106 години од раѓањето на нашиот патрон Дане Крапчев

Во 1912 година во едно студено и магливо утро на 2 февруари во семејството Крапчеви се роди уште едно машко дете кое го доби името Дамјан-Дане.

Неговиот татко беше роден во Прилеп, а работеше како чиновник во Шумадија и повеќе градови во Македонија, најдолго во Скопје. Па така своето образование Дане го стекна на разни места. По завршување на гимназијата се запиша на Правниот факултет во Белград.

Наскоро умираат мајка му и најстариот брат. По оваа случка се одделува од родителскиот дом се населува во Дебар Маало (Скопје) каде живее под кирија доста скромно и бедно. Поради немање материјални средства принуден е да се вработи и вонредно да ги продолжи студиите. Болката се надополнува со длабокиот револт во душата од злосторничкиот режим. Потресен од суровите сцени Дане си даде завет дека ќе ја види сопствената татковина и сопствениот народ слободни.

Почетните месеци од 1941 година беа обележани со крупни настани. Дане сметаше дека тогаш може да покаже сé што дотогаш научи. Тоа и го стори. Истата година застана под знамето на тогашната КПЈ и неуморно се подготвуваше за долгоочекуваната офанзива што требаше да се случи во 1944 година. Со формирање на Првиот скопски партизански одред Дане беше одреден за политички комесар и со својата чета дејствуваше на Скопска Црна Гора.

Се случи и тој очекуван пролетен настан кога се вклучи кон партизанските единици назначен како политички комесар. Поседуваше високи квалитети и способност истите да ги пренесе и на другите борци. Неговото учество во НОБ беше од огромно значење за подигањето на борбениот дух кај сите партизански сили и секогаш живееше со мотото дека по бурата ќе се појави светлината.

Но за жал тој беше еден од оние борци кој не успеа да и се восхити на светлината. Токму во таа 1944 година на 24 Мај кога батаљонот тргнуваше во еден од последните јуриши во бујната, шумовита Плачковица залутан куршум го најде своето место токму во телото на Дане. Во тој миг згасна еден млад живот, храбар борец и смел син на нашата татковина. Згасна во најубавото годишно време –пролетта, во најубавиот месец мај и овој месец го закити со уште една значајна дата.

Тешка беше загубата. Остана закопан во пазувите на планината, со себе ја закопа војната, а ни ја подари слободота.

Како ученици во ова училиште горди сме што учиме во училиштето коe го носи името на човек кој целиот свој живот го посвети на татковината. Чувствуваме должност гордо да се поклониме пред бистата на Дане Крапчев, да положиме свежо цвеќе, затоа што тој со својот боречки револуционерен и неуморен дух стана причина за нашата гордост.

Иако тој не е веќе меѓу нас , не може да се заборави еден таков човек кој служи како пример на секој млад човек, за тоа како треба да се сака татковината.