филтерот за прочистување е достапна за употреба на учениците .

Препорачуваме учениците од хигиенски причини водата да ја полнат и конзумираат во шишиња и чаши за лична употреба.

 

Активности по повод ден на Планетата Земја

Во нашето училиште оваа недела се одржаа неколку активности преку кои се обидовме да го насочиме вниманието кон важноста за зачувањето на нашата планета.

Учениците од еко тимот поставија пано на кое ги испишаа своите еколошки пораки упатени до сите посетители на нашето училиште.

Исто така и оваа година се одржа едукативно предавње на тема “Климатски промени” кое го одржаа НВО “Go green”  и учениците од гимназијата  ” Раде Јовчевски- Корчагин”.

Чест е да се имаат гости кои шират ваква благородна едукација, а задоволството е уште поголемо кога тие гости своите први чекори во областа на екологијата ги направиле во нашето училиште. Во улога на предaвач го имавме нашиот негогашен ученик Александар Атанасовски и неговите соученички од гимназијата кои се потрудија да ги запознаат нашите ученици со последиците од климатските промени.

Активности по повод 22 Април – Ден на планетата 2

На 20.04.2018 год. учениците од I до V одд. имаа можност да ја проследат ЕКО- едукативната претстава „Хокус- покус, рециклирањето е во фокус“  во соработка со ПАКОМАК.

Со многу магија, смеа и забава учениците  учеа како да ја практикуваат 3Р програмата (РЕЦИКЛИРАЊЕ, РЕУПОТРЕБУВАЊЕ И РЕДУЦИРАЊЕ)

Преку активно учество и анимирање на учениците, по пат на примери во триковите и со важни пораки за зачувување на животната средина еко-магионичарот Кристиан Шопов направи магично шоу кое никого не остави рамнодушен.

Активности по повод 22 Април – Ден на планетата

Нашето училиште се вклучи светската акција насловена како ” Global Action Days ” Наш избор е да ја подржиме Цел 3. Да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите од сите возрасти

Опис на активноста -Еколошка парада низ локалната средина за подигнување на свеста против аерозагадувањето во нашиот главен град,Скопје и поделба на едукативни флаери за намалување на аерозагадувањето на локалното население.

За жал Скопје е во врвот по загадување на воздухот и со оваа активност сакаме да предложиме едноставни совети преку кои секој од нас ќе може да даде личен допринос за намалување на загадувањето со мали измени во секојдевната рутина.

Од спроведена активност за изработка на уметничко дело од селектирана Тетра Пак амбалажа на тема ,,Зелен транспорт “- III одд.

 

 

Оваа учебна 2017/2018 година нашето училиште е вклучено во Проектот Еко пакет, кој  е наменет за развивање на свеста и значењето на одговорното однесување кај учениците, наставниците, вработените во училиштето и родителите, преку собирање и селектирање на употребената Тетра Пак амбалажа од млекото, јогуртот и соковите.

За таа цел во месец март активот на   III  одделение формира тим од ученици , наставници  и родители кои на 02.04.2018 организираа работилница за изработка на уметничко дело од селектирана Тетра Пак амбалажа на тема „Зелен транспорт“.

  На работилницата од 35 тетрапак амбалажи  од  сокови од еден литар,  20  капачиња и  1 метар конопбеше изработен кајак.

Со изработениот кајак активот на трето одделение ќе учествува на училишниот избор за три  најдобри уметнички дела.

Избраните дела  ќе учествуваат на националниот конкурс „Еко пакет Македонија“ .

Убедени сме дека со селектирање на употребената Тетра Пак амбалажа ја намалуваме количината на отпадот во депониите, го намалуваме загадувањето на животната средина и ги зачувуваме природните ресурси.

Со оглед на тоа што  изработката на  уметничкото дело помина во позитивна атмосфера , смеа, другарство ,соработка, надополнување на креативноста , со нетрпение го очекуваме училишниот избор и се надеваме на успех.

Актив на трето одделение

Еко пакет – Работилница „Зелен превоз“ – IV одд.

 

 

Во месец март активот на четврто одделение ја реализира планираната активност „Еко пакет „ на Македонија.

