РОДИТЕЛСТВО

„КАКО ОД СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА ПРАВИМЕ ИНВАЛИДИ БЕЗ ИНВАЛИДИТЕТ“ 

– Сине, еве ти бурек покрај креветот.
– Остави ме, тато, спијам.
– Сине, ти оставив ручек на масата. Ќе ти се олади.
– Добро, мамо, гњавиш. Не сум гладен.
– Душо, еве ти пари. Стигна пензијата. Те сака дедо.
– Е, остави ги таму…
– Брат, ај да излеземе, убаво е времето…
– Ме мрзи…Навечер, кога мајката се враќа дома од работа.

– Сине, уште не си ручал? Ќе си го расипеш стомакот.
– Е, не сум гладен, остави ме веќе, гледаш дека сум зафатен.
– Сине, ќе се уништиш така.
– Слушај ти, немој така да разговараш со мене. Јасно?!

И така во круг.

Таткото плашливо му носи бурек на синот в кревет – да не се мачи детето и да ги „троши“ нозете до продавница.
Мајката сè му поставува, му приготвува, му ја средува собата додека синот прави „големи“ работи… игра видеоигри и живее во својот виртуелен свет.

– Буууум, трас, уууу, аааа, ок, фак, бате, екстра, значи, лудило…

Ова е опис на еден мој познаник, кој, подоцна стана наркоман.
Класична зависничка структура на личноста, неспособна и неподготвена за самостоен живот…
Ништо не убива како „љубовта“ на родителите и тоталната попустливост.
Кога ќе се постават кон детето како тоа да знае сè однапред, а тие не знаат ништо.
Во меѓувреме, тоа дете ќе наврши триесет години и понатаму ќе добива појадок во креветот за што никогаш не вели ни „фала“, а згора на тоа полудува кога ќе го разбудат.

Знам преку десетина вакви примери како од сопствените деца, во поголема или во помала мера, создаваат инвалиди без инвалидитет.
Или ги корумпираат со пари како врв на нивната љубов или им ги скратуваат рацете и нозете со својата попустливост.
Аргументот на родителите е дека тие во младоста немале ништо, дека многу се мачеле – па барем нивните деца да не се мачат.
Што повеќе му даваш некому, го навикнуваш на нешто до кое не дошол самиот.
Му ги врзуваш рацете со сопствени сили да се избори за тоа што му треба.

Се создаваат навики „лесно ќе го направиме тоа“ и кога тоа ќе се примени во животот надвор од домот, настануваат проблеми.
Наместо потешкиот пат, секогаш се избира полесниот со што се убива љубопитноста и можноста за создавање самостојна личност.
Таткото наместо да биде човек од волја и со карактер, подготвен да повлече и да пресече, станува предмет на потсмев и трчкало. И мајката исто. За бабата и дедото да не правиме муабет – што знаат тие, глупи старци, досадувачи, будали, фосили.
И така со години, сите се глупи, лоши, вакви, онакви, додека господинот или госпоѓицата не се „надуваат“ па барем малку да им биде полесно.
За нив сè е гнило, пропаднато, бесмислено, сè заморува, не сфаќајќи дека така е пред сè во нивните глави.
И дека тие се оние чие однесување најмногу заморува и ја убива волјата за живот.

Автор: Стефан Симиќ

http://www.fakulteti.mk
Објавено на 17.12.2017 во категорија Живот 
Подготвил: Б.Б.

ЗНАЦИ ДЕКА ВАШЕТО ДЕТЕ ИМА ОДЛИЧЕН НАСТАВНИК

Родителите понекогаш ги критикуваат наставниците за секакви работи, кои имаат или немаат врска. Некогаш, постои оправдана причина за тоа, но не секогаш. Бидете меѓу оние кои знаат да ги препознаат квалитетите на наставникот и родител кој ги почитува луѓето кои се одговорени за пренесување на знаењето на неговото дете. Ова се некои работи кои ќе ви помогнат да бидете сигурни дека вашето дете има добар наставник.

Детето е среќно 

Ако вашето дете оди среќно на училиште, дури и по лоши оцени или пред тест, може да бидете сигурни дека наставникот е одличен. Само добриот наставник може да ја пренесе желбата за учење на детето.

Наставникот има големи очeкувања од секого 

Добриот наставник сака секое дете во неговото одделение да постигне што подобар резултат и нема да се откаже од детето кое ќе се покаже како полош ученик, туку ќе му даде поттик и мотивација.

Знае да решава конфликти 

Наставникот кој знае рамноправно да се однесува кон децата кога учествуваат во кавга заслужува секаков почит. Таквиот наставник го почитува секое дете и се чувствува сигурно во неговото одделение бидејќи знае дека нема да биде неправедно казнето.

Издвојува време за пофалби 

Наставникот кој знае да пофали дете, а не само да наведе проблем, е личност која ги мотивира децата да се трудат за да добијат најдобри резултати. Ова е знак дека наставникот е присутен и знае што се случува со секое дете.

Му помага на секое дете посебно 

Наставниците поминуваат многу време со децата и може да забележа кога некое дете има потреба од дополнителна помош. Најдобрите наставници на детето и да родителите ќе им даде конкретен предлог како да ги совладаат потешкотиите.

