Третонаградени творби на ликовниот и литературниот конкурс во категорија од VI-IX одд.

Да се заштитиме седејќи дома и творејќи

       Животот е мозаик составен од светли и темни полиња, меѓу нив прошаран и со сите нивни свели и темни нијанси. Јас сѐ уште го живеам моето детство , најубавиот период од животот, барем така ги слушам ми велат постарите иако сѐ уште не сум го почуствувал тоа и не ги разбирам. И фразата дека животот е мозаик сум ја слушнал и самиот не знам од каде, но како растам така станувам свесен дека можеби и има вистина во тоа што го велат поискусните и помудрите од нас. Тоа го почуствував пред извесно  време, доволно долго за да сфатам многу работи за животот иако сум сѐ уште мал.  

           Беше вторник, десетти март кога отидов втора смена во училиште. Тој ден како и сите други денови се радувава што ќе излезам од дома, што ќе ги видам другарчињата, но бев и малку нервозен што тој ден имавме тест, а тестовите на секој од нас учениците и не ни се баш драги. Супер си поминав дента, супер поминав и на тестот, но кога завршија часовите разбрав дека од утредента нема да одиме на училиште наредните две недели. Не можам да опишам како јас и моите другарчиња скокавме од радост, всушност и бевме начуле дека се случува нешто, дека се појавила некоја заразна болест, но не ни бевме свесни што навистина значи тоа и колку е опасно, нас во моментот ни беше важно дека сме ослободени дома. Пресреќен отидов дома.Го фрлив ранецот онака со олеснување и ѝ кажав на мајка ми која беше веќе информирана.  Супер беше првите ден, два, три. Дома сите собрани како одамна што не сме биле, освен што не одев на училиште и мајка ми беше дома па се грижеше за нас , ни удоволуваше и правеше сѐ она што морав да го правам секој ден сам дури одев на училиште, а таа на работа. Поминуваа деновите и полека сфаќам дека не е сѐ така наивно како што ми изгледаше на почетокот.Моите постојано слушаа вести на телевизија,  а јас ја гледав нивната загриженост и полека сфаќав дека ситуацијата е сериозна. Иако ни беше досадно дома, несмевме да излегуваме надвор со сестра ми и постојано седевме дома. Не можев да одам ниту до малскиот кош да си поиграм кошарка со другарчињата, нешто во што навистина уживам. Наскоро почна да ми станува потешко и полошо дома, во однос на тоа да одам во училиште и да си другарувам со другарите. Постојано слушав дека ако седам дома ќе се заштитам од тоа зло, од заразната болест која ни го окупираше нашето секојдневие и нашите животи и ја демне мојата околина и сите драги луѓе кои сега сфаќам колку ми значат. Тоа зло кое ми го смени моето убаво, безгрижно  детско секојдневие , ме затвори дома, ми го ограничи движењето, заборавив како е веќе да  излезам на улица или во продавница слободно и сигурно како порано. Но сепак  верувам дека јас како и сите ние ако сме дисциплинирани и послушни луѓе, како што кажуваат на телевизија, ќе придонесеме да се спречи ширењето и да се уништи ова зло што нѐ обзеде. Животот ми се смени за кратко, но од сето ова  јас почуствував поголема топлина во домот, овој краток период како да нѐ зближи сите дома и ни покажа колку сме си важни едни на други, колку си требаме и колку си значиме. Моите како и многу други родители постојано беа во трка со времето и животот. Сега дома имам постојано топол ручек, некое домашно колаче од мајка ми но и разговор, игри, анимации и многу други креативни работи што порано немавме време да ги правиме. Освен тоа од самиот почеток на ситуацијава и од училиште имаме задолженија за да можеме успешно да ја завршиме оваа учебна година, па со тоа побргу и поубаво ми поминува времето, учам, ги праќам домашните работи на наставниците потоа чекам одговор и така…Ах другарчиња мои си седиме дома со цел да се заштитиме сами себе но и другите, но сфатив дека слободата која толку често сме слушале дека е важна, а толку тоа сме го потценувале, навистина била важна. И сега седејќи дома и пишувајќи го ова си замислувам како ќе помине ова за кусо време и повторно сите ќе  се вратиме на своите обврски, ќе играме,  ќе бидеме слободни како птици , но сите ние ќе научиме важна животна лекција.

         Седам дома, учам, творам, го живеам животот но не како до сега по свое, туку како ќе ни наложат, по нечии туѓи препораки, но секое лошо за добро е , како што рекле старите. Ајде по сето ова сите да излеземе победници, сите да сфатиме колку е важно прво сите да сме живи и здрави, да сфатиме колку е важно да си направиме муабет со соседот за времето или за некоја друга општа работа без притоа да не го гледаме во очи и избегнуваме старвувајќи дека можеби ќе нѐ зарази. Благодарение на оваа подмолна болест, сфаќам дека и не било сѐ така црно како што сме си мислеле, сега сфаќам дека животот  бил убав. Седам дома учам, творам и го чекам подоброто наше утре.

Дарио Ристовски 7-3 одд

Цртежот е на Давид Цветковски 8-3 одд.