Имено  најнапред се формира тимот  и се договори датум за работилницата. Истата се реализира на 22.03.2018 год. Целта беше да се изработи уметничко дело од употребената и селектирана Тетрапак амбалажа.

Работилницата се реализира со голем ентузијазам од страна на учениците и родителите. Во работата покажаа доста креативност и умешност и создадоа две уметнички дела под мотото Зелен превоз.

Работилницата помина во ведар дух и позитивно расположение.

Актив на четврто одделение

 

21 Март – Ден на пролетта

Пролетта ќе ја започнеме со пролетно чистење и засадување сезонски цвеќиња и млади садници.

Приклучете се во акцијата!

ЕКО ПАКЕТ-Македонија

На 21-11-2017 во нашето училиште се одржа работилница за наставници  во рамките на проектот ЕКО ПАКЕТ-Македонија со што официјално го означуваме стартот на овој еко проект. Проектот  се реализира во соработка со НВО „ОХО” и компанијата „Пакомак”, а оваа година целна група се учениците од I до  V одд..

Целта на проектот е запознавање на учениците, наставниците , родителите  и локалната средина за употребната важност на тетрапак амбалажата. Тетрапак амбалажата доколку се селектира од останатиот отпад е погодна за рециклирање. За да ја постигнеме таа цел во училиштето ќе бидат поставени соодветни корпи за селектирање на тетрапак амбалажа, со што ја означуваме првата фаза од проектот. Еден дел од собраниот амбалажен отпад ќе се искористи за изработка на уметнички дела од учениците под менторство на одделенските наставници, а останиот дел ќе се предаде на компанијата “Пакомак” со цел истиот да се одложи соодветно. Најуспешните дела ќе се ипратат на национален награден конкурс во организација на НВО  „ОХО” и компанијата „Пакомак” кој е планиран за месец мај.

За сите подробности во врска со конкурсот   тековно ќе Ве информираме.

 Ве повикуваме да го направме првиот чекор од проектот   и заеднички да отпочнеме со собирната акција на ТЕТРАПАК амбалажа!!!!

 

Зеленото знаме по втор пат во „Дане Крапчев“

На ден 10.11.2017г.  на свечена церемонија на нашето училиште му беше доделено признанието зелено знаме по втор пат.

Наградата беше доделена на еко самитот во организација на НВО “ОХО” во соработка со  Министерството за образование и наука во рамки на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“.

Наградите ги додели министерката за образование Г-ѓа Рената Десковска и  Г-дин Пеце Талески, извршен директор, ОХО.

На настанот присуствуваа директорката и  координаторот на проектот кои го примија признанието.

Ова признание  е мотив да продолжиме да ја градиме еколошката свест кај најмладите , а со тоа да допреме и до свеста  на постарите.

Одговорен наставник:

Бојана М.Личева

Есенско разубавување на училишниот двор

На ден 27.10.2017г. во организација на Eко тимот се спроведе акција за засадување на сезонски цвеќиња во училишниот двор.

Учениците активно се вклучија во акцијата уредувајќи ги жардињерите во дворот и засадувајќи сезонски цвеќиња. Засадени се околу 30 корени сезонски растенија од видовите љубичици и хризантеми кои учениците ќе ги негуваат . Во иднина  планирано е да се спроведат и уште вакви акции со кои училишниот двор ќе биде разубавен.

Меѓународниот ден на храната

На 16.10.2017 год беше одбележан „Меѓународниот ден на храната” со предавање на тема – Здрава храна. кое го реализираа  учениците од 9 одделение заедно со предметните наставници по биологија.

Во присуство на ученици од VII, VIII и IX  одделение се одржа едукативно предавање на тема Здрава храна-здрави деца , со цел подигање на свеста за здрава храна и запознавање на учениците со значењето на храната и важноста од конзумирање на здрава храна

Преку интересна презентација насловена како Здрава храна –Здрави деца, тројцата ученици Леонид Велковски, Анастасија Јовановиќ и Лора Поповска ги запознаа учениците со неопходните материи за здраво тело, во која  храна се наоѓаат, која храна треба да ја избегнуваат , а која да ја преферираат.