Свесен е за важноста на комуникацијата 

Детето ќе има многу поголеми шанси за добар успех на училиште доколку наставникот соработува со родителите и обратно. Важна е честата и отворена комуникација, како родителските состаноци, отворените врати и писмените пораки. Добриот наставник ќе го повика родителот и на телефон доколку е загрижен.

Има јасни цели 

Ефикасноста на еден наставник се гледа во неговата организираност. Тој на учениците јасно ќе им покаже што треба да научат, кои се нивните задачи и од што зависи оцената. Нивниот час има структура и е јасен. Наставникот им дава можност за вежбање нови вештини на учениците и им поставува нови цели.

Ги ангажира учениците и ги поттикнува да размислуваат критички 

Добриот наставник ги стимулира децата константно да прашуваат „Зошто?“. Тој не дозволува доминација на еден ученик над сите.

Се интересира за детето како личност 

Добриот наставник е топла личност која се грижи за своите ученици. Редовно е тука за разговор, учествува во активностите во училиштето.

Добро го познава материјалот 

Добриот наставник е експерт во предметот кој го предава и константно учи за да биде во тек. Знае да ја претстави лекцијата со ентузијазам.

Објавено на 29.12.2015 во категорија Образование
Подготвил: Драгана Петрушевска

 

 

ПРОФ. Д-Р СВЕТОМИР БОЈАНИН: РОДИТЕЛИТЕ МОРААТ ДА СОЗРЕВААТ ЗАЕДНО СО СВОИТЕ ДЕЦА!

Преземено интервју со проф. д-р Светомир Бојанин, каде што зборува за некои од вечните родителски теми, за суштината на воспитувањето, за тоа како да се биде добар пример на своето дете и како кај него да се поттикнат радоста и интересот за тоа што го учи или го прави.

Што е воспитувањето? Постојат толку многу „модели“ на воспитување што просто ги збунуваат и загрижуваат родителите, кои се прашуваат дали го избрале вистинскиот начин. 

Не постои научно воспитување и нема никаква наука за воспитувањето, сето тоа се лаги и измислици. Воспитувањето е нормален, емоционален и спонтан однос меѓу нас и нашите деца. Кога го прашале големиот германски философ Гадамер, кој е најдобриот начин за воспитување на децата, им одговорил дека првенствено најдобро е секој сам да се воспита, па така ќе знае како да воспитува и деца. А, кога го прашале – како да ги израснат децата за да бидат образовани, им рекол – образовајте се себеси и вашите деца ќе бидат образовани! Тоа е голема вистина и мене многу ми смета кога се даваат рецепти за воспитување.Нашиот живот е, всушност, воспитен процес. Кога нешто не штима, кога не се чувствуваме добро, тогаш можеме да се посоветуваме и со стручњаци.

Што значи да се биде посветен на детето? Која е вистинската мера на таа посветеност – како би знаеле дека не сме претерале, од една страна, и од друга дека не сме го занемариле премногу?

Велиме дека ги сакаме своите деца, но тоа не треба да се покажува на начин што ќе им ги наметнеме нашите рецепти и концепти преку воспитувањето. Кога ги сакаме децата, си играме со нив додека се мали. Кога ќе наполнат 3-4 години, бараме да ни помогнат во домаќинството, да ни ја додадат крпата, да направат нешто, да однесат/да донесат. Тоа е еден вид игра за детето, а за нас тоа е работа. Детето мора низ животот да нè апсорбира нас. Сè уште никој не ги воспитал своите деца со упатства. Ниеден родител не им рекол на своите деца да крадат, да се тепаат на натпревари, а децата сепак го прават сето тоа. Според тоа, се работи за некој друг дефект во воспитниот процес. Ако родителите се расправаат меѓу себе, а му кажуваат на детето да биде учтиво, да не влегува во конфликти и да биде пристојно, е нешто бесмислено! Проблемот е што децата се воспитуваат угледувајќи се. До 10-11-годишна возраст, зборовите се многу малку присутни во воспитниот процес. Детето гледа што правиме ние. Нè гледа како посегнуваме нешто да дофатиме, како седнуваме, како се насмевнуваме, како кажуваме (или не кажуваме) „добар ден“ кога доаѓаме дома. Гледајте како ве имитираат! Ќе видите многу нешта што нема да ви бидат пријатни.

Кога ќе потпораснат, девојчињата и момчињата посериозно учествуваат во миењето на подот, во расчистувањето на домот, во подготвувањето на ручекот, во животот. Кога некој постојано седи, или учи или постојано нешто работи, и ги милува своите деца само кога ќе поминат покрај него, тој не ги воспитува децата на саканиот начин… Кога сме цело време надвор од дома, на работа, на службен пат, надвор од видното поле на детето, тогаш не учествуваме во нивното воспитување.

Што значи „цивилизирање“ на детето?

