Работилница „Ученичко учество“

По кратка пауза и на наша голема радост, продолжуваме со активностите во рамки на проектот „И јас имам глас“, во организација на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. На 9.4.2021 година се одржа работилница на тема „Ученичка вклученост“, во која дискутиравме за правата и обврските на Ученичкиот парламент. Во работилницата зедоа учество ученици – членови на Ученичкиот парламент, наставници и директори од четири основни училишта од Македонија, меѓу кои и нашето училиште. Под водство на предавачот Томислав Гајтаноски се запознавме со законите кои го регулираат функционирањето на ова ученичко тело; со личните карактеристики кои треба да ги поседува секој член на парламентот за да може одговорно и успешно да ги претставува своите соученици и да ги застапува нивните права во училиште и пред наставниците; со обврските кои ги преземаме кога ја прифаќаме одговорноста да ги претставуваме нашите соученици; подетално се запознавме со надлежностите кои ги има Ученичкиот парламент; повторивме и некои знаења од предметот граѓанско образование кои се однесуваат на детските права. Со работењето во мали и поголеми групи се запознавме меѓусебе малку подобро, соработувавме и споделувавме идеи кои потоа ги презентиравме пред сите присутни. Атмосферата за време на целата работилница беше позитивна, предавачите, наставниците и ние учениците бевме расположени, мотивирани, активни и со задоволство ги изразувавме нашите ставови и мислења.

Алексеј Стојановиќ VIII-3