Распоред за додатна, дополнителна настава и воннаставни активности за месец ноември

На следниот линк можете да го погледнете распоредот за додатна, дополнителна и воннаставни активности за секој наставник

https://drive.google.com/open?id=1wrGJkeoca4tZv6pDE0w0RLNmInEZ7RhB

Награден есеј на книжевната манифестација “Есен во Гази Баба”

На 31 октомври 2019 во ООУ “Григор Прличев” се одржа книжевната манифестација “Есен во Гази Баба – 2019″за која твореа ученици од сите основни училишта во Скопје. Беа прочитани фрагменти од наградените есеи меѓу кои е и есејот на Клара Караџовска од 6-2 одд. од нашето училиште. Во продолжение наградениот есеј

                  Годишното време кое многу ме разнежнува

         Есента дојде! Есента дојде!

         Ќе ме запрашате како и од каде знам.

        Ја видов! И пак ќе речете: како можеш да ја видиш? Ја видов, навистина.

     Таа не дојде одеднаш, во само еден миг, туку доаѓаше постепено и тивко со своите жолтеникаво-кафени бои и со сета своја убавина, но јас го видов нејзиното доаѓање. Јас забележав одненадеж дека во нашиот двор на старата липа убавите, зелени листови и стануваа постепено жолти, па потоа потемни и на крај добија кафена боја и почнаа да паѓаат на земјата. Сега кога одам по дворот, кафените листови шушкаат под моите нозе и создаваат многу пријатен звук, како да шумолат. И старата јаболкница веќе има жолто-кафени листови, но таа има и убави ,крупни, зрели плодови, кои ги собравме за во зима. На лозницата, што дедо ми ја имаше одамна засадено во дворот и оваа година има убави крупни гроздови, а тие се веќе сосема созреани. Грозјето има слатко-киселкаст вкус кога го јадеме, но бидејќи не можеме да го изедеме целото, дедо ми издвои еден дел и направи вино и свари ракија од него. Во нашиот двор ја нема веќе ни раззленетата трева која цело лето ја залевавме со вода. Се исуши, а на местото на зелените тревки сега ѕиркаат сиви ,исушени сламки, но и тие имаат многу убави и различни бои што се прелеваат во различни нијанси. Но ,не се само овошките ,тие по кои забележав дека есента дојде. Мојата јакничка која од минатата година стоеше во плакарот, сега е извадена на закачалката, затоа што кога наутро одам на училиште ми пристудува. Ги нема веќе високите температури кои летото на заминување ги однесе со себе.Сега температурите паднаа, а денот завршува многу порано. Веќе во пет часот сончевите зраци полека се сокриваат зад хоризонтот, а темнината се надвиснува над денот.

  Сепак, покрај сите обврски и промени, јас ја сакам есента. Навистина ја сакам, затоа што таа е годишното време со најмногу бои. Малку ми е жал затоа што нема веќе игри во дворот со другарките, веќе почнаа нашите училишни обврски, па не ни останува многу време за игра. Не можеме да го дочекаме крајот на денот надвор, во игра, затоа што училишното ѕвонче одамна не повика во училишните клупи, па моравме да заборавиме на безгрижните игри на правливата улица. Тоа безгрижно време сега го заменивме со пишување училишни задачи дома, покрај печката од која се шири пријатна топлина, а дрвцата што горат прават убава црвена жар и шират прекрасен мирис на топол дом. Мирисот е надополнет со мирисот на компотот што баба ми го вари на истата таа печка приготвен од резанки од зрели круши и јаболки, кој јас и сестра ми го пиеме додека е топол, а верувајте ми, има прекрасен вкус. Есента ја видов и на улица, кога со мајка ми одевме да завршуваме некои обврски за дома. Не е само мојата јакна извадена од плакарот, и другите луѓе ја пронашле својата есенска облека , па ги нема веќе летните куси маички на прерамки, шарените здолништа и кусите панталони. Сите луѓе се сокриени под дебелите палта, мантили и јакни, а по некои носат и чадори затоа што небото се мршти, покриено е со облачиња и најавува дождливи денови. Но јас немам време да размислувам за дождот, зашто носот ми го скокотка мирисот на печен клас од пченка и печени зрна костени, што ги продаваат уличните продавачи, а мирисот станува уште посилен додека поминуваме покрај нив и гледаме во малите црни плотни на кои ги прпелкаат и печат. Мајка ми ни купува по еден фишек со топли костени, а јас и сестра ми ги префрлуваме од рака во рака, зашто се врели, па нашите малку смрзнати раце не можат да ја издржат топлината. Но, нестрпливи сме да ги пробаме, а на помислата на нивниот убав вкус кој не сме го пробале од минатата есен, ни се создава плунка во устата.

      Тоа е есента, си помислувам, таа има толку убав вкус! Вкус на многу зрели овошки, вкус на постудено време, вкус на топла облека. Таа е предвесник на зимата, но додека да дојде зимата, ние имаме време убаво да се изнауживаме во нејзините прекрасни зрели вкусови и подготвени да ја дочекаме студената зима.

OOУ Дане Крапчев    ментор Јагода Филиповска                                                                            Клара Караџоска VI-2

Соработка со наставник од Шведска на часовите по физичко и здравствено образование

     Во период од 28.10 до 02.11.2019 г. учениците од  V-1   одделение од ООУ ,,Дане Крапчев” –Скопје и нивната наставничка Данче Костовска – Јакимовска имаа несекојдневна можност да бидат домаќини на наставникот  Роби Костовски – кои 16 години работи како наставник  по физичко и здравствено образование со ученици од VII до IX одд.во Шведска.

     Беа реализирани  несекојдневни  часови со многу динамика, тимски игри, часови на кои на прво место беше развивањето на  тимскиот дух, почитувањето на правилата на игра, градењето чесен однос кон соиграчот и противникот, правилното користење на реквизитите, јакнењето на самодоверба ,упорноста и желбата за успех и напредок.

     Игрите: ,, Јоши”;  ,, Јенка”;   ,,Кинески ѕид”; ,, Изгорена топка”;  ,,Опавче”; ,, Кенгури”;                   ,,Воз”; ,,Кој помалку”;  ,, Каде е топката”  ;и многу други предизвикуваа големо воодушевување , правилата беа совладувани брзо ,а игрите –изведувани со големо задоволство.Часовите траеа повеќе од предвиденото , а замор не постоеше.

     Учениците имаа можност преку видео презентации да видат во какви услови и на кои начин се изведуваат  часовите по физичко и здравствено образование во Шведска.

   Од остварената соработка користа за наставникот беше непроценлива –задоволството и радоста кај учениците немерливи.

   На разделбата имаше многу емоции и ветувања. Наставникот го испративме со изработена ,,Книга на спомени “ .Секој учениk даде ветување дека спортските активности ќе  бидат дел од неговото секојдневие, наставничката даде ветување дека ќе го применува виденото и наученото ,а наставникот Роби ни вети повторна средба и ни порача:

                                   Избери здравје – избери спорт !

                                                            Здраво тело-здрав дух –здрава нација !

На следниот линк може да го погледнете видеото од оваа убава соработка

https://drive.google.com/file/d/0Bxmo1t5pSm5GaTI3TW93RlNib0pBd3lmVV9ZQ0dBbU9WYWpr/view?usp=sharing