Детето мора да влезе во некоја цивилизација – да се научи како и кога се мијат рацете, кога се случуваат семејните празници, да знае кога се седи или не се седи на маса, мора да влезе во тоа што сме ние. Не можеме да го учиме детето на некаква цивилизација во која не припаѓаме ни самите. Затоа што ако вие не им сте во видното поле, ќе им бидат некои ликови од телевизија. А таму некогаш сме гледале каубојски филмови, каде точно се знаело кој е разбојник, а кој е добар, кој треба да се сака, а кој не. Детето, пак, сака акција, сака движење. Ја сака правдата. Меѓутоа, на тв-сериите што се прикажуваат секоја вечер, веќе не се знае кој е разбојник, а кој не е. Разбојниците се понекогаш толку шармантни и децата се идентификуваат со тие што ги гледаат. Или од прикажувањето на некоја тепачка меѓу навивачите на фудбалски натпревар. Нема потреба да го гледаме тој инцидент. Тоа треба да го гледа полицијата, а не некој татко фан на Ѕвезда, на пример, со своето дете.

Дали денешните родители ги преоптоваруваат децата со премногу активности, некогаш поради чувство на вина дека многу работат, а малку им посветуваат внимание?   

Отсекогаш било така. Важно е тоа што сакаме да им го дадеме, да им го дадеме со нашето учество и со нашето задоволство. Ние да ги носиме на тренинзи, на часови. Ние, како родители, имаме некој наш концепт како да ги воспитуваме. А кога родителите се зафатени со работата, секогаш постојат бабите, или некој друг. Но, и кога не постои друг освен мама и тато, ако тие поминуваат квалитетно време со своето дете – нема да постојат никакви проблеми. Тоа би значело да одат еднаш неделно некаде заедно, да живеат во хармонични односи, детето во сè да учествува, да има свои задачи како и неговите родители…

Проблемот е ако родителите времето со децата не го поминуваат вистински со нив. Некои велат: „Сега имаме и куќа, децата имаат своја соба со телевизор и пак не сакаат да учат.“ Па, нема да сакаат да учат, затоа што ни таткото ни мајката ништо не учат. Дури ни весници не читаат!

Имав еден колега кој многу се разочара од себеси. Претурајќи со ќерка си во нејзината библиотека од детството, прокоментирал: „Што сè си добила за роденден, а никогаш не си ги отворила сите овие книги“. „Не сум ги отворила“, му рекла таа, „затоа што кога ги добивав од тебе сите тие книги за роденден, секогаш мислев дека ти ќе ми ги читаш. А, ти секогаш си читаше нешто твое, мене не ме ни забележуваше!“ Не се прави тоа така. Можете и да ги замолите децата тие вам да ви прочитаат нешто, секако, изберете книга што ним ќе им биде интересна.

Во една прилика имате кажано дека на децата им е потребен авторитет со чесно и естетско однесување. Какво е тоа „естетско однесување“?

Секое семејство, секој крај во градот има своја естетика. Тоа е принцип. Мајката секогаш да биде уредна, на пример, или точно да се знае што се очекува од членовите на семејството. Проблемот е дали доволно ги импонираме како луѓе нашите деца, за тие да нè имитираат? Или ние за нив сме некои татко и мајка, а тие имитираат некои други кои биле позабележителни, поблиски, повпечатливи. Естетиката е взаемно почитување, детето од мали нозе да го воспитаме да ги почитува другите. Постојат семејства што викендите ги поминуваат со весник в рака и пред телевизор. Но, има и семејства што секој викенд го поминуваат на различно излетничко место. Воспитуваме со начинот на кој се однесуваме и со тоа како изгледаме. Дали ги миеме забите или само бараме од децата да ги мијат своите заби? Дали миеме раце пред и после оброкот, или само бараме од децата да го сторат тоа? Ако самите не го правиме тоа што бараме од децата да го прават, значи дека сме во конфликт, дека нити тие нам ни веруваат, нити ние ним. Детето кога ќе тргне на училиште, а и пред тоа, сака да им биде важно на луѓето кои нему му се важни. Ако на етички начин го научиме да биде „некој“ без да се потсмеваме со човек што има голем нос или е дебел, ако го воспитуваме да ги почитува другите и ако гледа дека и ние имаме почит за луѓето, тогаш нема да има проблеми.

Дали денес родителите премногу ги штитат децата, загрижени заради различни опасности за кои постојано се зборува, и на кој начин тоа влијае врз младите?

Имав еден познаник кој на својата дванаесетгодишна ќерка ѝ купи велосипед. Јас загрижено го прашав дали не чувствува опасност да вози низ Белград, сепак е прометно. Тој ми одговори: „Е, мој докторе, најопасно е да се живее.“ Ми се чини дека научив нешто од тоа. Секако дека треба да го чуваме детето, додека е мало да не чепка во струјата. Тука нема објаснувања – не смееш и точка! Како што детето станува попаметно и позрело, така повеќе му дозволуваш, повеќе се потпираш на него, на неговата самозаштита и самоанализа. А забраната за тоа што детето го сака, а не го разбира – нема зошто да се објаснува. Грижата за децата мора да биде активна, но и ние родителите мораме да созреваме заедно со нашите деца. А ризикот го преземаме колку што можеме. Ризикот да се премине улица е ист и за нас, возрасните, и за децата. Мораме да знаеме што може детето, и што можеме да му дозволиме ние. Загрижени сме, но сепак мораме.