Потоа преку една заедничка дискусија со учениците се дискутираше за тоа како треба да изгледа еден здрав оброк и како можеме да ја подигнеме свеста, пред се кај нивните соученици за замена на нездравите ужинки, со храна која е здрава и богата со витамини.

Сите се сложија дека здрава исхрана е конзумирање на здрава, разновидна и по можност што помалку обработена храна. и за точноста на изреката  ֞Здравјето преку уста се внесува֞.

Доколку не бевте во можност да присуствувате на предавањето, презентацијата можете да ја превземете  и истата да ја погледате

Здрава-храна – презентација

Одговорни наставници :Бојана М.Личева и Душанка Китановска

Како да ја одржиме чиста и здрава животната средина?

Одржувањето на чиста и здрава животна средина е сечија одговорност токму затоа на 08.10.2107 год.  во нашето училиште учениците и наставниците по биологија изработија информативно пано со пораки и совети  за заштита на природата. Со оваа активност го одбележавеме 8-ми Октомври (Меѓународен ден за намалување на уништувањето на природата).Ве покануваме да го разгледате поставеното пано во училишниот хол во текот на неделата и да одвоите време за да го прочитате текстот кој следува.

Рационалното искористување на природните ресурси и чувањето на биолошката разновидност на нашата планета се од највисоко значење за нејзиниот опстанок. За да имаме здрава планета за здрави поколенија неопходно е да ја одржиме чиста почвата, водата и возухот. За жал човекот во денешно време со своите активности ја менува природата и ги загрозува природните ресурси.

Како го прави тоа? Кои се активностите кои го стимулираат овој процес?

Загадување на воздухот

Под загадување на воздухот се подразбира внесување на нови некарактеристични физички, хемиски и биолошки материи во атмосферскиот воздух или промена на одамна веќе присутните концентрации на овие материи во животната средина. Загадување на воздухот е широк термин применет на хемиски, физички (на пр. честички), или биолошки агенси кои ги менуваат природните карактеристики на атмосферата. Загадувањето на воздухот е една несакана состојба на природната средина каде што воздухот е загаден со супстанции што се штетни за здравјето на човекот.

Загадувач на воздухот е секоја супстанца која може да предизвика штета на луѓето и животната средина. Загадувачите можат да бидат во форма на цврсти честици, течни капки или гасови. Освен тоа, тие можат да се природни или создадени од човекот

Отпадни води

Голем извор на отпадни води претставуваат населбите и индустриските капацитети кои преку своите канализациски изливи ги загадуваат површинските води. Отпадните води се создаваат како резултат на животните активности на населението. Тие можат да содржат предизвикувачи на заразни болести и паразити, особено ако потекнуваат од кланиците. Отпадните води од населбите содржат и значителни количини детергенти, некои од нив подлежат на биолошко разложување, а некои не. Детергентите се главен извор на фосфати.Сето ова влијае на квалитетот на водата  за употреба , но и на живиот свет кој опстојува таму.

Изградба на каменоломи.

Каменоломот целосно го уништува живеалиштето на растенијата и животните кои живееле таму; работата во каменолом создава бучава која се слуша во најблиските населби, а исто така се создава прашина која го загадува воздухот .

Уништување на шумите

Шумите се сечат за: дрво за градежништво, мебел, врати и правење хартија. Шумите се сечат и за добивање површини за одгледување на земјоделски култури и за градење нови куќи.Со сечење на шумите се уништува природното живеалиште на растенијата и животните.Дрвјата се бели дробови на планетета Земја, така што со нивно сечење се губи можноста за прочистување на воздухот.

Несоодветно справување со  отпад

Отпадоците ја загадуваат животната средина, привлекуваат животни кои представуваат опасност за средината бидејќи можат да шират зарази. Се уништува животната средина на растенијата и животните кои живееле на местото на депонијата.

Загрозени видови

Како резултат на загадувањето опстанокот на многу живи суштества  се доведува во опасност.Бројот на загрозени видови бележи пораст.Загрозени видови во светски рамки се:Синиот кит, тасмански тигар, џиновска панда, снежен леопард, бенгалски и малајски тигар, црн носорог, јавански носорог, кожеста желка, тасмански ѓавол, ригеста ајкула- чекан, перистерска пастрмка.

