ЗА ЖЕНИТЕ

Сте чуле ли некогаш за упорност до крај,

за борење до последен здив,

за очи полни сјај?

 

Сте чуле ли за плешки како карпи,

За срце кое сака да пукне, а не смее,

За срце кое душа нема, а од љубов тлее?

 

Сте чуле ли за ноќи кои се потемни и од ноќ,

За утра кои се чини нема да разденат,

За колена кои клекнуваат и губат моќ?

 

Сте чуле за глас кој од бол трепери,

за глас кој и тогаш утеха ќе ти пружи,

за глас кој не се предава, а се гуши?

 

Сте чуле ли за пожртвуваност и љубов,

за откажување од последно парче леб,

за посветување некому живот сет?

 

Сте чуле ли за срце кое повеќе сила нема,

за истото тоа кое и тогаш замав зема,

за срце кое за друг од себе се збогува?

 

Сте чуле ли за време бреме кое седата коса го носи,

за приказни во линиите околу изморените очи,

за солзите позади насмевките сочни?

 

А сте чуле ли за жена,

за борец, непокор, моќ?

 

Сето ова е жена,

онаа како гранка која ја виткаат,

а не се крши.

 

Ова сме ти и јас,

ова сме сите жени на овој свет,

ова сме ние кои се слушаме и кога немаме глас.

 

Илина Тодева IX 1 одд.

 

I награда на литературниот конкурс

по повод 8 Март – Ден на жената

 

 

ЛИТЕРАТУРЕН КОНКУРС И ЛИТЕРАТУРНО ЧИТАЊЕ НА ТЕМА 8 МАРТ – ДЕН НА ЖЕНАТА

По повод празникот 8-ми Март – Денот на жената  во нашето училиште ,,Дане Крапчев” беше организиран литературен конкурс. Право на учество на конкурсот имаа сите ученици од нашето училиште, а учествуваа   29 од нив со лични литературни творби.

На денешното литературно читање кое се одржа во просторијата на училишната библиотека во присуство на неколку наставници, директорката и библиотекарот со почеток во 12.00 часот, преку поетски и прозен  литературен мозаик учениците ја покажаа почитта и љубовта кон своите мајки, баби и наставнички…

За оваа пригода беа доделени награди (книга) за најуспешните литературни творби во предметна и одделенска настава и тоа:

I награда за личната творба ,,За жените” – Илина Тодева IX 1 одд.

I награда за лична творба ,,Мајка” – Кирил Недев IV 4

II награда за личната творба ,,Мојата мајка” – Ања Јованова V4 одд.

Библиотекар – Жаклина Атанасовска