„Кога да престанеме да се грижиме? Нема да престанеме. Но, мораме да престанеме да го попречуваме детето во растењето.Колку повеќе го заштитуваме, толку помалку го штитиме.

Како да се избориме со проблемите во учењето и вечната дилема – дали треба да им вршиме притисок или тоа ќе предизвика уште поголем отпор кај нив? 

Мораме да ти тераме децата да учат! Но, мора да знаеме дека децата ќе бидат успешни само ако го засакаат тоа. Мораме да се потрудиме да им го „засладиме“ учењето за да сакаат да учат. Не е исто дали го малтретираме детето да учи или учиме заедно со него. Никогаш не смееме да му речеме: „Оди учи, оди работи!“ Од нулта до петнаесетгодишна возраст мораме да работиме со нив. Па, кога детето ќе се врати дома со лоша оцена, треба да му речеме: „Ајде да се обидеме да го решиме проблемот!“ Како што детето полека во сè ќе се индивидуализира, така ќе се индивидуализира и во работата. Ако сме успеале да го мотивираме, само ќе сака да работи. Ако, пак, не сме успеале во тоа, ќе мораме да го натераме. Се вели „не го уништувај стариот бунар додека ѕидаш нов“. Додека не најдеме подобар модел, не смееме да го уништиме тоа што сме го имале до тој момент. Така што мораме да ја исфрлиме казната од секој проблем во учењето. Проблемите во учењето се сериозна работа и не можеме да бараме од детето да учи, а истовремено да му раскажуваме дека соседот успеал да изгради куќа, а нема никакво образование, нити пак работи нешто. Кога пред детето ги озборуваме другите или зборуваме дека школото денес ништо не вреди, тогаш ги збунуваме нашите деца.

Објавено на 14.11.2016 во категорија Образование
Подготвил: Б.Б.

ТИВКАТА ТРАГЕДИЈА КОЈА ЈА ЖИВЕАТ НАШИТЕ ДЕЦА

Пред нашите очи се случува тивка трагедија. Во нашите домови, а се однесува на нашите деца. Статистиките се поразителни и најлоши во последните 15 години. Покажуваат дека децата се во лоша емоционална состојба.
Ова се деталите:

–    Едно од пет деца има ментални проблеми
–    Хиперактивноста е зголемена за 37%
–    Тинејџерските депресии се зголемени за 37%
–    Стапката на самоубиства меѓу деца од 10 и повеќе години е зголемена за 200%

Се обвинува образовниот систем, генетиката и слично, но најголема вина имаат родителите. Научно е докажано дека мозокот има можност да се прилагодува на средината. Во таа средина, спаѓа и родителството и на тој начин го насочуваме нивниот мозок во погрешен правец. Што всушност не е во ред?

Денешните деца се лишени од основите на здравото детство, како што се:

–    Емотивно достапни родители
–    Јасно дефинирани граници и насоки
–    Одговорности
–    Балансирана исхрана и адекватен сон
–    Вежби и игри на отворено
–    Кретивни игри и социјална интеракција
–    Можност за неструктуирано време и досада

Освен тоа, децата добиваат:

–    Дигитално зафатени родители, кои постојано гледаат во телефон
–    Попустливи родители чии деца се „владетели на светот“
–    Чувство за права, но не и за одговорност
–    Неадекватен сон и небалансирана исхрана
–    Седење, недвижење и живот во затворено
–    Бескрајна стимулација со технолошки „бејбиситерки“
–    Моментален успех и отсуство на било каква досада

Како тоа да се поправи?

Потребно е враќање на основите. Поставете граници како родители и запаметете дека сте родител на вашето дете, а не пријател. Дајте им го на децата она што им е потребно, а не само она што го сакаат. Не се плашете да кажете „Не“ за одредени работи.

–    Обезбедете квалитетна храна
–    Поминете еден час дневно во зелен простор,природа
–    Имајте семејна вечера без употреба на мобилни телефони
–    Играјте по една друштвена игра дневно
–    Детето нека биде задолжено за една домашна работа дневно (да ги среди играчките, облеката и слично)
–    Одредете време за спиење и не користете технологија за заспивање
–    Учете ги на одговорност и независност
–    Не ги штитете премногу од мали пропусти, тоа ги тренира нивните вештини кои се потребни за преоѓање преку поголемите животни предизвици

Научете ги вашите деца самите да можат да се грижат за себе и не ги завршувајте сите работи наместо нив. Учете ги да бидат трпеливи и да не ја избегнуваат досадата по секоја цена, бидејќи таа ја буди креативноста. Бидете емоционално достапни за нив и намалете го користењето на технологијата.

Воспитувајте ги да бидат културни и учтиви, да ги почитуваат другите. Учете ги да се соочат со фрустрациите и бесот и поврзувајте се со нив емотивно. Не е доцна за воспитување на морално, етички и емоционални здрави генерации.