Поради прекумерниот лов и труењето, во Македонија се истребени четири вида животни, а во моментов се загрозени 16 видови цицачи и 20 ендемски видови риба. Најкритични се црниот мршојадец и брадестиот мршојадец, од кои има останато уште само по еден примерок.Мечката, волкот и рисот може да станат загрозени видови во Македонија.Според најновите истражувања, во Македонија има околу 200 мечки, 120 рисови и 1.000 волци

Неколку еко совети за чиста животна средина :

Не ја троши водата залудно!
Не фрлај отпадоци! Селектирај и рециклирај!
Не ги сечи или пали дрвјата!
Засади нови дрвја исти како локалните!
Не ги уништувај природните живеалишта на животните!
Исечените дрвја искористи ги максимално, без создавање на отпад од нив!
Избегнувај хемиски ѓубрива, пестициди…!
Поддржувај органско производство!
Користи обновливи извори на енергија!

Правото на чиста и здрава животна средина е фундаментално граѓанско право чие целосно и доследно почитување претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Затоа секој граѓанин е подеднакво должен да го штити, чува и унапредува природниот екосистем !!!!

Одговорни наставници: Бојана Мешковска Личева   и Душанка Китановска

# КРЕФ – Прво место

На 29.09.2017г. во Лесковец –  Република Србија се одржа КРЕФ – Меѓународен  училишен фестивал на креативни едукативни филмови. На оваа  манифестација и нашето училиште учествуваше како финалист во две категории, во категоријата Еду филм –  „Сосема различни но со иста цел“  и во  категоријата Липдуб – Спот за промоција на училишната клима.

Со големо задоволство Ве известуваме дека НАШЕТО видео за промоција на училишната клима го освои   ПРВОТО МЕСТО во меѓународната конкуренција .

Автор на видеото е Елизабета Георгиевска, координатори на активностите Марија  Н. Наневска и Бојана М. Личевска, монтажа Леонид Велковска, автор на песната Ванчо Јовчев, песната ја изведува Дина Јашари, снимател Влатко Венов.

This slideshow requires JavaScript.

22 Септември – Ден без автомобили

По повод 22-09 –Меѓународниот ден без автомобили учениците од нашето училиште се потрудија достојно да го одбележат. По овој повод тие изработија постери кои ги изложија во училишниот хол, а целта на изложбата беше да се пренесе пораката за разумно користење на автомобилите за да се заштити животната средина. Учениците преку своите изработки истакнаа дека постојат алтернативни превозни средства кои не и штетат на животната средина . Исто така учениците се обидоа да ја анимираат и локалната средина да се намали употребата на автомобилите . Нашите еко патроли излегоа на терен и преку флаери кои ги делеа на локалните жители се обидоа да ја потикнат свеста за потребата од намалена употреба на автомобилот како превозно средство. За сите оние кои не беа во можност да ја посетат нашата изложбата нека ја погледаат галеријата со слики.

This slideshow requires JavaScript.

Проект “Садница +” – Акција за засадување на семе од ела

На 08-05-2017 во нашето училиште се одржа акција за задување на семе од ела . Активноста беше во соработка со МОН и е дел од проектот Садница +”. Во активностите беа вклучени сите ученици кои заедно со своите наставници ги засадија семињата и се обврзаа да се грижат за нив со цел да одгледаат садници од ела кои во иднина ќе го разубавуваат училишниот двор.

This slideshow requires JavaScript.

ЕКО патрола во нашето соседство

-Цели:

-Да се потикне јавната свест на локалното население за справување со отпад на соодветен начин

-Опис на настанот /активността:

Драги соседи и минувачи на на нашето училиште Еко тимот при ООУ  “ Дане Крапчев “ Ви ги честита претстојните празници и ви посакува се најдобро во Новата 2017-та год..

Искрено Ве замолуваме да внимавате каде фрлате отпадоци .

Сведоци сме дека нашиот училишен двор е се почесто е исполнет со најразличен отпад кој не потекнува од училиштето.Токму затоа ние младите екологисти денеска ги посетивме првите соседи, им ја честитавме Новата Година и им пренесовме порака дека сакаме чист училишен двор.

