ПРОФ. Д-Р СВЕТОМИР БОЈАНИН: РОДИТЕЛИТЕ МОРААТ ДА СОЗРЕВААТ ЗАЕДНО СО СВОИТЕ ДЕЦА!

Преземено интервју со проф. д-р Светомир Бојанин, каде што зборува за некои од вечните родителски теми, за суштината на воспитувањето, за тоа како да се биде добар пример на своето дете и како кај него да се поттикнат радоста и интересот за тоа што го учи или го прави.

Што е воспитувањето? Постојат толку многу „модели“ на воспитување што просто ги збунуваат и загрижуваат родителите, кои се прашуваат дали го избрале вистинскиот начин. 

Не постои научно воспитување и нема никаква наука за воспитувањето, сето тоа се лаги и измислици. Воспитувањето е нормален, емоционален и спонтан однос меѓу нас и нашите деца. Кога го прашале големиот германски философ Гадамер, кој е најдобриот начин за воспитување на децата, им одговорил дека првенствено најдобро е секој сам да се воспита, па така ќе знае како да воспитува и деца. А, кога го прашале – како да ги израснат децата за да бидат образовани, им рекол – образовајте се себеси и вашите деца ќе бидат образовани! Тоа е голема вистина и мене многу ми смета кога се даваат рецепти за воспитување.Нашиот живот е, всушност, воспитен процес. Кога нешто не штима, кога не се чувствуваме добро, тогаш можеме да се посоветуваме и со стручњаци.

Што значи да се биде посветен на детето? Која е вистинската мера на таа посветеност – како би знаеле дека не сме претерале, од една страна, и од друга дека не сме го занемариле премногу?

Велиме дека ги сакаме своите деца, но тоа не треба да се покажува на начин што ќе им ги наметнеме нашите рецепти и концепти преку воспитувањето. Кога ги сакаме децата, си играме со нив додека се мали. Кога ќе наполнат 3-4 години, бараме да ни помогнат во домаќинството, да ни ја додадат крпата, да направат нешто, да однесат/да донесат. Тоа е еден вид игра за детето, а за нас тоа е работа. Детето мора низ животот да нè апсорбира нас. Сè уште никој не ги воспитал своите деца со упатства. Ниеден родител не им рекол на своите деца да крадат, да се тепаат на натпревари, а децата сепак го прават сето тоа. Според тоа, се работи за некој друг дефект во воспитниот процес. Ако родителите се расправаат меѓу себе, а му кажуваат на детето да биде учтиво, да не влегува во конфликти и да биде пристојно, е нешто бесмислено! Проблемот е што децата се воспитуваат угледувајќи се. До 10-11-годишна возраст, зборовите се многу малку присутни во воспитниот процес. Детето гледа што правиме ние. Нè гледа како посегнуваме нешто да дофатиме, како седнуваме, како се насмевнуваме, како кажуваме (или не кажуваме) „добар ден“ кога доаѓаме дома. Гледајте како ве имитираат! Ќе видите многу нешта што нема да ви бидат пријатни.

Кога ќе потпораснат, девојчињата и момчињата посериозно учествуваат во миењето на подот, во расчистувањето на домот, во подготвувањето на ручекот, во животот. Кога некој постојано седи, или учи или постојано нешто работи, и ги милува своите деца само кога ќе поминат покрај него, тој не ги воспитува децата на саканиот начин… Кога сме цело време надвор од дома, на работа, на службен пат, надвор од видното поле на детето, тогаш не учествуваме во нивното воспитување.

Што значи „цивилизирање“ на детето?

Детето мора да влезе во некоја цивилизација – да се научи како и кога се мијат рацете, кога се случуваат семејните празници, да знае кога се седи или не се седи на маса, мора да влезе во тоа што сме ние. Не можеме да го учиме детето на некаква цивилизација во која не припаѓаме ни самите. Затоа што ако вие не им сте во видното поле, ќе им бидат некои ликови од телевизија. А таму некогаш сме гледале каубојски филмови, каде точно се знаело кој е разбојник, а кој е добар, кој треба да се сака, а кој не. Детето, пак, сака акција, сака движење. Ја сака правдата. Меѓутоа, на тв-сериите што се прикажуваат секоја вечер, веќе не се знае кој е разбојник, а кој не е. Разбојниците се понекогаш толку шармантни и децата се идентификуваат со тие што ги гледаат. Или од прикажувањето на некоја тепачка меѓу навивачите на фудбалски натпревар. Нема потреба да го гледаме тој инцидент. Тоа треба да го гледа полицијата, а не некој татко фан на Ѕвезда, на пример, со своето дете.

Дали денешните родители ги преоптоваруваат децата со премногу активности, некогаш поради чувство на вина дека многу работат, а малку им посветуваат внимание?   

Отсекогаш било така. Важно е тоа што сакаме да им го дадеме, да им го дадеме со нашето учество и со нашето задоволство. Ние да ги носиме на тренинзи, на часови. Ние, како родители, имаме некој наш концепт како да ги воспитуваме. А кога родителите се зафатени со работата, секогаш постојат бабите, или некој друг. Но, и кога не постои друг освен мама и тато, ако тие поминуваат квалитетно време со своето дете – нема да постојат никакви проблеми. Тоа би значело да одат еднаш неделно некаде заедно, да живеат во хармонични односи, детето во сè да учествува, да има свои задачи како и неговите родители…

Проблемот е ако родителите времето со децата не го поминуваат вистински со нив. Некои велат: „Сега имаме и куќа, децата имаат своја соба со телевизор и пак не сакаат да учат.“ Па, нема да сакаат да учат, затоа што ни таткото ни мајката ништо не учат. Дури ни весници не читаат!