извор: https://yourot.com/parenting-club

Објавено на 02.06.2017 во категорија Живот
Подготвил: Маја Пероска

Предавање на тема “Инклузивно образование”

На 11.04.2017 на Советот на родители се одржа предавање на тема “Инклузивно образование”, подготвено од стручните соработници во училиштето. Презентацијата ја имаше следната содржина:

-Концептуална рамка за човекови права која се темели на образование за сите (Право на квалитетно образование, право на пристап до образование, Право на почитување во рамките на средината за учење , Конвенција за правата на лицата со инвалидност, член 24.

– Дефинирање на инклузивното образование во поширока и потесна смисла

-Бариери во инклузивното образование (психосоцијални, физички и комуникациски и институционални)

-Дефинирање на инклузивниот тим во училиштето

-Бенефити од инклузивното образование

-Целта на инклузивното образование

Ранко Рајовиќ: Родителите се најважни учители

image

Редакција Рингераја, 26.10.2016

Гласот на родителите не може да го замени програма на ТВ. Можете, освен со говор, да се разбирате  со очи, со движења на рацете, телото, прстите и главата, бидејќи секој начин на комуникација е стимулативен за развој на мозокот на детето.

Луѓето се живи суштества создадени за движење и напредок. Тоа посебно е важно за децата во развој и за нив движењето е една од најважните активности, бидејќи движењето го потпомага развојот на мозокот. Така родителите мора да знаат дека одењето е важно, а трчањето е уште поважно за вкупниот развој на способностите на детето. Детето располага со огромна енергија која му е биолошки дадена за движење кое позитивно влијае на развој на важните структури на мозокот. Со движењето (одење, скокање, превртување, трчање, тркалање…) се создаваат нови нервни патишта и детето се подготвува за живот и создава основа за правилен развој на когнитивни функции.

Не треба ниту да им олеснуваме кога ќе наидат на препрека. Детето кое лази и сака да ја фати топката, но има мала препрека пред себе, почнува да плаче. Секогаш е подобро детето да се охрабри да ја совлада препреката, отколку да му се расчисти патот или да му се донесе топката.

Да се штитат децата е пожелно, но да се презаштитуваат е штетно. Мудроста на родителството е да се најде границата. Детето кое проодува паѓа, но немојте да го спречите да падне така што нема да го пуштате да оди по улица или по бетонско игралиште. Водете го во шума, на плажа, во парк на снег…таму може да падне, а да не се повреди.

Понекогаш мама мисли дека игрите на тато со детето се бесмислени, понекогаш и опасни, но и тие игри можат да го помогнат развојот на детето. Пуштете го тато да си игра со детето, само во паркот, но не на компјутер. Татковците мора да знаат дека поминати три часа на компјутер се десетина илјади движења помалку, а детскиот мозок се развива во движење.

Учењето е игра…Детето најдобро ќе научи кога не мисли на учењето, туку кога учењето е дел од играта. Кога детето ќе наиде на проблем во играта, чувствува среќа кога ќе го реши проблемот.

Репродуктивното учење за мозокот скоро и не постои. На детето во училиште не смее да му биде досадно, бидејќи тогаш нема да научи. Методите на настава мора да бидат интересни, стимулативни, неочекувани и понекогаш духовити и нелогични. Учителите кои можат да организираат таква настава се извор на среќа и знаење на децата.

Доволно слобода да можат да истражуваат, да поврзуваат и да размислуваат, да добиваат нови идеи, до знаењата да доаѓаат сами и така да ја развијат својата креативност.

Детето знае дека тревата не расте високо до сонцето, но ако така нацрта, оставете го – тревата нека биде порасната до сонцето на неговиот цртеж. Детето со помош на фантазијата отвора нов свет, ужива и се препушта на таквата игра. Поврзува работи кои немаат многу смисла, но децата всушност со такви игри стимулираат важни центри во мозокот, кои се значајни за развој на креативноста.

Учителите отсекогаш биле важни личности во животот на детето, посебен авторитет и поткрепа. Научете  ги децата да ги почитуваат родителите, тако што и вие самите ќе ги почитувате, послушате, поддржувате. Учителите биле и мора да бидат авторитет бидејќи заедно со родителите прават рамки каде детето безбедно се движи, истражува и учи.

Како да се помогне на децата во пишувањето домашна

34ef70f661a47c7d835750d4d3bea139

Во еден идеален свет би било можно подеднакво добро да го поминувате времето со семејството и истовремено со тоа да сте совршени во работата и во социјалниот живот. Но, колку и да сакаме да сме совршени во секој поглед, тоа често е невозможна мисија.
Во еден идеален свет би било можно подеднакво добро да го поминувате времето со семејството и истовремено со тоа да сте совршени во работата и во социјалниот живот. Би можеле да го комбинирате бизнисот со задоволството, да им помагате на децата во учењето, да обрнувате доволно внимание на својот сопруг, но сето тоа понекогаш се чини невозможно.

Па, колку и да сакаме да сме совршени во секој поглед, тоа често е невозможна мисија.