Училишниот двор е место за уживање и рекреација на учениците и сите Вас, а не депонија.

Овозможете ни го тоа сосовесно однесување и фрлање отпад на соодветно место.

Сите заедно за чиста животна средина!!!

This slideshow requires JavaScript.

 

Ден на дрвото – Засади ја твојата иднина

-Цел:

-развивање на свест за здрава животна средина и важноста на засадување на дрвја за животната средина

-развивање позитивен другарски однос

На ден 30.11.2016г. учениците  од нашето училиште „Дане Крапчев“ се вклучија во традиционалната акција по повод Ден на дрвото.

Сите ученици од училиштето заедно со своите наставници се вклучија во акцијата за засадување на дрвца во училишниот двор.  Во дворот беа засадени околу 150 млади фиданки од листопадни и зимзелени дрвца кои ќе ја  разубават  и озеленат нашата околната.

Освен засадувањето на дрвцата учениците вредно ги уредуваа и сезонските цвеќиња засадени во дворот, а спроведоа и  акција за расчистување на сметот во училишниот двор.

This slideshow requires JavaScript.

 

17-Ноември Ден за борба против дрогата и болестите на зависност

На ден 17 и 18  ноември во нашето училиште се реазлираа низа активности по поводДен за борба против дрогата.Одбележувањето започна со поставување на информативно и едукативно пано  во училишниот хол за видовите на наркотици и последиците од нивната употреба. На одморите се делеа едукативни флаери на тема дрога помеѓу учениците. На 18-11 во кабинетот во биологија под менторство на наставниците по биологија се одржа едукативно предавање за дрога кое го водеа ученици од 8 одд.Тамара Алексова и Анастасија Јовановиќ, по што следеше дискусија од аудиториумот за штетните последици од употребата на дрогите.

Поради големиот интерес од страна на учениците планирано е да се одржат и дополнителни активности на оваа тема за кои дополнително ќе има известување.

Одговорен наставник: Душанка Китановска и Бојана М.Личева

15139591_10207096976973558_1251087400_n 15135623_10207096981133662_1922970707_n 15135440_10207096977853580_1747148697_n

Ајде Македонија!

На ден 30-09-2016-петок во нашето училиште  се спроведе еко акција за собирање на стара хартија, е-отпад и пластични шишиња.
И оваа година ја подржуваме акцијата за справување со отпадот – Ајде Македонија! Во  кампањата за справување со отпад учествуваа ученици од сите одделенија. Отпадот беше донесен во нашето училиште , собиран во текот на двете смени на посебно означени места и истиот правилно  се одложи.

Да ставиме крај на дивите депонии и нечистотијата по нашите улици!

Еко тимот

14463259_1498285286866855_3650123343298869807_n 14485036_1498285333533517_8508801084434932127_n 14457417_1498285426866841_3427599195585730834_n

Ја подигаме свеста на граѓаните за придобивките од користењето велосипеди 

1 2 3 4 5 6 7

22-СЕПТЕМВРИ Меѓународен ден без автомобили

Во пресрет на 22 септември Меѓународен ден без автомобили-Сакаме да Ве потсетиме на најефикасното и најекономичното превозно средство кое треба да го користиме за да имаме здрава животна средина и почист воздух оваа зима.Ве покануваме на 22 септември да ни се придружите при делењето флаери во нашето маало со цел подигање на јавната свест за користење на велосипедите.

pano pokana

ПРОЕКТ ЕКО УЧИЛИШТЕ 

Преку оваа програма  се подигa свеста на учениците, наставниците, техничкиот персонал, родителите и сите други кои се вклучени дирекно или индирекно во работата на училиштето на темата животна средина, а со тоа ќе се овозможи теоретското знаење да се примени во секојдневниот живот. 

Со оваа програма учениците  стекнуваат активна и одговорна улога која ќе ја практикуваат во училиштето, во домот, но и во својата локална заедница и пошироко. За имплементација на овој проект изготвена е посебна програма на ниво на активи со која еколошките содржини се интегрираат според можностите во сите наставни предмети во сите одделенија.