Имав еден колега кој многу се разочара од себеси. Претурајќи со ќерка си во нејзината библиотека од детството, прокоментирал: „Што сè си добила за роденден, а никогаш не си ги отворила сите овие книги“. „Не сум ги отворила“, му рекла таа, „затоа што кога ги добивав од тебе сите тие книги за роденден, секогаш мислев дека ти ќе ми ги читаш. А, ти секогаш си читаше нешто твое, мене не ме ни забележуваше!“ Не се прави тоа така. Можете и да ги замолите децата тие вам да ви прочитаат нешто, секако, изберете книга што ним ќе им биде интересна.

Во една прилика имате кажано дека на децата им е потребен авторитет со чесно и естетско однесување. Какво е тоа „естетско однесување“?

Секое семејство, секој крај во градот има своја естетика. Тоа е принцип. Мајката секогаш да биде уредна, на пример, или точно да се знае што се очекува од членовите на семејството. Проблемот е дали доволно ги импонираме како луѓе нашите деца, за тие да нè имитираат? Или ние за нив сме некои татко и мајка, а тие имитираат некои други кои биле позабележителни, поблиски, повпечатливи. Естетиката е взаемно почитување, детето од мали нозе да го воспитаме да ги почитува другите. Постојат семејства што викендите ги поминуваат со весник в рака и пред телевизор. Но, има и семејства што секој викенд го поминуваат на различно излетничко место. Воспитуваме со начинот на кој се однесуваме и со тоа како изгледаме. Дали ги миеме забите или само бараме од децата да ги мијат своите заби? Дали миеме раце пред и после оброкот, или само бараме од децата да го сторат тоа? Ако самите не го правиме тоа што бараме од децата да го прават, значи дека сме во конфликт, дека нити тие нам ни веруваат, нити ние ним. Детето кога ќе тргне на училиште, а и пред тоа, сака да им биде важно на луѓето кои нему му се важни. Ако на етички начин го научиме да биде „некој“ без да се потсмеваме со човек што има голем нос или е дебел, ако го воспитуваме да ги почитува другите и ако гледа дека и ние имаме почит за луѓето, тогаш нема да има проблеми.

Дали денес родителите премногу ги штитат децата, загрижени заради различни опасности за кои постојано се зборува, и на кој начин тоа влијае врз младите?

Имав еден познаник кој на својата дванаесетгодишна ќерка ѝ купи велосипед. Јас загрижено го прашав дали не чувствува опасност да вози низ Белград, сепак е прометно. Тој ми одговори: „Е, мој докторе, најопасно е да се живее.“ Ми се чини дека научив нешто од тоа. Секако дека треба да го чуваме детето, додека е мало да не чепка во струјата. Тука нема објаснувања – не смееш и точка! Како што детето станува попаметно и позрело, така повеќе му дозволуваш, повеќе се потпираш на него, на неговата самозаштита и самоанализа. А забраната за тоа што детето го сака, а не го разбира – нема зошто да се објаснува. Грижата за децата мора да биде активна, но и ние родителите мораме да созреваме заедно со нашите деца. А ризикот го преземаме колку што можеме. Ризикот да се премине улица е ист и за нас, возрасните, и за децата. Мораме да знаеме што може детето, и што можеме да му дозволиме ние. Загрижени сме, но сепак мораме.

„Кога да престанеме да се грижиме? Нема да престанеме. Но, мораме да престанеме да го попречуваме детето во растењето. Колку повеќе го заштитуваме, толку помалку го штитиме.

Како да се избориме со проблемите во учењето и вечната дилема – дали треба да им вршиме притисок или тоа ќе предизвика уште поголем отпор кај нив? 

Мораме да ти тераме децата да учат! Но, мора да знаеме дека децата ќе бидат успешни само ако го засакаат тоа. Мораме да се потрудиме да им го „засладиме“ учењето за да сакаат да учат. Не е исто дали го малтретираме детето да учи или учиме заедно со него. Никогаш не смееме да му речеме: „Оди учи, оди работи!“ Од нулта до петнаесетгодишна возраст мораме да работиме со нив. Па, кога детето ќе се врати дома со лоша оцена, треба да му речеме: „Ајде да се обидеме да го решиме проблемот!“ Како што детето полека во сè ќе се индивидуализира, така ќе се индивидуализира и во работата. Ако сме успеале да го мотивираме, само ќе сака да работи. Ако, пак, не сме успеале во тоа, ќе мораме да го натераме. Се вели „не го уништувај стариот бунар додека ѕидаш нов“. Додека не најдеме подобар модел, не смееме да го уништиме тоа што сме го имале до тој момент. Така што мораме да ја исфрлиме казната од секој проблем во учењето. Проблемите во учењето се сериозна работа и не можеме да бараме од детето да учи, а истовремено да му раскажуваме дека соседот успеал да изгради куќа, а нема никакво образование, нити пак работи нешто. Кога пред детето ги озборуваме другите или зборуваме дека школото денес ништо не вреди, тогаш ги збунуваме нашите деца.

Објавено на 14.11.2016 во категорија Образование
Подготвил: Б.Б.