Децата најмногу страдаат од секојдневието на вработените родители. Кај некои деца настапуваат потешкотии со учењето на лекциите и пишување на домашни. Во овие моменти родителот треба да интервенира, колку и да е тешко во многу случаи.

Како да му помогнете на вашето дете да ги научи лекциите и да напише домашна задача, без да го правите тоа целосно наместо него?

Воспоставување на  рутина

Децата, особено додека се мали, тешко ја разбираат важноста на учењето, одењето на училиште и пишувањето на домашни. Повеќето од нив го гледаат ова како тежок товар, кој не им дава ништо суштинско, освен дека им го одзема времето за игра.

Затоа задача на родителите е да воспостават ред и да го натераат детето да се фокусира на овие непријатни задачи, за да му остане доволно слободно време и за забава.

Рутината е една од најважните нешта кои родителот треба да ги воспостави. Направете распоред за сите обврски, но не оставајте го  пишувањето на домашни за подоцна вечерта. Тогаш детето станува не работоспособно, а има потреба и од одмор пред следниот тежок ден во училиште.

Отстранете ги елементите кои му го одземаат вниманието

Поставете правила – кога се учи, тоа се прави квалитетно. Во утврденото време за учење не треба до детето да има паметни телефони, лаптопи и уреди за игра, кои ќе го одвлекуваат неговото внимание.

Создадете простор за учење

Некои места во домот се многу попријатни за учење од други места. Спалната соба на детето е една од најлошите варијанти. Таму е сè што предизвикува одвлекување на вниманието. А и од психолошка гледна точка не е добро да се спие и да се учи во една просторија.

Една студија покажа дека масата во кујната или во трпезаријата се двете најпогодни локации за пишување на домашни. Важно е во овој момент регионот да е тивок, за да може детето да се фокусира.

Бидете негов асистент

Не го терајте детето задолжително само да ги пронајдува и поправа грешките. Важно е да се научи да се справува со предизвиците, вклучувајќи ги и најтешките лекции, но не го оставајте потполно само да се мачи. Помагајте, одговарајте на прашања, нудете помош и мислење.

Бидете строги

Повеќето деца ќе направат се што е можно за да го избегнат здодевниот дел на пишувањето домашна и да одат да си играат. Бидете строги и не попуштајте. Натерајте го детето да ја сфати важноста на учењето, без разлика колку пати ќе треба да го повторите.

На секое дете му треба цврста рака, додека се навикне на рутината и да го разбере значењето на упорноста во учењето.

 

Помогнете му на детето да се осамостои

Неколку совети како да му помогнете на Вашето дете да има повеќе самодоверба, а и за Вас за негово правилно воспитување
image
 Децата на возраст од 11 до 14 години од ден на ден стануваат се посамостојни и родителите им се помалку потребни. Секое дете е индивидуа сама за себе. Некои се зрели, некои помалку подготвени да се осамостојат. Родителите на деца над 1 години треба да работат на тоа детето се помалку да се потпира на нив.

Ова подразбира детето сите физиолошки потреби да ги врши самостојно, да е во состојба само на себе да си налее вода, да земе сендвич, да се организира што ќе облече. Детето треба да има чувство за времето, да води сметка да не задоцни на час.

СОВЕТИ за родителите

  • Бидете му добар пример

Покажете му на детето дека верувате во себе и своите можности, дека другите Ве почитуваат и ценат. Ќе се раководи по Вашиот пример, па ке успее и тоа да изгради своја личност.

  • Ценете го неговиот труд

Пофалете го секој негов обид да постигне или научи нешто и охрабрете го. Ако е потребно дајте му некој совет, но никако не критикувајте го.

  • Не инсистирајте ако нешто не сака

Пуштете го да созрева со темпо кое најмногу му одговара. Во спротивно ќе му ја уништите самодовербата

  • Не ги решавајте неговите проблеми

Ја заборавил опремата за физичко во училиште? Не прашал во колку часот почнува роденденската забава? Не правете го тоа наместо него!

  • Не го исмејувајте

Немојте да му се потсмевате поради некоја грешка или неуспех, затоа што така му ја намалувате самодовербата и храброста

 

Ова е поважно од сите петки во дневникот!

Sandra Todorovic, 14.7.2016

Превземено од      Редакција Рингераја,

Моите деца не се одлични ученици. Немаат чувство дека тоа е се што се очекува од нив, па приоритетите си ги одредуваат сами. Мачно ми е секое одење на родителска средба кога наставничката насамо ќе ми рече: “Стиснете ги малку”

Клучни зборови:

image

Отсекогаш им се восхитував на вредните, посветени деца, кои се одлични ученици, тренираат два спортови, свират некој инструмент и подеднакво се успешни во се. Им завидував на родителите кои имаат такви деца, посебно нив, на вложениот труд и снага сето тоа да го организираат и остварат. Срцето ми беше полно заради сликите на социјалните мрежи каде што децата ги бакнуваат своите златни пехари, а не знам ни кои се, ни чии се.

Моите деца не се одлични ученици. Немаат чувство дека тоа е се што се очекува од нив, па приоритетите си ги одредуваат сами.  Мачно ми е секое одење на родителска средба кога наставничката насамо ќе ми рече: “Стиснете ги малку”. Стискам и премногу, но изгледа тоа не е доволно. Посилно да стискам не умеам. Што воопшто значи, стискајте ги?

Се нервирав, ме болеше, бидејќи сакав да им покажам колку е успехот прекрасна работа и колку човек на крај се чувствува гордо. Во еден момент сфатив дека сакам и очекувам да го постигнат мојот успех од училиште и дека тоа е невозможно. Тие не се јас. Јас не умеам да им создадам чувство дека по часовите на училиште, треба да учат уште четири часа.

Сами се по цел ден додека сум на работа. За тоа време учат многу малку. Ја завршуваат домашната, а потоа прават сосема неверојатни работи. Тоа е она заради што сум горда на нив. Тоа се нивните златни пехари, со моето име изгравирано на нив. И никогаш не се објавени ниту на една социјална мрежа.

Моите мали девојчиња одлучиле да ми направат торта. Вистинска. Одозгора со шлаг. Нашле некој едноставен рецепт на интернет и ми ја направиле за роденден. Ставиле и свеќи. Заштедиле од ужината. Тој ден не јаделе на училиште за да стават бројка 40 на мојата торта. Син ми ги поправил фиоките кои се разлабавиле. Тогаш плачев, а и тие плачеа. Ја изедовме тортата, а потоа ги однесов на ќебапчиња.

Добивав саксии со насадено цвеќе, грашок со шеќер, домашен печен леб (се сеќавам дека делуваше како нешто дрвено), поправени кваки, средена тераса, со чаша ладен сок, кој ме чека на масата. Ме дочекуваа со омилените песни кога ќе влезев дома.

Ми пишуваа песни, цртаа ремек дела на кои пишува дека се за мене и дека сум јас најдобрата мајка на светот. Куп поклони направени од крпчиња, стапчиња за сладолед, лак за нокти и резанци. Мојата бела, досадна спавача ја исцртаа со фломастери, да биде шарена за спиење и поубаво да сонувам. Ја исчистиле кадата и умивалникот, спростриле алишта. Ја менуваа сами својата постелнина, а кај мене ја ставаа омилената, портокаловата. Ми правеа обетки од цреши кои сами ќе ги набереа, ме тешеа кога ќе дојдеа претешки денови. Не грижи се мамичке, се ќе биде во ред. Одеа по набавки, го бањаа кучето и го носеа на ветеринар. Му помогнаа на другарчето околу некој проект за на училиште.

Ми го масираа и мачкаа грбот еднаш кога се укочив и лежеа покрај мене додека не заспијам. Ми правеа чаеви кога бев болна. Илјадници утрински кафиња ме имаат дочекано на тераса. Носеа мачиња, кучиња и желки дома, за заедно да ги спасуваме. Ми ги оставаа најсмешните пораки на фрижидерот, ја разбираа мојата одлука да не живеам со нивниот татко. Отсекогаш беа мојата снага, мој двигател, моја инспирација. Моја екипа.

Нивните големи дела, ги прават нив тројцата најголеми личности во мојот живот. Од мене не зборува пристрасноста туку гордоста на тоа што во својот дом направив расадник на квалитетни луѓе кои ќе се снајдат во животот каде и да се. А тоа не може да го замени ниту една петка од математика, физика и хемија.

16 работи кои не треба да ги кажуваме на детето

Превземено од      Редакција Рингераја, 28.9.2016

Некои од фразите – позитивни или повеќе негативни, кои ги користите во воспитувањето на своите деца, можат да имаат долготраен и доста сериозен ефект врз нивниот развој
image
Ова е список на фрази  кои е подобро никогаш да не употребувате, ако сакате вашето дете да расте среќно, а и да чувствува колку е сакано.

Се што правам е за тебе

Замислете – тоа всушност не е вистина. А освен тоа неизживениот живот на родителите е една од работите кои им штетат најмногу на децата. Според научниците оваа реплика не остава простор за гневот и болката на малите. И тие често мислат: “Ако мама и тато секогаш прават се за мене, зошто сум им лут? Сигурно јас сум причината да се чувствувам така. “А тоа е доста погрешно.

Помина добро на тестот, но зошто секогаш не е така?

Кога пофалбата е секогаш проследено со едно “но”, таа всушност го става фокусот не врз постигнувањето, туку врз претходен неуспех. Не користете ја оваа фраза, ако сакате навистина да ја подигнете самодовербата на детето и да го мотивирате за уште успеси.

Ме нервираш!

Погрижете се, што и да се случува, да останете спокојни пред своите деца. Освен што речиси секогаш жалиме дека сме рекле нешто кога сме биле лути или фрустрирани, задржувањето на самодовербата е начин да им покажеме на децата како сакаме тие да се однесуваат. Ова е особено важно за родителите кои имаат склоност лесно и брзо да се лутат. Децата не се одговорни за тоа нивните родители да се чувствуваат добро, туку токму спротивното. Се разбира дека е важно да сфатат дека нивното однесување влијае на луѓето, но е исклучително несоодветно да сакаме од нив да се однесуваат на одреден начин, со кој се одговорни за чувствата на родителите, велат научниците.

Не јади го тоа, дебелее

Кога станува збор за тоа да ги натераме децата да се хранат здраво, научниците се категорични – фокусирајте се на придобивките и убавиот вкус на здравата храна, а не на лошите последици за тежината, како што е дебелеењето. Коментарот дека детето е дебело  може само да го вознемири и да ја намали неговата самодоверба.

Види колку сум се здебелила – треба да бидам на диета

Кога имаме лош ден, често ни се чини дека не изгледаме добро – имаме ќеси под очите. И ужас – пак сме качиле неколку килограми! Колку и лошо да ви изгледа одразот во огледалото, замислете се малку, пред да се жалите, бидејќи за вашето дете сте најубавиот и прекрасен човек и тие сакаат да станат исти како вас. Кога го критикуваат начинот на кој изгледате, не само што ја рушите сликата за себе во очите на детето, туку и го учите да не го сака своето тело.

Престани да плачеш веднаш!

Важно е да им дозволувате на децата да плачат и да ги покажат сите свои емоции. Тие имаат потреба да знаат дека е нормално да се чувствуваат среќни, тажни, лути, разочарани, сакани. Замислете – никогаш не би рекле на возрасен да престане да плаче, па зошто да го кажуваме тоа на малите, кои се уште поранливи? Не треба да очекувате вашето дете да се однесува како возрасен, едноставно поради тоа што се уште не е.

Голема работа!

Дури и нешто да не е толку важно за вас, тоа може да е голема работа за вашето дете. Кога ќе ја изговорите оваа фраза, тоа ги повредува нивните емоции. Не само што се срамат од она што за вас е сеедно, туку и ќе се засрамат при вашата реакција. Коментарот “Голема работа!” Не помага никому – ниту на децата, ниту на возрасните

 Толку си мрзелив / а

Децата не се такви. Често има скриена причина за тоа да не можат да ја завршат задачата која им е дадена. Со оваа фраза родителите ја напаѓаат самодовербата и самопочитувањето на своите деца.

Побрзо да одиме

Ова е една од најчесто користените реплики во секое семејство, но никогаш не води по себе до тоа да направиме нешто брзо, туку едноставно да станеме напнати. И во ритамот да заборавиме нешто за што потоа ќе жалиме и ќе треба да се вратиме. Наместо да им велите на своите деца да побрзаат, подобро им објаснете што да направат, советуваат психолозите. Често има скриена причина децата да не можат да ја завршат задачата која им е дадена.

Не прави така – што ќе помислат луѓето?

Многу луѓе се обидуваат да најдат најдобар начин да го научат детето да разликува добро од лошо. Кога ги учиме децата да се срамат од својата постапка пред другите луѓе, не му покажуваме што е подобро однесување. Така всушност доаѓа до лажење и криење на грешките. За да го научиме едно дете да разликува добро од лошо, треба да се изгради кај него вредносен систем кој нема да премине во страв од мислењето на другите

 Зошто треба да повторувам по 100 пати?

Ако треба да му го повторувате истото на детето, треба да разгледате друга  стратегија на комуникација со него. Досадувањето сигурно не треба да е дел од неа – децата имаат селективно слушање и ќе престанат да ви слушаат, ако почнете да го правите тоа. Наместо тоа обидете се со отворени прашања и така ќе ја постигнете својата цел. Наместо да го карате дека се тепа со својот брат, покажете му како е правилно да се дружи со него.

Не те сакам

Во животот детето сигурно ќе направи многу различни грешки. Но како вие родителите знаете дека колку и голема глупост да направи тоа и колку да сте разочарани во даден момент, не можете да престанете да го љубите. Не лишувајте го  детето од љубовта дури и на зборови.

Пак се однесуваш како бебе!

Не треба да очекувате вашето дете да се однесува како возрасен, едноставно поради тоа што се уште не е. Често децата се враќаат кон старите навики и начин на однесување кога се нервозни, нестрпливи или се плашат. Наместо да ги засрамите, обрнете внимание на нивните чувства.

Не го прави ова

Оваа фраза не учи на посакуваното однесување од родителот. Обидете се да го промените фокусот. Наместо да му кажете: “Не удирај го брат ти”, може да го земете во раце и да му покажете како да го гали бебето.

Додека живееш во мојата куќа, ќе правиш што ти велам!

Заканата дека ќе го фрлите детето од куќата своја, е исклучително лоша идеја по толку многу причини, велат психолозите. Кога ја изговарате оваа фраза, или ќе го исплашите детето и ќе го повредите, или тоа ќе си помисли: супер, и ќе започне да ја разгледува можноста да си замине. Со изговарајте ги овие зборови, бидејќи се празна закана, која може да се сфати сериозно.

Чекај само татко ти да се прибере

Изговарањето на оваа фраза од страна на родителите е меч со две острици. Тоа предизвикува во свеста на детето модел на постојан страв и анксиозност. Фигурата на другиот родител се поврзува со казна, а тоа доведува до уништување на неговиот однос со детето. И тука заканата покажува неспособност за справување со ситуацијата и со самото дете.